Царинската управа на Република Северна Македонија организира презентација на  Одлуката за усогласување и менување на номенклатурата на Царинската тарифа за 2022 година.

Целта на оваа презентација е економските оператори да се запознаат со сите измени и нови тарифни ознаки што ќе се применуваат од 01.01.2022 година. Одлуката за усогласување и менување на Царинската тарифа се менува секоја година со цел усогласување со Комбинираната номенклатура на Европската унија, а во 2022 година се воведуваат и многу нови тарифни броеви и подброеви согласно номенклатурата на Хармонизиран систем.

Презентацијата ќе се одржи далечински (онлајн) со користење на платформата Microsoft Teams на 25.11.2021 година (четврток) со почеток во 13.00 часот.

Сите заинтересирани кои сакаат да ја следат презентацијата, треба да се пријават најдоцна до 23.11.2021 година (вторник) на следната адреса на електронска пошта: obuki@customs.gov.mk и да наведат име и презиме на учесникот, компанија каде се вработени и адреса на електронска пошта на која ќе биде доставена поканата.

Кои се најважните измени на хармонизираниот систем за 2022 година?

Според анализите на Царинската управа околу 10% од вкупниот брај на тарифни ознаки од Царинската тарифа ќе бидат предмет на измени како резултат на измените на Хармонизираниот систем (ХС) што ќе стапат во сила на 01.01.2022 година.

Овие измени опфаќаат измени на дефиниции, промена на цифрите или бришење на одредени тарифни ознаки. Овие измени можат да се препознаат во низа групи на производи. Различните измени можат да се објаснат на начин што: некои тарифни ознаки ќе ги снема, некои ќе бидат поделени,а некои ќе имаат изменет опис или дефиниција.


Најважните измени се во категориите Животински/растителни масти и деривати, Хемиски производи (без пластика), Дрво и производи од дрво , Производи од камен и минерали, Разни производи, Пластика и гума и каучук, Машини и електрични производи, Возила и воздухоплови, Прости метали и производи од нив и други категории.

Сите овие измени ќе бидат објаснети на предавањето и интерактивните сесии што ќе ги организира Царинската управа во ноември и декември 2021 година.