ИНТЕРВЈУ


ФАТМИР БИТИЌИ, вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции


 

 

 

ИзвозМК: Г-дин Битиќи, пандемијата со корона вирусот има големи последици врз македонската економија. Какви се последните проекции околу ефектите и времето кое ќе биде потребно за заздравување на македонската економија и извозот и каде ги гледате најголемите предизвици за годинава?

Битиќи: Ефектите од пандемијата како и кај сите останати светски економии, така и кај нас се чувствуваа во текот на цела 2020 година и очекувањата се дека ќе бидат присутни во бизнисот најмалку до средината на 2021 година.

Последните проекции на Министерството за финансии и на Владата се дека падот во последниот квартал веќе се доближува до нула, а со тоа кумулативно целата 2020 година би се завршила со реален пад на економијата од околу 4,4%. Дополнителен факт кој е поткрепа на претходното тврдење е растот на индустриското производство од 2,5% во декември 2020 година споредено со истиот месец од претходната година, што се случува после 11 месеци во кои индустријата бележеше падови, и уште позначајно што овој раст доаѓа во месецот кога делумно или целосно беа затворени економиите на нашите најголеми трговски партнери во Европа.
Исто така имаме константен стабилен раст на платите во целата 2020 година, покрај изгубените околу 17 илјади работни места како директна последица на пандемијата, сепак во буџетот за цела 2020 се уплатени придонеси повисоки за 7,1% отколку во 2019 година.
Домаќинското и одговорно работење се потврдува и со последниот податок за јавниот долг од 31.12.2020 година кога тој изнесува 6,483  милијарди евра, односно 59,9% од БДП, што е намалување за 89 милиони евра или 0,8 процентни поени споредено со претходниот квартал.

Од денешен аспект навистина е тешко да се направи проценка колку време ќе биде потребно за да зборуваме за конечно заздравување на домашната економија, од проста причина што никој не знае кога точно за пандемијата ќе може да зборуваме во минато време, но верувам дека целиот овој кризен период успеваме да ја одржиме во максимално можна кондиција и кога целата атмосфера ќе биде променета, верувам дека мошне брзо ќе се вратиме на патеката на раст.

ИзвозМК: Владата неодамна одлучи на период од една година да се намалат царините за увоз на 71 суровини и материјали кои ги користи индустријата. Може ли малку повеќе информации за оваа одлука, за кои суровини и материјали се работи и кои индустрии ќе имаат најголема корист?

Битиќи: Оваа одлука е резултат на еден подолготраен и сеопфатен процес на комуникација помеѓу бизнисот и Владата. Овој дијалог, кој не само јас лично, туку и целата Влада се труди да биде често практикуван, особено кога се носат важни и стратешки одлуки за државата, ја креираше оваа мерка која е само еден чекор во насока на подобрување на бизнис климата, а во овој случај тоа е намалување на царинските давачки.
Опфатени се широк спектар на суровини од оние кои се користат во трудо-интензивните дејности како текстилот и кожарството, до оние кај кои имаме висока додадена вредност како што е автомобилската.
Според податоци од 2019 година вредноста на увозот на овие 71 суровина изнесува околу 160 милиони евра, укинувањето на царинските давачки има финансиски импликации од 7,1 милион односно толкава е поддршката на државата за преработувачката индустрија, но извозот кој тие го остваруваат со преработувањето на овие суровини изнесува околу 300 милиони евра.

ИзвозМК: Зошто оваа мерка се носи за период од една година? Многу домашни производствени извозни компании со години наназад се жалат дека се оптеретени со непотребно високи царини за увоз на суровини кои недоволно се произведуваат во земјава, што ги прави помалку конкурентни. Дали се размислува за трајна и посериозна ревизија на царинските стапки во насока на подобрување на ликвидноста и конкурентноста на извозните компании?

Битиќи: Ревизијата на целиот царински тарифник е процес кој бара малку повеќе време и подетални анализи. За остварување на овој чекор веќе е формирана интерресорска работна група во која се вклучени претставници на сите економски ресори, и нејзина задача е да го адресира проблемот на кој се однесува вашето прашање. Владата очекува како финален продукт од работата на оваа интерресорска група да произлезе новиот царински тарифник во кој ќе бидат инкорпорирани сите препораки и легислативи на Европската Унија кон која се стремиме, како и јасни насоки како ќе се транспонираат ЕУ регулативите во царинскиот тарифник во корелација со динамиката на пристапување кон ЕУ на Република Северна Македонија.

Влегуваме во процес на целосно редефинирање на царинскиот тарифник

 

ИзвозМК: Во последните пакети за економска поддршка, но и во предизборната програма на СДСМ беа најавени повеќе конкретни мерки за поддршка на извозните компании. Едно од тие ветувања беше укинување на ДДВ за увоз на суровини и машини за извозниците? До каде е реализацијата на оваа мерка? Извозните компании бараат и можност за пребивање на ДДВ за увоз на суровините и репроматеријали со обврските кон државата.

