Шефот на најголемиот европски добавувач на автомобилски делови Bosch (Бош) ги повика европските влади да потрошат повеќе време за подобрување на конкурентноста на ЕУ наместо да се фокусираат на ризиците со кои се соочуваат компаниите при водење бизнис во Кина.
Повикот од Стефан Хартунг, кој го води Бош од минатата година, доаѓа кога европските престолнини стануваат се позагрижени поради изложеноста на компаниите од регионот на Кина, бидејќи односите на суперсилата со западот се влошуваат.
Претходно овој месец, Германија ги предупреди своите компании да ја намалат зависноста од Пекинг додека ја усвои својата прва стратегија за Кина, нагласувајќи дека владата нема да ја подигне сметката доколку станат жртви на зголемениот геополитички ризик.
Запрашан за намалување на ризиците од водење бизнис со Кина, Хартунг рече: „Што правиме за обединетиот пазар на Европа? За тоа неодамна не се дискутираше толку многу“.
Владите треба да насочат кон подобрувања на единствениот пазар „ако ние, како Европејци, сакаме да бидеме конкурентни“, рече тој во интервјуто во седиштето на германската групација во Штутгарт.
Хартунг укажа на бирократијата со која се соочуваат бизнисите во блокот од 27 земји, како што е процесот на пополнување на формуларите за социјално осигурување А1 како „прашање“.
„Во различни области, наоѓате бариери меѓу земјите и увозно-извозните односи кои всушност понекогаш се полоши отколку кога се работи надвор од Европа“, додаде тој.
Компанијата Bosch е меѓу најголемите работодавци во ЕУ и минатата година оствари приближно половина од своите 88,2 милијарди евра во продажба надвор од Европа. Заедно со својот бизнис со добавувачи на автомобили, кој е негов најголем и главен двигател на профитот, Bosch исто така произведува и домашни апарати, електрични алати.
Хартунг смета дека намалувањето на ризиците од водење бизнис со Кина не е толку лесно колку што звучи и дека „не можете да се ослободите од ризик со изолација“.
Додека светот се префрла на електрични возила, европската автомобилска индустрија се обидува да го задржи чекорот во глобалната трка во која Кина е главен играч.
Bosch минатата година објави дека ќе потроши 2 милијарди евра за преквалификација на некои од своите над 400.000 вработени за подобро да ги опреми за транзицијата во ерата на електрични возила.
Претходно овој месец, Bosch објави дека планира да инвестира 2,5 милијарди евра во водородна технологија.
Извор: Financial Times