И покрај фактот дека Кина е еден од трите најголеми светски извозници на зеленчук, овошје и бобинки, таа е исто така трет по големина увозник. Во исто време, увозот на овошје и зеленчук во Кина расте побрзо од увозот во останатите земји во светот, покажуваат податоците на порталот Eastfruit.
Во последните неколку години Кина ги надмина земјите како Велика Британија, Холандија, Франција и Канада во рангирањето на најголемите увозници на овошни и зеленчукови производи во светот.

Во 2019 година, Кина увезла 12,4 милијарди долари свеж, сушен и замрзнат зеленчук, овошје, бобинки и ореви, а увозот на овие производи во Кина се зголемил за за 24,9% за само една година.
За споредба, глобалниот увоз на овошје и зеленчук во 2019 година се зголеми за само 0,2%, додека увозот во првите 20 најголеми земји увознички пораснал за само 0,6%.

Општо земено, има само две земји во првите 20 најголеми увозници, освен Кина, кои го зголемиле увозот за повеќе од 10% за една година , тоа се ОАЕ (со 14,6%) и Индонезија (со 11,4%). Во исто време, увозот во Индија е намален за 20,2%.

Ако се земат во предвид просечните трендови во изминатите пет години, тогаш и тука Кина е меѓу лидерите во однос на стапката на увоз на овошје и зеленчук, втора само по Виетнам и Индонезија.
Просечниот годишен раст на увозот во Кина во овој период е 11,1%. Увозот на овошни и зеленчукови производи во Виетнам, во истиот период се зголемил за 17,4% годишно, а во Индонезија за 16,8% годишно.

Што увезува Кина?

Во изминатите неколку години увозот на овошјето дуриан во Кина растеше најбрзо и стана најувезувано овошје за кое во 2019 година Кинезите потрошиле 1,6 милијарди долари.
На второ место се црешите, а трето најувезувано овошје се бананите.
Исто така, Кина увезува во големи количини и ореви (пред сè индиски ореви и ф’стаци), разни егзотични овошја, трпезно грозје и киви. Па дури и увозот на јаболка, и покрај фактот дека Кина е на врвот на најголеми извозници на свежи јаболка, продолжува рапидно да расте.

„Кинеските потрошувачи се генерално лојални на увезената врвна храна, на која и веруваат повеќе , отколку на храната што се произведува локално. Факторот престиж, исто така, игра важна улога во тоа – увезените плодови често се купуваат како подарок или се купуваат пред да се поканат гости во куќата со цел да се покаже сопствениот успех и прогресивност “, објаснува Андриј Јармак, економист во Одделот за инвестиции на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Во исто време, факт е дека е многу тешко да се влезе на кинескиот пазар, бидејќи оваа земја има строги барања за безбедност на производите. Затоа, потребно е многу напор и трошок за влез во кинескиот пазар.
„За секоја позиција на производи од овошје и зеленчук, треба да поминете посебна постапка за влез на кинескиот пазар, која е многу скапа и долга. На пример, само 8 земји извезуваат свежи јаболка во Кина, а само 10 земји во светот извезуваат цреши. На пример, Украина, многу години, неуспешно се обидуваше да се договори за протокол за снабдување на Кина со свежи цреши и боровинки “, објаснува Јармак.

Според податоците од Државниот завод за статистика, од македонските извозни производи во делот на храна и пијалоци, досега на кинскиот пазар успева добро да се пробие само виното. Во првите осум месеци годинава во Кина е извезено вино во вредност од околу 600 илјади евра. Многу помал извоз од околу 68 илјади евра има на кондиторски производи. 

Како и да е, со оглед на динамиката на пазарот и демографијата на Кина, овој пазар ќе остане и во следните години многу привлечен за добавувачите на свежо, суво и замрзнато овошје и зеленчук .

 

Извор: Eastfruit