Битиќи: Ќе започнам од крајот на вашето прашање, и да повторам дека ДДВ кој во основа е индиректен данок и уште поважно е фазен данок, во процесот на пресметка кај сите ДДВ обврзници, „влезното“ ДДВ секогаш се одбива од „излезното“ ДДВ и така се прави финалната калкулација колку еден субјект пријавува ДДВ во својата даночна пријава. Ова значи дека секој има право на пребивање на ДДВ од суровините при увоз.
Посложениот дел за имплементација на ветените мерки од програмата МОЖЕМЕ е детектирањето на суровините и машините кои се користат за производство кое исклучиво би се користело за извоз.
За спроведување на оваа мерка од која секако дека не се откажуваме, ќе треба да се исполнат уште неколку системски предуслови и штом системот ќе биде во можност да ја имплементира ќе преминеме кон неопходните регулаторни промени кои ќе го постават овој систем во живот, но пред се да биде ставен на здрави основи при што можноста за малверзации да биде сведена на 0%.

ИзвозМК: Пандемијата имаше негативни последици врз многу сектори, но особено големи шокови предизвика за најважните извозни индустрии, кои бележат голем пад на нарачките и приходите и проблеми со ликвидноста. Истовремено, извозниот сектор би можел да биде моторот на пост ковид заздравувањето на економијата. Далии какви други конкретни и таргетирани мерки за поддршка за извозните компании би можеле да се очекуваат во следниот период?

Битиќи: Резултатите од пандемијата, сега после 9 месеци, се многу појасни од периодот кога истата започна. Состојбата е секако тешка, земајќи ги предвид светските околности, но не се согласувам дека е целосно трагична, посебно кај извозно ориентираните компании, затоа што ќе ве потсетам дека извозот во државава бележи раст споредено со истиот период од претходната година уште од август 2020, и ова ниво се одржува до крајот на годината.

Извозниот сектор секако дека е моторот на нашата економија, и истиот и понатаму ќе биде поддржуван, со напомена дека во иднина пакетот поддршка за секој иден инвеститор ќе биде дефиниран во насока најпрво на покачување на платите кои се исплаќаат на вработените, а истовремено и со процентот на раст на приходи.
Со ваквата поставеност нашата намера е овие компании да даваат уште повисоки плати што автоматски значи поголем стандард и поголема куповна моќ на граѓаните, како и повисок износ на директни даноци во буџетот, и од друга страна продолжување на затворање на гапот меѓу извозот и увозот и колку можеме побрзо да го доживееме моментот кога ние повеќе ќе извезуваме отколку што увезуваме.

ИзвозМК: Една од најголемите извозни индустрии, индустријата за автомобилски делови, која создава речиси 50% од вкупниот извоз и е силно погодена од корона кризата, веќе подолго време бара изедначување на царинските давачки за увоз на одредени компоненти на ниво на европските, со тврдење дека овој потег би можел да донесе 250 милиони евра нови инвестиции и 4 илјади нови вработувања. На оваа пречка засега се приоѓа со делумни и краткорочни решенија. Дали Владата размислува за трајно усогласување на царинските стапки и кои се пречките за евентуално за ова усогласување?

Битиќи: Ние како влада донесовме одлука со која се опфатени голем дел од тарифните ознаки на репроматеријалите кои се користат во автомобилската индустрија. Секогаш имајќи ги во предвид и фискалните реперкусии, ние отворено влегуваме во процес на целосно редефинирање на царинскиот тарифник, кој на среден рок ќе треба да коинцидира со оној кој е на сила за сите земји на ЕУ, што во пракса би значело дека увозот за секој потенцијален инвеститор ќе има исти трошоци како и во било која друга земја во Европа.

Со државната гарантна шема и царинската декларација ќе го поттикнеме развојот на фирмите на подолг рок


ИзвозМК: Меѓу конкретните мерки кои беа најавени се и царинската гаранција и државната гарантна шема, преку која државата треба да гарантира дел од од износот на кредитите за фирмите за поголема ликвидност и инвестиции за зголемување на конкурентноста. Kако ќе функционираат и кога ќе стартуваат овие мерки?

Гарантните шеми за кредитирање на компаниите како при подигање на кредит било за инвестициски потфати или за финансирање на тековното работење не се непознаница во модерните развиени земји, и овие мерки се еден вид сублимат од пракса која е пресликана од економии кои функционираат на делеку повисоко ниво од нашето.
Исто и државната царинска гаранција е слична по природата на својата функција како и кредитната гаранција, и со паралелно имплементирање на овие две мерки нашата економија ќе биде поддржана максимално подготвена да го дочека пост ковид периодот.
Само за дополнување, коефициентот на мултипликација кај ваквите гарантни шеми е во интервалот 6-8 што значи дека за веќе ставените во функција околу 14 милиони евра, ефектот во економијата би се одразил со земени кредити во износи од 90-120 милиони евра кои се повеќе од добредојдени за компаниите во овој кризен период.
И како ексклузивна информација, во петтиот пакет планирани се нови 5 милиони евра за гарантен фонд со кој дополнително ќе бидат поддржани кредити во износ од 30-40 милиони евра.

