Фармацевтската компанија Алкалоид АД објави дека првите три месеци годинава работела успешно и покрај благиот пад на приходите од извоз, успеала да ја одржи зголеми профитабилноста, да продолжи со нови инвестиции и вработувања. Од компанијата информираат дека остварените резултати во првиот квартал од 2021 година ги надминуваат зацртаните плански цели.

Денеска објавениот изветај на Македонската берза покажува дека Алкалоид во првите три месеци годинава работел со вкупни консолидирани вкупни приходи од 54,8 милиони евра и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат пад од 3%.
Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат пад од 4%.

Од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид, 67% се остварени на странските пазари. Продажбите на странските пазари во првите три месеци годината изнесуваат 35,6 милиони евра и се пониски  во однос на ланскиот прв квартал за околу 9%, кога заради здравствената криза побарувачката за лекови беше зголемена.

“Минималното намалување на продажбите во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период од 2020 година се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти и тоа, пред сѐ, на извозните пазари, што беше реализирано во март 2020, предизвикано од почетокот на КОВИД-19 пандемијата, се вели во објаснувањето од Алкалоид.

Од вкупните консолидирани продажби, 33% се остварени на домашен пазар, додека 67% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби.

Приходите од продажба, пак, на домашниот пазар изнесувале 17,6 милиони евра и бележат раст од 14% во однос на истиот период 2020 година.

Но, сепак Алкалоид успеала да ја зголеми профитабилноста. Според објавените извештаи консолидирана  добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигнала  606.551.018 денари (9,86 милиони евра) и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 346.686.179 денари (5,6 милиони евра) е зголемена за 10%.

Инвестиции

 Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-март 2021 година, изнесуваат 178.821.567 денари.

Вработени

Во периодот јануари-март 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 58 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.430 вработени, од кои 1.860 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

Бизнис-план за 2021 година

 

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје  предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Остварените резултати во првиот квартал од 2021 година ги надминуваат зацртаните плански цели.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

 Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност.

Дивиденда

На 5 април 2021 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто дивиденда за 2020 година, во износ од 572.541 илјади денари, односно 360 денари нето за една акција.

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-март 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 14.530,00 денари или просечно 13.917,00 денари за една акција, што претставува раст од 14,9% во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.03.2021 изнесуваше 20,5 милијарди денари.