Денеска во Службен весник е објавена одлуката за укинување на царинските давачки за увоз на 71 одделни суровини и репроматеријали кои се употребуваат од преработувачката индустрија.
На листата се наоѓаат суровини и репроматеријали кои главно се употребуваат од страна на компаниите кои работат во метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија меѓу кои се различни ткаенини, штавени кожи и крзна, делови за обувки, китови и полнила, амбалажи, стакло за сончеви системи, алуминиумски профили, алат за обработка на метал, електрични мотори, генератори и трансформатори, изолирани жици и кабли…
Целата листа на суровини и репроматеријали за кои се укинува увозната царина можете да ја погледнете на следниот линк (Odluka za ukinuvanje na uvoznite davacki na oddelni surovini i repromaterijali, Sl. vesnik na RSM br. 17 od 20.01.2021)
Станува збор за одлука со која Владата ги укинува привремено во еприод од една година царинските давачки за одделни суровини и репроматеријали со цел да ги олесни условите за работење на компаниите и да овозможи да се зголеми нивната конкурентност во услови на пандемија и отежнато работење на компаниите од преработувачката индустрија.
Од Владата информираа дека предлог листите на производи опфатени со оваа одлука се изготвени од страна на Стопанската комора на Македонија по извршена консултација со компаниите членки на Стопанската комора од секторите на метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија.
Со оваа одлука компаниите ќе бидат ослободени од царинските давачки за една година кои во 2019 година изнесуваа 162,4 милиони евра со цел да се зголеми извозната конкурентност на преработувачка индустрија.
Финансиските импликации од оваа мерка врз буџетот, според Министерството за финансии изнесуваат околу 7,1 милиони евра.
>>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<<