Компанијата за производство на железо, челик и феролегури Либерти, или поранешен Арчелор Митал ЦРМ, објави дека во првата половина годинава остварила приходи од продажба од 75 милиони евра, зголемување за 56% во однос на истиот период лани, при што раст бележат и приходите од продажба на странски пазари и продажбите на домашен пазар.

Околу 82% од вкупните приходи на Либерти се остварени од извоз, кој во овој период достигнал околу 62 милиони евра, покажува финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонската берза. Изминатата 2020 година компанијата ја заврши со извоз од 87,5 милиони евра.

“Овој пораст се должи и на зголемениот обем на производство и отпрема на сите три производи, но и значителниот пораст на пазарната цена. Овој тренд на високи пазарни цени не само што ни овозможи и да оствариме поволна маржа на производите и покрај значителниот пораст на цената на главниот репроматеријал и позитивен оперативен резултат, туку и целосно покривање на останатите трошоци и амортизацијата, со што се остваривме позитивен резултат за првата половина од годината”, велат од Либерти.

Изминатата година Либерти ја завршила со нето добивка од 9,7 милиони евра, што значително подобрување од истиот период лани кога компанијата работела со загуба од околу еден милион евра.

Оперативните расходи на компанијaта во првата половина годинава се зголемени за 26%, кое се должи пред се поголемите трошоци за суровините и материјалите, кои бележат раст од 43%.
Од компанијата објаснуваат дека и покрај значително зголемената цена на репроматеријалот топловалана трака, со оптимизација на нарачките и залихата успеле да го сведат на минимум овој ценовен удар.

Позитивниот резултат од 2020  успеавме да го задржиме и значително да го зголемиме и за првата половина на 2021 што ја потврдува нашата заложба за успехот на нашата компанија а воедно и генериравме парични средства со кои го значително ги намаливме обврските кон добавувачите.

“Нашиот резултат главно зависи од движењето на цените на пазарот на кои за жал ние како мали производители во светски рамките не можеме на влијаеме, но се прават напори во на насока на максимизација во ползувањето на нивното поволно движење, а со цел креирање на позитивни резултати”, велат од Либерти.

Од компанијата потенцираат дека прв приоритет е безбедност и здравје на вработените како и животната средина.

“Во фокусот на групацијата е еколошкото производство, односно произвосдтво кое е јаглерод – неутрално, и тоа до 2030. Ова подразбира истражување во однос на најдоброто користење на новите технологии, како што е производство на челик со емисија на водород преку обновливи извори. Ова вклучува и рециклирање на челичен отпад во електрични печки и користење на обновливи извори на енергија. Целта е да се намали потрошувачката на струја и емисијата на СО2”.

Компанијата Либерти или поранешен Арчелор Митал, од јули 2019 година стана дел од британската Liberty House Group (Либерти Хаус Груп), која минатата година изврши преземање на 5 индустриски капацитети од Арчелор Митал во Европа, со вкупна вредност од 740 милиони долари.

Liberty House Group (Либерти Хаус Груп) е меѓународна групација со седиште во Велика Британија, специјализирана за производство на челик и алуминиум, со важни трговски операции со суровини и рециклирање на метал. Либерти Хаус има свои капацитети во Велика Британија, САД и Австралија како и во многу други земји.