Македонија, преку Царинската управа, е првата држава во ЦЕФТА што достави официјално барање за започнување на процесот за меѓународно признавање на издадените одобренија за Овластен економски оператор (ОЕО) за царински поедноставувања и за безбедност и сигурност, соопштуваат од Царинската управа на Македонија.
Можноста за меѓусебно меѓународно признавање стапи во сила на 1 април 2020 година со стапување во сила на Одлуката бр. 1/2019 година на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА за воспоставување на процедура за меѓусебно признавање на националните програми за ОЕО.
“Доставеното барање до Секретаријатот на ЦЕФТА е официјален почеток на постапката за меѓусебно признавање што треба да трае 3-6 месеци во кој период од страна на Комисијата за валидација составена од претставници на ЦЕФТА страните и Европската Комисија треба да биде проверено целокупното законодавство и постапката за издавање на ОЕО, како и издадените одобренија”, велат од Царината, кој додаваат дека во рамки на оваа процедура ќе биде извршена и проверка кај неколку иматели на ОЕО по случаен избор.
Статусот на ОЕО е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори во Република С.Македонија (производители, извозници, увозници, шпедитери, транспортери) во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.
Овластен економски оператор (ОЕО) е субјект што е одобрен од царинските администрации да користи олеснувања во поглед на царинските контроли поврзани со безбедноста и сигурноста и/или поедноставувања пропишани со царинските прописи. Покрај увозници и извозници за едно вакво одобрение може да аплицира и производител, превозник, застапник во царински постапки, имател на царински склад, доколку ги исполнуваат пропишаните критериуми и услови.
Придобивки од поседување на ОЕО се повеќекратни и тоа како директни, така и индиректни. Најголеми директни придобивки се поголема ефикасност во сопствен внатрешен систем и процеси, претходно известување во случај на селекција за царинска контрола, полесен пристап до царински поедноставувања, приоритетен третман доколку е селектиран за контрола, можност ОЕО да побара друго место за контроли и зголемена соработка со царинские органи, но и други државни органи.
Од индиректни придобивки можат да се одвојат намалени безбедносни и сигурносни инциденти, намалени кражби и загуби, односно заштита на производи, објекти, опрема, информации и ресурси од кражба, употреба на лого што е корисно како маркетиншка алатка, сигурен и доверлив партнер во бизнис.
Со постапаката на меѓународно признавање, практично кажано, доколку една македонска компанија има статус на меѓународно признаен ОЕО, при извозот на стоки во која било земја на ЦЕФТА, таа ќе има третман на „домашна“ компанија, како компаниите на земјата-домаќин. Истиот третман ќе го имаат и ОЕО при увозот во Македонија.
Во рамките на македонското претседателаство со ЦЕФТА Поткомитетот за царини потекло на стоки започнати се иницијативи овој процес на меѓусебно и меѓународно признавање да важи и со земјите-членки на ЕУ.