Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, ги презентираше и образложи клучните резултати што страните на ЦЕФТА ги постигнаа во рамки на заедничката одлука за развој на Заеднички регионален пазар, договорена во ноември минатата година во Софија.

„ЦЕФТА заедно со партнерите вложува големи напори за да заживее идејата за Заеднички регионален пазар и да ги спроведе клучните активности од Акцискиот план за Заеднички регионален пазар, со цел што е можно побрзо нашите граѓани и компании да ги почувствуваат придобивките. Сумирајќи ги резултатите од 2020 година, која ни донесе многу предизвици, може да кажеме дека ЦЕФТА, во ова турбулентно време постигна олеснување на трговијата и исто така да ветиме дека ова ќе остане наш приоритет во 2021 година. Работиме на различни процеси кои ќе значат заштеда на време и трошоци за деловните субјекти, ќе ги спомнам: проширувањето на Зелените коридори /ленти во рамките на ЦЕФТА и кон ЕУ, олеснување на е-трговијата, валидација на програмите за Овластен економски оператор итн. Тимот на Секретаријатот на ЦЕФТА посветено работеше на ова и можам со гордост да ги презентирам навистина добрите резултати за првата половина на 2021 година. “- рече господинот Емир Ѓикиќ.

Најважните достигнувања:

Зелените ленти на ЦЕФТА се воспоставени на сите патни гранични премини во регионот и се прошируваат и на железничките. Како што најави премиерот Кирјакос Мицотакис на Самитот во Берлин, Зелените ленти ќе бидат воспоставени и на премините кон Грција, што ќе послужи како пилот за поврзување на регионот  со земјите-членки на ЕУ. Понатаму ќе се разгледа и можноста да се примени истиот концепт со Италија.

За потсетување, Зелените коридори / ленти се воспоставени по избивањето на епидемијата со КОВИД-19 за да се спречи недостиг на есенцијална стока и медицински материјали и да се ублажат нарушувањата во транспортот и трговијата на стоки предизвикани од различните мерки на претпазливост преземени за да се спречи ширењето на заразата. Секретаријатот на ЦЕФТА и Постојаниот секретаријат на транспортната заедница заеднички го подготвија предлогот за олеснување на транспортот и трговијата со неопходни добра во Западен Балкан и иницијативата беше спроведена за помалку од еден месец.

Статистичките податоци покажуваат дека приближно 80% од камионите ги користат ЦЕФТА Зелени коридори, а 20% од нив користат Зелени ленти пренесувајќи неопходни стоки и имаат корист од приоритетното поминување. Во 2020 година, од почетокот на пандемијата, 500.000 камиони имале бенефит од оваа иницијатива и оттогаш не се пријавени поголеми чекања на премините. Со оглед на успехот на оваа иницијатива, ЦЕФТА страните се согласија да ја прошират на сите премини во рамки на Западен Балкан и тоа функционира од мај.

Со оглед на економската важност на Европската Унија за регионот, околу 2/3 од целата трговија е со ЕУ, ЦЕФТА страните изразија силен интерес да ги прошират Зелените коридори / ленти на премините кон соседните земји-членки на ЕУ, врз основа на заклучоците од Самит во Софија одржан во ноември минатата година. Оваа иницијатива ќе биде од корист и за земјите од ЕУ и за ЦЕФТА регионот бидејќи ќе значи пократко задржување  на камиони на премините и скратување на просечното време на чекање на некои гранични премини ЦЕФТА – ЕУ кое во моментов надминува 2 часа.

Извештаите за валидација за ОЕО програмите за Северна Македонија, Србија и Молдавија се финализирани и подготвени за усвојување. Останатите страни се охрабруваат да аплицираат за процесот на валидација. Царинските администрации вклучени во Програмата се согласуваат да ги признаат валидираните ОЕО од еден пазар на другите шест пазари. Статусот Овластен економски оператор обезбедува полесни постапки за царинење и е клучен елемент во зајакнувањето на безбедноста на синџирите на снабдување овозможувајќи повеќекратна корист за трговијата.

Финализирана е одлуката за олеснување на електронската трговија со која се утврдуваат правилата за е-трговија во ЦЕФТА. Со усвојување на принципот на заеднички пазар и усогласување на клучните правила им обезбедуваме на деловните субјекти еден сет правила за 7 пазари. Ова значи: нема специјални дозволи и регистрации за дигитални бизниси, помалку трошоци поврзани со регулаторна анализа, усогласување, примена и судови.

Финализирани се експертските дискусии за професионалните квалификации и постигнат е значителен напредок во преговорите за решавање на спорови и отстранување на работните дозволи и туристичките услуги.

ЦЕФТА претставува интегриран пазар од 20 милиони луѓе, кој како таков е поконкурентен на ЕУ и на глобалнатата сцена, попривлечен за странските и меѓурегионалните инвеститори и може да донесе дополнителен раст од 6,7% на БДП во регионот. Идејата за воспоставување Заеднички регионален пазар ќе му помогне на регионот во процесот на усвојување на стандардите на ЕУ и приближување кон единствениот пазар на ЕУ.