Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со претставници од Владата, првиот вицепремиер и министри, и генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, денеска присуствуваа на завршувањето на градбата на фотоволтаичната електрана „Осломеј“, каде започна тест период на целосно монтираната опрема.

Целта на Владата заедно со институциите и партнерите е да станеме земја која од европски доминантно застапените фосилни енергенси, се насочува кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето што го имаме во изобилство во текот на целата година, како и ветерот, водата и гасот”, изјави Ковачевски.

Денеска започна тест периодот на монтираната опрема на фотонапонска електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ, изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“.

Навистина е за почит што токму на ова место кое е некогашен загадувач на животната средина, веќе имаме капацитет кој е подготвен од сончева, да произведува чиста и зелена енергија. Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан”, изјави Ковачевски.

Со годишното производство од новата фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе се снабдуваат потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија.

Изградбата на фотонапонската електрана е реализирана со кредитна поддршка од Европската банка за обнова и развој.

Официјалното пуштање во употреба на оваа фотоволтаична електрана, ќе започне веднаш по завршувањето на тест периодот, што за премиерот Ковачевски, значи почеток на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и кичевскиот регион.

Премиерот Ковачевски исто така информираше дека ЕСМ работи на нова студија за уште една електрана од 10 мегавати, а потпишани се договори за изградба на уште две фотонапонски електрани со што „Осломеј“ од јаглен целосно ќе премине на користење на обновливи извори на енергија.

Договорите од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер и од друга страна со „Фортис Енерџи“ од Турција во едната електрана, а со „Солар про“ од Бугарија во другата.
Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,50% од произведената електрична енергија за час. Од овие инвестиции државата се очекува да заработува околу 1,5 милиони евра годишно.

Владата ја донесе ноовата Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, која целосно е базирана на Европскиот Зелен Договор и веднаш започна со нејзина имплементација. Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски централи и ветерни централи и тоа со реномирани компании кои доаѓаат од ЕУ, како што се „АКУО“ од Франција и „WPD“ од Германија кои се водечки компании во Европа за развој на проекти од обновливи извори на енергија.

Премиерот информираше и дека процедурата за изградба на Чебрен е во втора фаза и се очекува до средина на годинава да се донесе одлуката за избор на најповолен понудувач.