Домашната металопреработувачка компанија Факом изминатата 2020 година остварила вкупни приходи од продажба од околу 19,4 милиони евра, што е раст од 5% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од извештајот на компанијата објавен на Македонската берза.
Околу 66% од вкупните приходи од продажба Факом минатата година ги остварил од извоз на странските пазари, кои достигнаа 12,9 милиони евра, што е исто колку и извозот од пред-пандемиската 2019 година.
Продажбата на домашниот пазар во истиот период е зголемена за 17% во споредба со истиот период лани, од што компанијата заработила 6,5 милиони евра.
Основна дејност на Факом е производство на челични конструкции и опрема.
Оперативните расходи на компанијата во 2010 година се зголемени за 5% во однос на истиот период лани, на 19,46 милиони евра, што според објаснувањето од Факом, се должи пред се на зголемените трошоци за суровини и материјали (+23%) и трошоците за вработени (+9%).
Факом бележи намалување на профитабилноста минатата година. Компанијата објави дека лани работела со добивка опред оданочување од околу 30 илјади евра, која е за 33% помала во споредба со 2019 година.
Од Факом потенцираат дека основна определба на компанијата и понатаму ќе биде извозната орентација и очекувањата се за 2021 година 80% од производствените капацитети да бидат ангажирани за извоз.
Компанијата исто така ќе продолжи со подобрувањето на квалитетот на производите, рехабилитација на постоечките капацитети, подобрување на работните услови и инвестиции во нова опрема и посовремена технологија.
“И покрај сите потешкотии и предизвици со кои се соочуваме во моментов, команијата успеа да ги задржи сите вработени на работните места. Задржувањето на сите вработени и грижата за нивното здравје и безбедност е и еден од главните императиви на менаџментот во компанијата. Друштвото ќе ги превземе сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатата состојба, одржување на квалитетот на производите и изнаоѓање на флексибилни решенија со цел да се одржат и да се негуваат односите со нашите стратешки клиенти и партнери”, велат од Факом.