FOTO TANJUG

Претставници на Министерството за економија на Србија го разменија Рамковниот договор со јапонската групација „Nidec Corporation“, која планира да изгради фабрика за мотори за електрични возила во Нови Сад, како и центар за истражување и развој.

Договорот ја обврзува компанијата да инвестира 72,9 милиони евра и да вработи 480 работници и предвидува финансиски стимулации од државата Србија во вкупен износ од 8,9 милиони евра, како и можност за други видови на стимулации, како ослободување од данок на доход .

Претседателот на корпорацијата, Nidec, Џун Секи, изјави дека компанијата работи во уште 40 земји во светот и дека има повеќе од 120.000 вработени.

„Имаме 20 центри за истражување и развој и 28 центри за производство. Оваа фабрика ќе биде најдобрата фабрика на групацијата Nidec во светот“, рече тој.

Тој посочи дека компанијата добила исклучителна поддршка од Владата и дека ќе изгради производствен, научен и развоен центар во Србија.

Според него, планот на Nidec е да инвестира 1,5 милијарди евра во Европа во следните десет години, а најголем дел од тие инвестиции ќе бидат во Србија.

Според претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оваа инвестиција е од големо значење за Србија.

„Ова е голем проект на кој работевме неколку години и проект кој суштински ќе ја промени Србија. Нашите цели се да победиме во пандемијата и да имаме што поголем економски раст, за што основен столб се што е можно повеќе директни инвестиции“, рече Вучиќ и додаде дека се надева оти доаѓањето на Nidec ќе придонесе за многу повеќе јапонски инвестиции во Србија.

Групацијата Nidec работи во 40 земји каде има околу 340 компании кои вработуваат 120.000 луѓе, а во 2019 година остварила приход од 11,8 милијарди евра.