Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска на прес-конференција го најавија отворањето на првиот од 11-те јавни повици за оваа година за ко-финансирани грантови за технолошки развој и за забрзан економски раст на ФИТР. Повикот ќе биде отворен до 6 април, а детали и правилникот за аплицирање може да ги погледнете на следниот линк.

Овој јавен повик, како што посочи Петров, на еден начин е продолжување на јавниот повик од минатата година поврзан со Ковид-19. Буџетот овој пат е двојно зголемен. Минатиот повик беше 3,3 милиони евра, овој повик е шест милиони евра.

Главниот фокус и целта на повикот, како што нагласи Петров, е поддршка на домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентносста на меѓународните пазари, но и отпорност кон пандемски и климатски кризи, преку воведување нови, иновативни, напредни и зелени дигитални технологии за нивна трансформација.
“Во однос на тоа какви предлог проекти очекуваме, односно какви активности поддржуваме, листата не е ограничувачка и може да се најде на веб страницата на ФИТР. Како на пример – набавка и воведување нови иновативни, напредни, зелени дигитални технологии за трансформација на прозводствените и деловните процеси, развој и воведување нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, како и подобрување на ефективноста и ефикасноста на производството и деловните процеси”, појасни Петров.
Фондот, додаде, обезбедува финансиска поддршка за микро претпријатија до 70 проценти од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2,5 милиони денари, за мали претпријатија до 70 проценти, но не повеќе од пет милиони денари, а за средните претпријатија до 60 проценти, но не повеќе од 10 милиони денари. Со овој повик ФИТР нуди поддршка и на приватните здравствени установи.

“Некои од условите се: апликантот да не е поврзан со друго претпријатие или приватна здравствена установа чии годишни приходи надминуваат 10 милиони евра, и просечен број на вработени да не надминува 250 од претходните фискални години, да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиските институции, заклучно со месец февруари 2020 година и да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истиот проект да нема добиено финансиска помош од друга државна институција, појасни Петров.

Во делот на подобни трошоци, Петров посочи дека преку овие грантови има ставка во која се обезбедуваат и плати за лица ангажирани на проектот. Некои од подобните трооци за финансирање се – трошоци за техничка поддршка, односно експертиза, трошоци за договорни услуги за истражување, развој, дигитализација, трошоци за набавка и изнајмување опрема, софтвер, алатки за информатичка технологија и суровини и потрошен материјал директно поврзан со реализацијата на проектот.

” Во однос на механизмот за поврат на средствата се врши постапка од 7,5 проценти од оперативната добивка на корисникот, до оставрување на поврат од 105 проценти од износот исплатен од страна на Фондот или за пеирод од пет години по завршување на проектот во зависност од тоа кој услов е прв остварен, рече Петров, додавајќи дека од големо значење е и рамномерниот регионален развој, како и поттикот на женското претприемништво и затоа предност ќе имаат предлог проектите на компаниите кои имаат жени управители и доаѓаат од различни региони. Бодувањето ќе се одвива на следниот начин – технолошки напредок и степен на дигитализаија – 35 поени, квалитетот на проектот ќе се оценува со 10 поени, капацитетот на проектниот тим ќе се оценува со 10 поени, а влијанието на проектот со 45 поени.

– Во однос на процедурата за оценка и селекција во рамките на овој јавен повик имаме новост која ќе придонесе за забрзан и поефективен процес во делот на административна проверка. Пристигнатите предлог проекти директно ќе одат на евалуација кај домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Сите проекти кои ќе добијат проценка оценка од минимум 51 бод одат во следна фаза. Проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции кое е независно тело составено од 5 меѓународни експерти, посочи Петров.