Фото: Freepik

Годишната стапка на инфлација во Кина во јули падна за прв пат од февруари 2021 година.

Во јули, потрошувачките цени во втората по големина економија во светот се спуштија на дефлациска територија за прв пат во две години, бидејќи низа други проблеми тежат на нејзиното закрепнување по укинувањето на ограничувањата на Ковид-19. Падот на извозот се забрзува, невработеноста кај младите достигна рекордно високо ниво, а кинескиот пазар на недвижности е заглавен во долготраен пад.

Цените во најнаселената земја се намалени за 0,3% во јули во однос на истиот месец лани, откако во јуни беше забележана ценовна стагнација.

Храната поевтини за 1,7% поради падот на свинското месо, по 15 последователни месеци поскапување на храната.

Цените на непрехранбените производи во јули стагнираа, но во јуни паднаа за 0,6%. Голем придонес за дефлацијата имаше падот на цените на транспортот за 4,7 %, по намалувањето од 6,5 % во јуни.
Но, на месечна основа, во однос на претходниот месец, инфлацијата е зголемена за 0,2%, што е прво месечно зголемување на цените во последните шест месеци.

Кинеското биро за статистика оцени дека падот на индексот на потрошувачките цени е само привремен и дека инфлацијата повторно ќе расте откако ќе помине ефектот на високата основа од минатата година.

Базичната инфлација, кога се исклучени цените на храната и енергијата, беше позитивна и изнесуваше 0,8%.

Се зголемува вознемиреноста дека Кина влегува во ера на многу побавен економски раст слична на периодот на јапонските „изгубени децении“, во кои потрошувачките цени и платите стагнираат една генерација, што е остар контраст со брзата инфлација забележана на други места.