Франција ќе формира нов фонд од 3 милијарди евра за поддршка на средните и големите компании полесно да излезат од кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Маир.
Фондот има за цел да им помогне на фирмите со заеми или инјекции на капитал, со што бизнисите што биле одржливи пред пандемијата, но сега имаат затегнати биланси, да можат да застанат на нозе.
„Целта не е разводнување на акционерските структури, не е улогата на државата да стане главен акционер на француските компании“, рече Ле Маир .
„Нашата цел е да обезбедиме премин од кризата за компаниите да можат да се вратат на преткризното ниво“, рече Ле Маир.
Фондот е дел од низата нови мерки кои вклучуваат брзо реструктуирање на долговите на малите фирми и давање повеќе време на фирмите да ги враќаат заостанатите даноци и придонесите за плати.
Француските компании минатата година забележаа раст на нивниот долг за 230 милијарди евра – повеќе од 10% од бруто домашниот производ – кога масовно земаа заеми загарантирани од државата за да се справат со колапсот на паричните текови за време на кризата.
Иако многу фирми на крајот не мораа да ги користат парите што ги позајмија, министерството сака да избегне бран на неликвидност.