Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, учествуваше на состанокот на министрите за економија во рамките на Самитот на земјите од Западен Балкан и накратко ги презентираше главните резултати што страните на ЦЕФТА ги постигнаа во првата половина на 2021 година.
„Преземени се клучни чекори за спроведување на идејата за Заеднички регионален пазар, како што беше договорено во ноември. ЦЕФТА останува посветена на целосната имплементација на сите активности неопходни за воспоставување на Заедничкиот регионален пазар, заснован на четирите клучни слободи на кои им се додадени областите: трговија, дигитализација, инвестиции, иновации и индустрија. Само со вложување максимални напори во овие важни задачи можеме да обезбедиме атрактивност и конкурентност на регионот и да го приближиме до единствениот пазар на ЕУ“, рече Ѓикиќ по средбата со министрите.
За заклучоците понатаму ќе се дискутира на претстојниот Самит на земјите од Западен Балкан во Берлин на 5 јули, што како домаќин ќе го отвори германската канцеларка Ангела Меркел.
Постигнувањата презентирани во ЦЕФТА во контекст на Берлинскиот процес се:
- Зелените коридори на ЦЕФТА се проширени на сите премини во регионот. Тие беа проширени на железницата и договорено е да бидат воспоставени и со Италија, со цел да служат за поврзување со ЕУ од една страна и за проширување кон пристаништата од друга страна.
- Извештаите за мисиите за валидација на OЕО (Статус на овластен економски оператор) за трите страни се завршени и се подготвени за усвојување. Останатите страни се охрабруваат да аплицираат за постапката за валидација. Да потсетиме, со взаемно признавање, вклучените царински администрации се согласуваат да ги признаат валидираните програми за OЕО издадени на еден пазар на другите шест пазари.
- Договорена е одлука за олеснување на е-трговијата, со утврдување на правилата за е-трговија во ЦЕФТА.
- Рамката за признавање на професионални квалификации и отстранување на работни дозволи за внатрешни компаниски трансфери и даватели на услуги е близу до финализирање.
- Дополнителниот протокол 7 за решавање на спорови, кој ќе им помогне на страните во ефикасно решавање на нетарифните бариери, постигна значителен напредок за само седум месеци.
На состанокот на министрите во рамки на претстојниот Берлински процес, г-дин Ѓикиќ уште еднаш ја истакна важноста на економската интеграција во регионот и со ЕУ во контекст на економското закрепнување.
Берлинскиот процес, започнат во 2014 година, се темели на фундаменталното верување дека економиите на Западен Балкан се дел од Европа. Тој охрабри низа иницијативи насочени кон поддршка на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската унија. За да се приближи регионот до европскиот единствен пазар, ќе биде важно да се направи напредок во климатската политика и дигиталната транзиција, како и да се започнат важни реформи. Ова вклучува особено комбинирање на барањата на Европскиот зелен договор со ветувачка индустриска стратегија.