Воспоставувањето на државна гарантна шема е важен исчекор за стопанството и не го гледаме единствено како инструмент кој треба да го помогне приватниот сектор во време на КОВИД-19, туку инструмент кој на среден рок ќе биде поддршка особено на микро, мали и средни компании, како и големи извозно-ориентирани компании.
Во овој процес беше ангажирана и техничка мисија на ММФ, а тековно се уште е ангажирана и поддршка од Светската банка.

Владата го предложи законското решение до Собранието на почетокот на месец декември минатата година и стапувањето на сила на законското решение е предуслов за воспоставување на Гарантниот фонд е дополнувањето на Законот за РБРСМ.

Што се однесува до царинската гаранција, РБРСМ е во завршна фаза на подготвителните активности. Производот треба да обезбеди поддршка на извозните компании по поволни услови и со поедноставено обезбедување. Фокусот на овој производ се малите и средни компании, особено компаниите од преработувачката индустрија кои вршат увоз на материјали заради облагородување и реализираат извоз во форма на производи и услуги.

Реструктуирањето МЖ Транспорт и МЖ Инфраструктура е императив на Владата

 

ИзвозМК: Една од болните точки кога станува збор за извозот е лошата транспортна, енергетска и логистичка инфраструктура. Конкретно за железничката инфраструктура, голем број на извозни компании  велат дека се оневозможени да ја користат заради проблемите. Може ли наскоро да се очекува либерализација и влез на приватни инвеститори кои би го подобриле железничкиот товарен транспорт?

Битиќи: Реструктуирањето МЖ Транспорт и МЖ Инфраструктура е императив на оваа Влада. Веќе се работи во насока на избор на реномирана компанија за изработка на физибилити студија за процесот на приватизација на МЖ Транспорт, а од друга страна откако ќе го имаме извештајот од студијата и кога ќе знаеме во која насока ќе се приватизира патниот и товарниот сообраќај, ќе преминеме и кон реформирање и оптимизација на МЖ Инфраструктура која дефинитивно ќе остане во сопственост на државата. На овој начин на среден рок планираме да дојдеме до издигнување на инфраструктурата на нивоата како во развиените земји, и ние како држава да можеме да наплаќаме позначајна сума за користење на пругите од транзит на меѓународни линии, како и од домашните корисници.

ИзвозМК:  Во услови кога речиси сите саеми се затворени, а деловните патувања ограничени, компаниите ги изгубија речиси сите традиционани можностите за изнаоѓање на нови пазари и клиенти. Многу земји излегоа со конкретна поддршка околу воспоставување на електронски платформи за промоција и продажба. Можат ли извозните компании да очекуваат некоја конкретна поддршка од државата на овој план?

Битиќи: Живееме во време на глобализација, каде дигитализацијата зема силен замав, а нашите компании, посебно оние кои се извозно ориентирани, имаат воспоставени одлични канали на комуникација како со нивите постоечки соработници, клиенти и коминтенти, така и со местата (дигиталните платформи) каде овие субјекти се среќаваат, комуницираат и разменуваат мислења, информации и склучуваат договори на крај на денот.

Државата во оваа насока до сега има направено значително многу, па и среќни сме што можеме да кажеме дека сме една од државите со силна пенетрација на широкопојасен и оптички интернет, кој многу често се користи, и истиот е по најниски цени споредено со останатите земји во Европа.

ИзвозМК: За крај, многу е мал бројот на македонски фирми кои извезуваат, а  за мала економија како што е македонската, извозот е единствен одржлив начин кој може да доведе до одржлив економски развој и подобар животен стандард. Каква економска политика и извозна стратегија сметате дека би дала резултати во зголемување на бројот на извозни фирми и извозни производи и услуги?

Битиќи: Споменав и претходно, и пак ќе повторам, наша среднорочна и долгорочна стратегија е да работиме вредноста на извезените стоки од државава колку може побрзо да ја надмине вредноста на увозот на стоки, што од друга страна ќе резултира со зголемен БДП и подобар животен стандард на граѓаните.

Ние и понатаму преку носење на системски одржливи решенија остануваме посветени на поддршката на инвестициите, независно дали се домашни или странски, со посебен акцент на инвестиции со висока додадена вредност,  односно онаму каде што производствените процеси се одвиваат со високоплатени работни места и каде финалните производи имаат висок степен на финализација и постигнуваат високи цени.