Светските цени на храната во април се искачија на највисоко ниво од мај 2014 година, водени од зголемувањето на цените на шеќерот, соопшти во четвртокот Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цени на корпата за храна на ФАО во април порасна за два поени од ревидираната вредност во март, со просек од 120,9 поени.

Цените на шеќерот најмногу се зголемија во април, за 3,9%во споредба со март, водено од бранот на зголемен откуп поради очекуваната намалена понуда, заради проблемите со бербата на шеќерна трска во Бразил и мразот во Франција, што ги оштети насадите со шеќерна репка.

Во споредба со април минатата година, цената на шеќерот е скоро за 60% повисока.

Индексот, кој ги мери промените во цените на растителното масло, се зголеми за 1,8% на месечно ниво, поттикнат од повисоките цени на сојата, семе од репка и палмино масло, додека сончогледовото масло падна во цената.

Цените на месото се зголемија за 1,7%, што е одраз на растот на цените на говедското и јагнешкото месо под влијание на „солидната побарувачка“ од Источна Азија.

Индексот на цените на житните култури ФАО се зголеми за 1,2% месечно во април, поттикнат од пораст на цените на пченката за 5,7%, поради загриженоста за земјоделските култури во Аргентина, Бразил и САД.

Во споредба со април минатата година, цените на житарките се зголемија за 26%.

Цените на млечните производи се зголемија за 1,2% на месечно ниво, како резултат на добрата побарувачка од Азија, која ги поддржа цените на путерот, обезмастеното млеко во прав и сирењето.

Повеќе пченица и пченка

Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарите со жито, ФАО ја зголеми проценката за светското производство на житни култури во 2020 година за 1,7 милиони тони, на 2,777 милијарди тони, што претставува раст од 2,1% во однос на нивото од 2019 година.

Агенцијата на ООН ги објави и првите проценки за производство на пченица во сезоната 2021/2022, предвидувајќи пораст од 0,5%, на 778,8 милиони тони, како резултат на очекуваниот раст од 6% на производството во Европската унија.

Првичните проценки исто така покажуваат дека производството на зрна што се користат во исхраната на луѓето и животните повторно ќе се зголеми оваа година, трета година по ред, најмногу заради поголемо производство на пченка.

Тие забележуваат дека проценките се засноваат на очекувањата за поголемите посеани површини во Бразил, Кина, Украина и САД и на предвиденото закрепнување на приносите во ЕУ.