ИзвозМК:Изминатава година беше една од најтешките со кои се соочила државата во досегашната независност, како на економски, така и на општествен и здравствен план. Последните податоци покажуваат дека економијата полека почнува да заздравува. Какви се проценките за економијата за годинава и следната година и колку сте задоволни од тоа колку како Влада успеавте да им помогнете на граѓаните и бизнисите?
Битиќи:Статистичките податоци покажуваат дека во вториот квартал економијата влезе во фаза на опоравување. Но, сметам дека опоравувањето на економијата ќе трае и нема да биде со толку брзо темпо како што очекувавме пред една година, бидејќи се уште ќе биде под влијание на здравствената состојба. Сведоци сме дека, за жал, пандемијата не стивнува, не само кај нас, туку и низ целиот свет. Сепак, охрабрувачки се податоците во скоро сите сегменти од економијата. Вториот квартал заврши со раст на БДП од 13,1%. Но, тоа што ме охрабрува е дека минатата година, со сите мерки кои ги преземавме, успеавме да имаме еден од најмалите падови на БДП во регионот. Тоа значи дека мерките биле добро конципирани и имале значителен ефект. Според нашите проценки, без пакетите за економска поддршка, падот на БДП би бил 8,7%, наспроти падот од 4,5% кој го имавме минатата година. Жалам што дел од мерките кои беа донесени не го дадоа својот ефект во 2020 година, заради неможноста навреме да се изгласаат и реализираат.
Вториот момент кој ќе придонесе за добри резултати во следниот период е што мерките освен за поддршка на најпогодените, имаа и развојна компонента. На пример, беше воведена државната гарантна шема, како нов механизам за финансирање на стопанството, во период на пандемија со цел да го подобри пристапот на компаниите до финансиски средства.
Благодарение на мерките кои беа преземени успеавме да спасиме 120 илјади работни места и да ја намалиме невработеноста и во време на криза. Очекувањата се 2021 година да заврши со стапка на невработеност од 15%, со најмалку 15 илјади дополнително креирани работни места и раст на економијата од 4,1%, што ќе биде добра почетна основа за наредните години, кога се очекуваат стапки на раст на економијата од 5% до 5,2%.
ИзвозМК: Кои ќе бидат главните носители на растот на економијата од над 5%?
Битиќи: Македонската економија го нема луксузот на постепено прилагодување и ќе мора брзо да се прилагоди за да го фати моментот кој се отвора во пост ковид периодот. Македонските бизнисмени и стопанството во оваа криза покажаа дека имаат капацитет да се прилагодат. Треба да бидеме свесни на два моменти кои создаваат нови можности за нашата економија. Првиот е моментот на nearshoring или доближување на вредносните синџири на големите економии и второ, зголемување на конкурентноста на македонските компании за да можат да се приклучат кон тие вредносни синџири на снабдување, не само кон Европската унија, туку и кон економијата на Западен Балкан.
Зголемувањето на конкурентноста е клучот и сметам дека правиме добри чекори во овој правец. На пример, поддржуваме воведување на нови технологии од страна на сите компании кои се во производствениот процес или кои влегуваат во производствени процеси. Во 2017 година кога стартуваше мерката за поддршка на инвестиции преку Законот за финансиска поддршка имаше само 12 компании кои беа поддржани во процесот на нови инвестиции. Во 2020 година веќе имаме 245 компании, за да според последните информации, годинава ја завршиме со 350 поддржани компании кои влегуваат во нови инвестициски проекти.
Ме охрабрува фактот дека се повеќе компании влегуваат во производствениот сектор, бидејќи сметам дека е неопходно македонската економија да се реструктира. Со сегашната структура на економијата сме премногу ранливи. Две третини од БДП се должи на приватна потрошувачка, 15% на јавната потрошувачка, и секако и понатаму имаме трговски дефицит кој ако се следи трендот низ годините константно се намалува. Ако ја гледаме структурата на БДП од производствен аспект, таа мора да се промени во насока на поголемо учество на производството со поголема додадена вредност. Затоа, сметам дека треба да се поддржуваат сектори кои создаваат додадена вредност во економијата.
При крај е подготовката на т.н смарт или паметна специјализација, која треба да покаже кои се петте клучни сектори во македонската економија. Исто така, во фаза на подготовка е Националната развојна стратегија, која ќе треба да ги даде правците за развој на државата во следните 20 години.
