“Bо наредниот период треба да дискутираме за техничко-технолошки развој во компаниите за да ја зголемиме продуктивноста. Ние никогаш нема да одиме во насока на зголемување на минималната плата ако не сме сигурни дека економијата може тоа да го издржи. Но, од друга страна нас ни требаат продуктивни компании, коишто можеме да ги добиеме само ако се вложува во нивниот техничко-технолошки развој и понатаму така да ја движиме нашата држава и економија”, вели вицепремиерката за еконсмки систем Мила Царовска, која смета дека покачувањето на минималната плата ги дало очекуваните резултати, односно дека го стимулирало зголемувањето и на останатите плати, што според неа, може да се види од растот на просечната плата во државата.
Царовска потенцира дека секое зголемување на минималната плата го правеле заедно со компаниите и секогаш наоѓале начин како да се поддржат најранливите, овој пат со субвенционирање на придонесите, а минатиот пат директно со обезбедување на финансиски средства од Буџетот за да може да ги исплатиме компаниите коишто ќе имаат потреба од дополнување на нивните буџети.
“Со зголемувањето на платите од 12 до 18 илјади денари воведовме мерка за субвенционирање на придонесите преку Буџетот за компаниите да се поддржат да ги покачат платите. Мерката за субвенционирање на придонесите беше целосно адаптирана на потребите на работодавачите, се со цел да се избегне таа урамниловка во платите и видовме дека тие ги искористија. Повеќе од 107 илјади работници денеска добиваат субвенционирано плаќање на придонеси за нивните плати да пораснат до 6.000 денари и тоа не беше распонот само до минимална плата, туку сите плати да можат да пораснат до 6.000 денари независно во кој сектор. И се виде дека една четвртина, како што проектиравме, од вкупниот број на работници во реалниот сектор добија зголемување на платите согласно субвенционирањето”, рече вицепремиерката Царовска.
Сметам, вели Царовска, ако сите мерки се донесуваат и спроведуваат на ваков начин заеднички со социјалните партнери ќе добиеме и раст на платите, но и нема да бидат загрозени гранките што се критични во даден момент.