Компанијата за производство на железо и челик Либерти, или поранешен Арелор Митал ЦРМ, објави дека изминатата 2020 година остварила приходи од продажба од 106 милиони евра, кои непогодени од пандемијата имаат мал раст , што главно се должи на зголемените приходи од продажба од извоз, иако продажбата на домашен пазар бележи пад од 2%.
Околу 82% од вкупните приходи на Либерти се остварени од извоз, кој во овој период достигнал 87,5 милиони евра и е за 1% поголем во споредба со лани, покажува финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонската берза.
Изминатата година Либерти ја завршила со нето добивка од 30,3 милиони евра, што е значително подобрување во однос на загубата од 9,6 милиони евра остварена во 2019 година.
Оперативните расходи на компанијaта минатата годна се намалени за 11%, кое се должи пред се на постигнатата пониска цена на набавка на суровините и материјалите, како и поволната цена на челикот.
Но, податоците покажуваат дека има значително зголемување на останатите оперативни приходи кои во 2020 година изнесувале речиси 32 милиони евра, додека во 2019 година истата ставка изнесувала само 93 илјади евра.
Значителното подобрување на финансискиот резултат од компанијата тоа го објаснуваат со направениот отпис на обврски.
“По одлука на менаџментот, во 2020 година беше направен отпис на обврски во нашите книги од минати години во износ од 1,9 милијарди денари, врз основа на глобалниот купопродажен договор на Либерти групацијата. Ова значително придонесе за подобрување на финансиската позиција на компанијата”, се вели во соопштението на компанијата објавено на Mакедонската берза.
Компанијата Либерти или поранешниот Арчелор Митал (ЦРМ) е 9-ти најголем извозник од земјава, која во 2019 година имаше извоз од 87 милиони евра.
Од компанијата информираат дека во 2020 година реализирале повеќе инвестиции кои секако треба да допринесат за подобар резултат и поголема ефикасност, а воедно и побрзо и на повисоко ниво извршување на работните задачи, како и подобар квалитет на производите и помал процент за отпад и оштетени производи.
Компанијата Либерти или поранешен Арчелор Митал, од јули 2019 година стана дел од британската Liberty House Group (Либерти Хаус Груп), која минатата година изврши преземање на 5 индустриски капацитети од Арчелор Митал во Европа, со вкупна вредност од 740 милиони долари.
Liberty House Group (Либерти Хаус Груп) е меѓународна групација со седиште во Велика Британија, специјализирана за производство на челик и алуминиум, со важни трговски операции со суровини и рециклирање на метал. Либерти Хаус има свои капацитети во Велика Британија, САД и Австралија како и во многу други земји.