ИзвозМК: Каде во овие стратегии, според Вас, би требало да се најде извозот. Колку имаме капацитет за економски раст и развој базиран на извоз, ако се знае дека сегашната слика во извозот покажува преголема концентрација на малку пазари, малку компании и индустрии кои имаат капацитет да се натпреваруваат на глобално ниво?
Битиќи: Последните 30 години економскиот модел се потпираше на поттикнување на потрошувачката, без да се има во предвид што тоа значи во поглед на креирање на додадена вредност во економијата. За прв пат воспоставуваме систем за следење на државната помош и мерење на ефектите од секој еден денар дадена државна помош. Не сите средства дадени како поддршка во изминатиот период го дале ефектот и за жал не биле потрошени за да создадат нова додадена вредност.
Најнапред, компаниите мора да бидат свесни дека мора да ја зголемат својата конкурентност ако сакаат да се натпреваруваат на глобално ниво. Конкурентноста се зголемува со инвестиции во висока технологија, воспоставување на високи стандарди, кои се клучни за влез во вредносните синџири на големите компании и економии и неминовно воведување на дигитализација на процесите. Но, компаниите не можат сами да го реализираат ова, бидејќи најчесто немаат толкав финансиски капацитет.
Во следниот период фокусот ќе биде ставен на поддршка на компаниите во процесот на зголемување на конкурентноста. Без разлика дали станува збор за компании кои се дел од вредносниот синџир на домашната економија или се извозно ориентирани.
Уште еден важен фактор за поголема конкурентност на компаниите и економијата е човечкиот капитал. Многу често слушаме дека човечкиот капитал е многу важен. Но, што направивме во изминатите 30 години на овој план? Затоа, фокусот во следните 20 години, преку новата Национална развојна стратегија, ќе биде насочен кон поголемо инвестирање во истражување и развој, со што ќе се креираат високо платени работни места со цел умот да остане тука. Тоа за мене е грижа за човечкиот капитал.
Сигурно дека не може како мала економија да конкурираме на една Германија, но може да се потрудиме најдобро што можеме да ги искористиме сите ресурси кои ги имаме за да создадеме поголема додадена вредност. Затоа, ќе ги поддржиме компаниите во креирање на нови работни места, но само ако платите кои се исплаќаат за тие работни места се минимум 50% повисоки од минималната плата во државата.
ИзвозМК: Но, сепак на крајот за некоја компанија, било да е домашна или странска, да одлучи да инвестира во земјава, мора да има конкурентна средина за водење бизнис. Во реалноста постојат многу пречки кои ја намалуваат конкурентноста на фирмите, почнувајќи од непотребно високи царини за увоз на суровини и материјали кои не се произведуваат во земјава, превисоки парафискални давачки, па се до неефикасен правосуден систем, неквалитетен образовен систем… ?
Битиќи: Ние како влада во изминатите четири години донесовме повеќе автономни мерки за намалување или укинување на царини отколку што беа донесени во претходните 12 години. Исто така, во време на пандемија, Владата минатата година донесе две автономни мерки за намалување или укинување на царините на 117 суровини и репроматеријали со цел да ја зголемиме конкурентноста на компаниите.
Се нафативме на уште еден голем предизвик, а тоа е ревидирање на Законот за царински тарифи со цел царините за суровините кои се користат во производството да се усогласат со оние во ЕУ, без разлика кога ќе станеме членка. Станува збор за обемен процес, на кој работиме веќе девет месеци и веќе сме при крај. Зборуваме за 550 царински кодови со кои ќе се усогласат царините со оние во ЕУ, а некои дури и ќе бидат целосно укинати. Свесни сме дека со ова ќе се влеат помалку приходи во буџетот, но од друга страна сме уверени дека со зголемување на конкурентноста на компаниите приходите во буџетот ќе бидат натфрлени, бидејќи ќе се зголемат производството и продажбите дома и во странство.
Понатаму, на полето на парафискални давачки, во изминатиот период се правеше ревизија, според која 75% од тие давачки ќе бидат или укинати или намалени во следниот период.
ИзвозМК: Многу извозни компании веќе ги користат придобивките од Законот за финансиска поддшка и поддршката од државата за нови инвестиции. Некои од нив дури предлагаат државата да продолжи и во поголем обем да ги поддржува инвестициите во истражувачко-развојни проекти кои ќе придонесат за отварање на повисоко платени работни места.
