Цените на шеќерот се зголемија најмногу минатиот месец, за речиси 10 проценти во споредба со јули
Цените на храната нагло пораснаа во август, за првпат ова лето, поттикнати од наглото зголемување на цената на шеќерот, растителните масла и некои житни култури, објави Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на ФАО за кошница за храна се зголеми за 3,9 поени во август од ревидираната вредност во јули на просечни 127,4 поени.

Во споредба со минатиот август, цените се повисоки за над 30 %.
Цената на шеќерот најмногу порасна минатиот месец, за речиси 10 % во споредба со јули, поради мразот во најголемиот светски извозник, Бразил, кој го оштети родот на шеќерна трска. Загриженоста за порастот на цените е донекаде ублажена со добрите изгледи за производство во Индија и ЕУ, забележува ФАО.

Нагло пораснаа и цените на растително масло, за 6,7%, што го одразува растот на цените на палминото масло поради послабото производство и потенцијалниот пад на залихите во Малезија, но и сончогледовото и маслото од репка.

Индексот на цените на житните култури на ФАО порасна за 3,4% во август во однос на претходниот месец, предводен од порастот на цените на пченицата од 8,8%, поради очекувањата за послаба жетва кај неколку големи извозници.

Цените на пченката, од друга страна, паднаа за 0,9 %, поради подобрените перспективи за производство во Аргентина, Европската унија и Украина, кои го надминаа влошениот изглед во Бразил во САД.

Цените на месото се зголемија само малку во август, бидејќи падот на цените на свинското месо поради намалениот кинески увоз и слабата домашна побарувачка во Европа го ублажи ефектот од повисоките цени на говедско, овчо и живина, поддржани од силната побарувачка во Источна Азија и Блискиот Исток.

Цените на млекото и млечните производи беа речиси непроменети од јули, бидејќи повисоките цени за путер и сирење надоместија поевтини млеко во прав поради слабата побарувачка за увоз и поголемиот извоз од Океанија.

Сушата им наштети на житните култури

Во одделен извештај за пазарите на житни култури, ФАО ја намали проценката за производство на жито оваа година, за еден процент, на 2,788 милијарди тони, што би значело дека треба да биде 0,7 % повисока отколку во 2020 година.

Главните причини се сушите и неповолните временски услови кај големите производители во САД, Канада, Казахстан и Русија, а проценката го отсликува очекуваниот пад на производството на пченица.

Производството на житни култури што се користат во потрошувачката на луѓе и животни, како што е пченката, се очекува да се зголеми за 1,3 %, на 1,499 милијарди тони, и покрај очекуваниот пад во Бразил.

Производството на ориз ќе се зголеми за 0,9 проценти и ќе го достигне највисокото ниво откако ФАО започна со објавување на податоци, на 519 милиони тони, благодарение на рекордната жетва во Виетнам.