Заради последиците од пандемијата на коронавирус , светскиот туризам годинава би можел да забележи пад помеѓу 60% и 80%, покажува најновата анализа на Светската туристичка организација при Обединетите нации (UNWTO).
Податоците од првото тримесечје годинава покажуваат дека бројот на туристички пристигнувања се намалил за 67 милиони, или за 22%.
Само во март, бројот на туристички посети е намален за 57%, во време кога многу земји веќе воведоа ограничувања за патувања и други мерки за борба против ширење на вирусот.
Финансиската загуба на глобалниот туризам во првите три месеци од оваа година, според проценките на UNWTO, изнесува околу 80 милијарди долари.
Колку ќе биде загубата на глобалниот туризам оваа година, зависи и од моментот кога ќе бидат укинати патните ограничувања и кога туристичката економија би можела да започне да се опоравува.
Проценките на UNWTO се движат од глобален пад од 58%, ако забраните за патувања се укинат во почетокот на јули. Пад од околу 70% ако се укинат ограничувањата во септември, а 78% ако ограничувањата за патувања траат до крајот на годината.
Се проценува дека глобалниот туризам би можел да изгуби помеѓу 850 милиони и 1,1 милијарди туристички посети оваа година, финансиската загуба би била помеѓу 910 милиони и 1,2 милијарди долари, додека меѓу 100 и 120 милиони работни места во туризмот би биле директно загрозени, според анализата на UNWTO.