Колумна


ФАТМИР БЕСИМИ, министер за финансии


 

 

Криза од светски размери

Минатата година несомнено го донесе најголемиот предизвик со кој се соочил светот во последното столетие. Здравствената криза за два месеци се прошири низ сите светски меридијани, а преку нарушување на глобалните синџири на добавување и рестриктивните здравствени мерки, здравствената криза прерасна во економска, па дури и хуманитарна криза.

Најбрзо и најсилно беа погодени економиите чија примарна дејност е туризмот. На пример, ако ги земеме земјите од регионот најголем пад на БДП имаат Црна Гора со -14,9% и Хрватска со – 8,8% во првите три квартала од 2020 година, со стрмоглав пад од -20,3% и -15,4% респективно во вториот квартал, односно со почетокот на здравствените рестриктивни мерки. Република Северна Македонија во првите три квартали од 2020 година забележа пад на економијата од -5,9%, ставајќи ја некаде на средина на листата помеѓу земјите од Западен Балкан, согласно економскиот резултат или нешто подобра од просечниот пад на БДП во ЕУ-27,  кој изнесува -6,9%.

Нарушувањето на глобалните синџири на добавување неповолно се одрази на надворешно-трговската размена,  индустриското производство, трговијата… Негативни резултати во индустријата уште во првото тримесечје од 2020 година забележаа повеќето земји од регионот, додека сите имаа остар пад на индустриското производство во вториот квартал.

Во однос на останатите економски фундаменти, импактот на кризата зависеше од структурата на економијата и состојбата во којабила пред да се ескалира кризата. Така на пример, стапката на невработеност кај најголем број од земјите се зголемува во текот на 2020 година, со тоа што варира од квартал во квартал согласно интервенциите на државата преку антикризните мерки. Кај нас, невработеноста во првиот квартал од 2020 година се намалува, по што има благо зголемување во вториот квартал, што е веќе амортизирано во третото тримесечје кога имаме повторно пад на стапката на невработеноста. Ова се должи, пред се, на преземените антикризни мерки во насока на задржување на работните места преку субвенционирање на платите на вработените и субвенционирање на придонесите за социјално осигурување, но и различните финансиски олеснувања кои им се понудија на фирмите со цел да се одржи нивната работа во време на криза.

Одговор со економски и социјални мерки кон Ковид-19 

Минатата година, мерките кои се преземаа од економиите беа слични и беа во насока на заштита на економските гранки, кои беа најизложени на удар од кризата, вбризгување на ликвидносни инјекции во стопанството, заштита на работните места, поттикнување на јавната и приватната потрошувачка – сето тоа во насока на поттикнување на економската активност. Главно, мерките гравитираа околу доделување неповратни средства и субвенционирање на туризмот, транспортот и угостителството, поволни кредити и бескаматни кредити за малите и средни фирми и фирми кои покажуваат евидентни ефекти од кризата врз резултатите од работењето, задржување на работниците преку финансиска поддршка за исплата на плати, финансиска поддршка на оние кои ги имаат загубено работните места, финансиска поддршка на ранливите категории на граѓани, поттикнување на реализацијата на јавните инвестиции, раст на јавната потрошувачка и различни стимули за поттикнување на приватната потрошувачка.

Антикризните пакети варираа од земја до земја согласно расположивиот фискален простор кај економиите. За појасна слика, согласно податоците на ММФ, фискалниот стимул во земјите во регионот се движи од 2,4% од БДП во Бугарија, 2,8% во Албанија, 3% Босна и Херцеговина, 3,7% во Црна Гора, 4,1% Косово, Хрватска со 7%, Република Северна Македонија со досегашните четири пакети мерки околу 10%, Србија на слично ниво со 11,3% и најмногу издвоиле Словенија и Грција со околу 14% од БДП. Вкупниот фискален стимул ги опфаќа не само директните буџетски трошоци, туку и даночните олеснувања и ослободувања, расположливите гаранции и сл.

Кај Словенија и кај Грција има и значително зголемување на државниот долг од почетокот на кризата за 13 процентни поени, односно за 19,4 п.п. респективно, со тоа што државниот долг на Словенија на крајот на третиот квартал изнесува 78,5% од БДП, додека на Грција 199,9% од БДП. Кај останатите земји во регионот тој се движи од 90,8% Црна Гора, 56,8% Србија, Република Северна Македонијa 51%, Босна и Херцеговина 38,9% и Косово 22,1%, согласно податоците на Еуростат. Согласно овие податоци, може да се види дека кај нас е направен добар баланс помеѓу стимулативните пакети и задржување на долгот на едно ниво, кое на среден рок ќе се стабилизира и нема да преставува закана или пречка за понатамошниот економски развој и макрофинансиската стабилност.

Почеток на ревитализација

Ако претходната година, главна задача за креаторите на политиките беше да се спаси и одржи ликвидноста и солвентноста на стопанството со што е можно помалку последици од шоковите од кризата, оваа година задачата е нешто посложена. Политиките и мерките кои се преземаат и ќе се преземаат годинава нема да бидат за преживување, туку за заживување на стопанството.

