Нарушувањата во бродската логистика заради пандемијата доведоа до голем недостиг на контејнери за испорака на стоки. Тоа доведе до огромен раст на цените за изнајмувањето на контејнери.
Цените за изнајмнување на контејнeр од Азија со западниот брег на САД од почетокот на годинава се зголемени за 38%. Цените, пак, за бродски транспорт од Азија до Северна Европа се зголемени за над 400%.
Колку за споредба, транспорт со стандарден бродски контејнер од Кина пред пандемијата можеше да се резервира и за цени од 1.000 долари. Сега цената достигнува од 8 до 10 илјади долари.

Вообичаено кога цените на растат тоа е сигнал на нерамнотежа. Во овој случај тоа значи зголемена побарувачка за контејнери или бродски простор, со стагнација или опаѓање на понудата. Контејнерите скоро никогаш не се користат за еднократен превоз, но на пример се растоварува контејнер со кинески играчки што пристигнува во европско пристаниште, а потоа во него се вчитуваат германски машински делови, кои веднаш одат во Азија или Северна Америка.
Но, веќе една година, од избувнувањето на пандемијата, утврдениот возен ред меѓу континентите веќе не функционира. Блокадата на Суецкиот канал дополнително ги влоши работите со тесните грла во снабдувањето.
Иако каналот е повторно прооден, проблемот сè уште не е решен. Директорите на Maersk и Hapag Lloyd пред извесно време сугерираа дека проблемите од блокадата на каналот може да се чувствуваат и во мај.

“Бродовите пристигнуваат во Европа или Азија со задоцнување од една до две недели. И кога премногу камиони пристигнуваат во големите пристаништа истовремено, се создаваат гужви. Патувањата за враќање се одложени, или откажани”, вели Ралф Хабсен Јансен,извршен директор на Хапаг-Лојд за геранскиот магазин Шпигл.

Анет Кригер од пристаништето Хамбург вели дека блокадата на Суецкиот канал е само дел од мозаикот во логистичкиот план што се распадна. „Хамбург со месеци се соочуваше со двонеделно одложување на бродовите, во некои случаи и многу подолго“, вели таа.

Проблемите започнаа пред околу девет месеци „откако производството на Далечниот исток беше продолжено по првиот карантин на почетокот од 2020 година и кога побарувачката за транспорт значително се зголеми. Други фактори беа неповолните временски услови во текот на зимските месеци и Брегзит “, објаснува Кригер за Дојче Веле.

Сите прекуокеански пристаништа во Европа страдаат од зголемено доцнење на интерконтиненталниот сообраќај. Капацитетот на најголемото пристаниште во Европа сега ги достигнува своите граници, неодамна изјави портпарол на пристаништето во Ротердам.

Некои аналитичари сметаат дека зголемените трошоци за транспорт ќе продолжат и во текот на следната година, што неминовно ќе доведе до зголемување на инфлацијата.

Податоците покажуваат дека веќе има раст на цените на одредени суровини, кај електричната енергија, но и кај храната.
Ако на тоа се додаде и масовното печатење на пари и зголемување на понудата на пари од страна на владите заради страв од пад на побарувчката како последица на мерките за спречување на ширењето на Ковид 19, тогаш очигледно се создава микс од опасни фактори кои можат да предизвикаат раст на инфлациската спирала.

Извор: Deutsche welle, Transport Intelligence