Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа

Статусот Овластен економски оператор (АЕО) им носи низ придобивки на компаниите кои го поседуваат. Стануваа посигурен и доверлив партнер, имаат право да користат брза лента на граничните премини, царински контроли на место кое му одговара на операторот, намалување на трошоците и времето воцарински процедури. Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски во интервју за Извоз.МК објаснува кое е значењето на ова одобрение и најавува започнување на процес на взаемно прифаќање на одобренијата со земјите од ЦЕФТА, ЕУ и Кина.

Накратко што претставува концептот на Овластен економски оператор , која е целта на неговото воведување и како сте задоволни од досегашната прифатеност кај економските субјекти?

Овластен економски оператор претставува највисокиот вид и најквалитетен вид  на одобрение што може да го добие еден економски оператор од страна на Царинската управа. Економските оператори за да може да спроведуваат одредени царински постапки, како што се: царинско складирање, увоз за облагородување, поедноставени царински постапки, локално царинење, потребно им е одобрение од царинскиот орган.

Со добивањето на овој вид на одобрение, Царинската управа го признава економскиот оператор, кој може да биде царински застапник, шпедитер, транспортер, производител, извозник, увозник, како за сигурен и безбеден партнер на царинскиот орган во поглед на почитувањето на царинското и даночното законодавство, исполнувањето на финансиските обврски кон Царината и кон државата.

Воведувањето на концептот овластен економски оператор како основна цел ја има можноста за издвојување на сигурните и доверливи економски оператори од редовните текови и контроли и зголемување на фокусот на царинскиот орган таму каде што е најпотребен.

Од почетокот на кампањата за промоција на концептот до денес, сѐ повеќе се зголемува интересот кај економските оператори за овој вид на одобрение што придонесува и за зголемување на разбирањето од нивна страна што претставува самиот концепт, кое  е неговото значење и кои се придобивките со поседувањето на ваков вид на одобрение.

Накратко, Овластениот економски оператор (ОЕО), претставува еден вид на царински меѓународен ИСО стандард што е бесплатен и што носи низа погодности за економските оператори.

Која е процедурата за да се добие овој статус, кој го одобрува и дали има ограничување кои фирми можат, односно не можат да го добијат?

Најголемиот дел од процедурата за добивање на одобрение за овластен економски оператор се одвива пред формалното поднесување на барањето. Економскиот оператор потребно е да направи самооценување на своите царински, трговски, финансиски и безбедносни процеси и активности.
Во тој процес на самооценување потребно е да ги согледа отстапувањата од пропишаните стандарди, да се подобри во некои сегменти доколку е потребно, пред формално поднесување на самото барање.

Одобрението го издава Централната управа на Царинската управа по спроведена контрола од страна на тим на експерти. Рокот за издавање на одобрението е 120 дена, што претставува и индикатор на сложеноста на проверките кои се спроведуваат пред издавање на одобрението.

Ограничувања кои операторите можат да го добијат овој вид на одобрение не постојат. Овластен економски оператор може да биде и физичко и правно лице, доколку ги исполнува критериумите пропишани со Царинскиот закон.

Какви придобивки и носи на една фирма?  Колку тие придобивки функционираат во пракса?

Одобрението за ОЕО, носи низа погодности за економскиот оператор што се прифатени на национално и меѓународно ниво. Како основни поволности кои еден овластен економски оператор може да ги очекува се:

  • Поедноставен пристап кон царинските поедноставувања, што значи дека одобрението за ОЕО претставува еден вид на „меница“ или гаранција дека се исполнети општите услови за добивање на одобренија за локално царинење при извоз и увоз,
  • Помалку физички и документарни контроли на пратките што ги увезува или извезува,
  • Предност во случај кога ОЕО е селектиран за контрола, односно прв на ред за царинска контрола,
  • Вршење на царинска контрола на место што најмногу одговара на ОЕО, а не на царинскиот терминал
  • Подобра соработка со царинските органи, преку контакт лице за прашања и одговори,
  • Можност за приоритетно минување на граница,
  • Употреба на логото „Овластен економски оператор“
  • Можност за взаемно признавање на одобренијата со други земји

Сумирано, тоа значи можност за овластениот економски оператор подобро да ги планира своите активности во поглед на спроведување на царинските постапки, подобрување на односот со царинските органи и можност овие поволности да ги добие во оние земји со кои Република Северна Македонија ќе склучи Договор за взаемно признавање на издадените одобренија.

Зголемување на поволностите за овластените економски оператори претставува и намалување на трошоците, бидејќи овластените економски оператори преку користење на посебна брза лента на граничните премини можат да остварат побрз премин на транспортните средства на овластените економски оператори.

Колку фирми досега се имаат стекнато со статус на овластен економски оператор?

Царинската управа има издадено 12 одобренија за овластен економски оператор и тие се објавени на нашата веб страница. Во процедура на издавање се 6 барања, а од контактите со компаниите има неколку најави од поединечни трговски друштва дека работат и подготвуваат барања за овластен економски оператор..

Кои се плановите за иднина? Што е потребно за да се подобри и унапреди овој концепт и да функционира добро во земјава, но и во регионот?

Постојат повеќе планови за иднина поврзани со самиот концепт и сите тие се насочени кон подобрувања и унапредувања на концептот. Царинската управа има усвоено и „Стратегија за развој на концептот овластен економски оператор“ на која работи тим од експерти.

Во блиска иднина главен предизвик за Царинската управа е можноста за взаемно признавање на издадените одобренија. Со Република Србија имаме склучено билатерален договор за взаемно признавање и во моментот се преземаат првичните чекори за операционализација на тој договор на техничко ниво.

Наскоро ќе почне процесот на взаемно признавање во рамките на државите членки на ЦЕФТА, што значи дека сите погодности што важат во нашата држава ќе им бидат овозможени и во сите земји на ЦЕФТА. Оваа година во рамки на македонското претседателство со ЦЕФТА подкомитетот за царина и потекло на стоки, планирано е да започне процес на преговори за меѓусебно признавање на нашиот концепт на овластен економски оператор со земјите членки на ЕУ.
Воедно, на истата тема, во зачеток се преговорите за взаемно признавање на одобренијата за овластен економски оператор со Кина.

Во рамките на плановите за иднината се и зголемување на капацитетите и ефикасноста на царинските службеници одговорни за спроведување на овој концепт.