Со 8,3 милиони долари, УСАИД ќе помогне да се зајакне економската конкурентност, да се намали корупцијата и да се зголеми младинското учество во општествените текови во земјава. За таа цел, денеска во Скопје беше потпишан Договор за грант за партнерство за развој меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија. Договорот беше потпишан од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.

Двете страни се обврзуваат заеднички да соработуваат за остварување на овие три клучни цели, а водечката улога ќе ја има Владата.

Според министерот Бесими, потпишувањето на денешниот договор е потврда за долгорочното партнерство со САД, а трите клучни развојни цели соодветствуваат со програмата на Владата и целите зацртани во Стратегијата за зајакнување на економијата, забрзан и одржлив економски развој.

– Минатата година кога станавме полноправна членка на НАТО постигнавме историски напредок во нашата евроатланска агенда која беше зацртана уште од осамостојувањето на државата. Сега ни претстои период кој е клучен за иднината на земјата. Примарно, тоа е надминувањето на предизвиците на Ковид за економијата, но истовремено и продолжувањето на реформската агенда за креирање подобар систем за просперитетна, силна и добро управувана држава која придонесува за регионалната стабилност и има европска иднина, истакна Бесими.

Трите приоритети во договорот се избрани преку широк консултативен процес и се базираат на области кои ќе имаат најдолг позитивен ефект.

– Ваш најголем предизвик е корупцијата, една од најголемите ваши потреби е економскиот раст и стабилност, а ваша најголема надеж се младите. Корупцијата не само што го поткопува владеењето, туку ја саботира и економската конкуретност и можностите на младите во иднина, порача американската амбасадорка Кејт Брнз.

Корупцијата е област на која ќе биде посветено најголемо внимание бидејќи тоа е најголем предизвик не само во Северна Македонија, туку и многу други држави во светот. Претставникот на УСАИД во земјава гледа напредок во Северна Македонија во оваа сфера.

– Тоа може да се постигне со јакнење на институциите и работа со граѓанските организации, значи да се зголемат и очекувањата на граѓаните и граѓанските организации за отчетност и транспретност. Ова е суштински проблем, не само во Северна Македонија, туку и во други земји во светот. Ќе продолжиме да соработуваме на ова поле, порача Јаноски.