Битиќи: Ние како Влада не само што ги поддржуваме компаниите во процесот на инвестирање, туку сме подготвени и да разговараме за промена на моделот врз основа на кој се обезбедува поддршката. Годинава направивме две важни измени во Законот за финансиска поддршка. Со првата мерка се стимулираат инвестициите во помалку развиените региони. Поддршката од државата ќе биде поголема за оние компании кои ќе инвестираат во помалку развиените региони, со цел да се придонесе за порамномерен регионален развој. Втората измена е во насока на поддршка на развојот на човечки капитал. Напоредно со поддршката за креирање на секое едно работно место, финансиски ќе ги поддржиме и сите инвестиции во развој на човечки капитал.
Исто така, за првпат воспоставуваме едношалтерски систем или one stop shop за странските и домашни инвестиции. Се знае кој е каналот на добивање на поддршката за инвеститорите. Две институции се надлежни на оперативно ниво: Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, која е надлежна за зоните и Агенцијата за странски инвестиции и промовирање на извозот. Тие ќе ги прибираат сите барања и ќе ги канализираат кај вицепремиерот за економски прашања, односно до кабинетот кој сега јас го управувам. Истото ќе се однесува и на проблемите со кои се соочуваат инвеститорите.
Исто така, за прв пат во Југоисточна Европа, во подготовка е дигиталниот асистент за поддршка на инвеститорите, преку кој сите компании ќе можат да ги добијат потребните информации кои се однесуваат на законската легислатива на три јазици, англиски, македонски и албански, додека физичкиот контакт ќе биде насочен преку претходните три институции. Мислам дека сите овие промени ќе ја зголемат довербата во институциите и целосно ќе го променат начинот на кој ги третираме инвеститорите, особено оние кои создаваат додадена вредност. Секако очекуваме дека овие промени ќе донесат и повеќе инвестиции во следниот период.
Еден од клучните моменти кои сакам да го потенцирам е фактот дека сите странски инвеститори кои веќе инвестирале во земјава, во 2020 година и 2021 година започнуваат нови инвестициони циклуси за проширување на нивните производни капацитети. Тоа е знак дека не само бизнис опкружувањето и поддршката се добри, туку дека инвеститорите има јасна предвидливост во нивното делување.
ИзвозМК: Во изминатиов период се случуваат многу пореметувања во глобалните синџири на снабдување кои резултираа со огромен раст на цените на суровините, транспортот, енергенсите…кои ги зголемуваат трошоците за производство на компаниите. Истовремено, автомобилската индустрија, за која е врзан половина од македонскиот извоз, се соочува со големо намалување на производството…Колку овие процеси се закануваат да го загрозат планираното заздравување на извозот и македонската економија?
Битиќи: Секако дека глобалните движења имаат влијание врз македонските компании и врз економијата во целост. Гледаме дека притисокот од глобалните случувања влијае компаниите секојдневно да се менуваат, на пример, во насока на изнаоѓање на супститути, нови алтернативни пазари или намалување на производствената цена преку внесување на нови автоматизирани технологии и опрема.
Како Влада ги пратиме сите случувања и секојдневно комуницирам со стопанските комори и асоцијациите со цел заедно да ги креираме евентуалните мерки кои ќе бидат потребни за поддршка на одредени индустрии за полесно надминување на овој период. Разговараме за евентуални мерки за поддршка со Асоцијацијата на странски компании со технолошко-напредно производство. Поддршката не треба да се сфати само како еднократна поддршка, туку може да се размислува и во насока на менување на среднорочниот план согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции со цел полесно да го надминат овој тежок период на намалени нарачки.
Но, мора да бидеме свесни дека не секогаш националните влади можат да се справат со глобалните трендови. И не секогаш, тоа е единствено нивна задача.
Следење на пазарните трендови, зголемување на конкурентноста преку креирање на додадена вредност, дигитализација и технолошки напредок и вложување во човечкиот капитал е она што секоја компанија ќе ја направи резистентна и помалку ранлива на промените, кои секако, секогаш се неминовни. А, државата е секогаш тука да ги поддржи во нивните заложби.
(Интервјуто е целосно објавено во специјалната едиција Топ 100 Извозници 2021)