Кумановската компанија за производство на челични цевки и профили ФЗЦ 11 Октомври објави дека во првите девет месеци годинава имала пад на приходите од продажба од 40% и големо зголемување на загубата, како резултат на последиците предизвикани од корона кризата.
Во периодот од јануари до септември кумановската ФЗЦ 11 Октомври остварила приходи од продажба од 8,4 милиони евра, од кои над 68% се остварени од извоз на странски пазари.
Извозот на компанијата во овој период бележи пад од 13% и изнесувал 5,8 милиони евра, покажуваат објавените финансиски извештаи на компанијата на македонската берза.

Многу поголем пад има кај приходите од продажба на ФЗЦ 11 Октомври на домашниот пазар, каде во првите девет месеци се остварени продажби од околу 2,6 милиони евра, кои се помали за дури 64% во споредба со истиот период минатата година.

Иако оперативните расходи на компанијата се намалени, заради големиот пад на приходите од продажба компанијата во првите девет месеци годинава работела со загуба од 1,5 милион евра, што е големо влошување во споредба со првата половина годинава кога загубата изнесуваше околу 1 милион евра евра, како и во споредба со минатата година кога ФЗЦ имал позитивен финансиски резултат.

ФЗЦ 11 Октомври пред неколку месеци објави дека е силно погодена од корона кризата, со оглед на фактот дека е 90% извозно ориентирана компанија, затворањето на границите и стопирањето на економската активност силно влијаеле врз побарувачката за производите на ФЗЦ 11 Октомври и дома и во странство.
Голем удар за ФЗЦ 11 Октомври беше и воведувањето на квоти за увоз на челични производи од страна на ЕУ, што дополнително го намали годинешниот извоз на компанијата на европските пазари.

Компанијата ФЗЦ 11 Октомври минатата година имала извоз од 9 милиони евра и е рангирана на 65-место на листата Топ 100 најголеми извозници земјава.