Меѓународниот монетарен фонд во својот последен преглед на светската економија од јануари 2021 година наведува дека кризата ќе почне да бледнее во првата половина од 2021 година, додека потенцијалот за раст ќе се зголеми во втората половина, особено со зголемување на достапноста на вакцините и терапиите и намалувањето на мерките за претпазливост. „Со раст на достапноста на вакцините, подобрените терапии, растот на бројот на тестовите, локалната трансмисија се очекува да биде доведена до ниско ниво насекаде до крајот на 2022, со тоа што некои региони и земји ќе ја намалат локалната трансмисија побргу од останатите“, се вели. Очекувањата на Фондот во јануари 2021 година за светската економија се подобрени со тоа што ја ревидираше проекцијата нагоре за 0,9 процентни поени, односно светскиот БДП да порасне за 5,5% во 2021 година.

Процесот на подобрување на состојбите започна и кај нас. Благодарение на преземените пакети антикризни мерки, во третиот квартал од 2020 година падот на БДП е ублажен и скоро петкратно понизок. Исто така, по високиот пад на бруто – инвестициите од над 30% во вториот квартал, во третиот квартал има раст од 4,2%, што се должи на растот на инвестициите во градежните работи, како и во машините и опремата. Ублажен е и падот на потрошувачката, главно поради јавната потрошувачка која забележа висок раст од 13,5%. Четвртиот квартал, согласно високофреквентните (месечни) податоци, има понатамошно подобрување на состојбите од аспект на надворешно-трговската размена и од аспект на индустријата и искористеност на капацитетите.

Со почетокот на имунизацијата во Европа, земјите од регионот, и кај нас, економиите се повеќе ќе се отвораат, а економската активност со тоа ќе расте. Тука задача на креаторите на политиките ќе биде што е можно повеќе да го искористат процесот на ревитализација, за да постигнат подобри економски резултати.

 

Патот на економско заздравување и раст

Патот на економско заздравување наметнува премин од политики на генерална поддршка кон политики на таргетирана поддршка. Со подобрувањето на епидемиолошката слика и економското заздравување, ММФ и Светската банка препорачуваат директната поддршка да се заменува со продуктивни јавни инвестиции за зајакнување на економскиот раст на долг рок.

Во таа насока, оние субјекти кои се покажаа витални, субјекти кои понатаму ќе можат да продуцираат додадена вредност и да придонесат во економскиот раст, треба да се поддржат и да се поттикнат да испорачаат подобри резултати. Петтиот сет на антикризни мерки е создаден врз основа на интенциите да се поттикнат позитивни деловни резултати, да се поддржи извозната активност, да се поддржи пристапот до капитал на фирмите, да се поттикне инвестициската активност, да се подобри конкурентноста, инвестиции во човечки капитал, дигитализација и инвестиции во иновации и развој, односно да се даде поддршка на ревитализацијата и развојот. Новите мерки предвидуваат грантови за остварени позитивни економски резултати, финансиска поддршка на извозот, значително зголемен пристап до кредити и ликвидни средства преку фондови – односно низа мерки кои ќе ја поддржат развојната компонента и генерирање на раст.

Во следниот период ќе се фокусираме на три главни цели – задржување на здравјето на граѓаните, социјална сигурност и поддршка на економијата и стопанството. Оттаму и фискалната политика е насочена кон овие области. Во буџетот за 2021 година издвоивме преку 640 милиони евра за здравство (повеќе имаше само во кризната 2020 година), околу 1,5 милијарди евра за социјална поддршка и над 1,4 милијарди евра за поддршка на економскиот развој.

Оваа година може да биде наша „година за висок старт“, односно година кога ќе почнеме трка на долги патеки, трка за повисок и одржлив раст, која на среден рок ќе придонесе за подобар стандард на граѓаните и подобри услови за живот во земјава. Поставувањето на вистинска стратегија е од клучно значење за успехот во оваа трка. Важно е да имаме јасна слика од целта, да бидеме подготвени дека ова не е трка само на оваа генерација и да ги насочиме сите свои сили и капацитети кон што подобар резултат.

СМАРТ финансиите се концепт, кој тука ќе даде резултати. Да се подготви сеопфатна стратегија и план за реализација, будно да се следат резултатите и да се мери нивниот импакт и во текот на реализицијата да се преземаат одредени корективни активности доколку има потреба. Новите времиња бараат нов начин на размислување и делување. Со секоја нова криза, учиме од грешките во системот и работиме кон создавање на подобар систем кој ќе одговара на новите времиња и барања.  Се разбира, практиката без теорија е како пловидба без компас. Креаторите на политиките стануваат се повеќе прагматични и иновативни, комбинирајќи ги традиционалните политики од неокејнзијанска или неокласична економска провиниенција со новите сознанија на бихејвиоралната економска теорија, неоинституционалната теорија, теоријата за бизнис циклусите и др. Тие настојуваат да ги исполнат рационалните очекувања на граѓаните, а кога е можно и да ги натфрлат со постигнувања во поволна насока.

Мора да бидеме претпазливи – да следиме будно, мора да сме ефикасни – да реагираме брзо, и конечно, мора да делуваме стратешки – да имаме фокус на долг рок.

Никој не вели дека ќе биде едноставно, без пречки и лесно… но велат „патот од илјада милји, започнува со еден – единствен чекор“…а колку брзо ќе стигнеме до целта, или „финишот“, зависи од нас самите. Сите заедно, со јасна цел, идеја и посветеност верувам можеме брзо да стигнеме дотаму!