ИНТЕРВЈУ

ИНТЕРВЈУ

ЈОРДАНКА РИСТОВА, извршен директор на “ВОРИ” Гевгелија

Компанијата “Вори” од Гевгелија е една од водечките компании во македонската конзервна индустрија и еден од најголемите производители и извозници на преработки од зеленчук и овошје, која извезува речиси 100% од производството.
Од мала семејна компанија основана во 1991 година, гевгелиската “Вори” годинава успеа да се најде на листата 100 најголеми македонски ивозници за 2020 година. Пред две години компанијата “Вори” беше посочена и како една од петте фирми скриени шампиони во Македонија со голем потенцијал за раст благодарение на успешните извозни позиции во регионот и пошироко.

На чело на компанијата “Вори” е Јорданка Ристова која во интервјуто за специјализираниот портал ИзвозМК зборува за предизвиците со кои се соочува компанијата во постпандемискиот период, за идните планови за развој на компанијата и за мерките и политиките кои може да придонесат со поголем извоз и развој на конзервната индустрија во земјава.

ИзвозМК: Каква година беше 2021 година за работењето на “Вори”? Кои беа најголемите предизвици кои ги донесе пандемијата со Ковид 19 и постпандемиското заздравување?

Ристова: Годината која е во заминување за “Вори” како и за повеќето компании беше полна со предизвици. Состојбата со пандемијата со Ковид 19 бараше многубројни прилагодувања на производните процеси со цел да се заштитат вработените, но истовремено да се обезбеди и континуитет на производството и целокупното работење.
Среќа е што во ниеден момент побарувачката за нашите производи не опадна, напротив се зголеми. Но, пандемијата се уште трае и понатаму ни го отежнува работењето.
Сите се надеваме на што побрз крај и враќање во нормала, но изгледа ќе мора да почекаме тоа да се случи.

ИзвозМК: Изминатиов период на глобално и на локално ниво има тренд на поскапување на цените, но и пораст на сите трошоци во работењето, почнувајќи од суровини, транспорт…Каква е ситуацијата во конзервната индустрија и како компанијата одговара на овие предизвици?

Ристова: За жал и во конзервната индустрија состојбата е идентична. Сите репроматеријали се поскапени почнувајќи од мазут, нафта, плин, електична енергија, лим, стакло, хартија, масло, шеќер, свежи земјоделски производи…..

Голем дел од овие поскапувања не затекнаа токму за време на нашата главна производна сезона. Производните трошоци многу се зголемија и бевме принудени да бараме прифаќање за поскапување на договорените продажни цени од страна на нашите купувачи.

ИзвозМК: “Вори” годинава се најде меѓу 100-те најголеми македонски извозници. Може ли накратко да го споделите развојниот пат на компанијата, (кога е основана, број на вработени, приходи, извозо) со што точно се занимава и колку извозот е значаен за досегашниот развој на компанијата?

Ристова: “Вори” е семејна компанија која е основана во 1991 година. Наша главна дејност е производство на храна и тоа: ајвар, ѓувеч, тавче гравче, лутеница, различни салати од зеленчук, феферони, доматни сосови, разни деликатесни и здрави производи, традиционални слатка и слично.
Во моментот имаме 120 вработени лица на неопределен временски период. Приходите минатата година ни беа околу 7 милиони евра, а во таа рамка ќе ја завршиме и оваа година.
Нашето производство првенствено е наменето за извоз или 99,8% се продава на странските пазари, а многу мал дел може да се најде и на македонскиот пазар.
Од самиот почеток се определивме за тој пат и се уште е така. Извозот отсекогаш бил многу значаен за нашата компанија, двигател за развој и напредок.


Ајварот е најизвезуван производ

ИзвозМК: Кои производи најмногу ги извезувате и кои се вашите најголеми извозни пазари? Кои пазари сметате дека имаат најголем потенцијал за зголемување на извозот на македонските компании од конзервната индустрија?

Ристова: Наш главен производ е ајварот, кој е и најизвезуван производ. Но, и сите останати производи кои се дел од нашиот асортиман се наменети за извоз, Присутни сме  на пазарите во голем број на држави ширум Европа. Доколку имате константен квалитет и квантитет побарувачката континуирано расте и вратите се ширум отворени не само за постоечките, туку и за нови пазари.

ИзвозМК: Конзервната индустрија е една од поважните извозни индустрии во земјава. Има ли потенцијал за поголем извоз и развој и како да се постигне тоа? Какви мерки и политики би помогнале од страна на државата и институциите за оваа индустрија да стане поголем производител и извозник?

Ристова: Производството на ајвар и сродни производи се дел од нашата традиција. Финалните производи се со врвен квалитет и тоа е препознаено од крајните потрошувачи низ цела Европа, па и пошироко.

Сепак, работењето во оваа индустрија не е воопшто лесно. Потенцијал има и со подобрување на мерките и политиките од страна на државата можат да се направат огромни промени кои ќе донесат одлични резултати кои ќе бидат континуирани и добри за сите. Еве и некои конкретни предлози:

  1. Во моментот субвенциите за земјоделците кои произведуваат црвена пиперка  и истата ја предаваат во конзервните фабрики изнесуваат 3 денари од килограм.  Ова е секако за поздравување, но резултатите би биле многу подобри доколку субвенциите се покачат на 5 денари од килограм. Оваа култура е од стратешко значење за сите конзервни фабрики и поголемиот откуп ќе значи и зголемено производство, зголемен извоз и зголемени девизни приливи во државата.
  2. Конзервните фабрики не добиваат никакви субвенции. За разлика од нас, винариите (производители на вино и производители на свежо грозје) секоја година добиваат субвенции кои многу им помагаат во развојот. И ова е одлична мерка што државата со години ја спроведува и со тоа го унапредува винарството. Сметам дека истото треба да се направи и со конзервните фабрики, и тоа без исклучок кај сит,е согласно постигнатите резултати. На тој начин сите ние ќе бидеме многу поуспешни и поконкурентни на светските пазари.
  3. За многу материјали кои сакаме да ги увеземе од странство, а ги нема во Македонија, оптеретени сме со огромни царини кои од старт ни ги зголемуваат трошоците и ја намалуваат конкурентноста на производите. Би требало да се направат корекции согласно реалната состојба во државата.
  4. Олеснувањата во работењето кои важат за странските компании кои инвестираат во државата да важат и за домашните компании.

Најважно за извозен успех е да се има квалитетен производ со конкурентна цена

ИзвозМК: Ако се гледа од микро аспект на компанија, што е најважно за успех во извозот  во прехранбената и конзервната индустрија? Што би издвоиле како најважни фактори за извозниот успех на “Вори”?

Ристова: Најважно од се е да се има квалитетни производи. За да се постигне тоа, секојдневно се вложува огромен труд од страна на сите вработени лица во “Вори”, но и континуирано се инвестира во набавка на нови технологии.
Оваа прилика ја користам да ги поздравам сите наши врабoтени и да им искажам огромна благодарност за идеите, посветеноста и одговорното работење.
Благодарение на сето горенаведено доаѓаат и резултатите кои се обидуваме да ги одржиме и подобриме уште повеќе.

ИзвозМК: Што би ги советувале компаниите кои се обидуваат да излезат на странските пазари?

Ристова: Многу фактори влијаат на успехот на една компанија на странските пазари. Секој пазар е специфичен сам по себе, но основно е да се има добар производ и конкурентна цена. На странските пазари дирекно ќе се сретнат со конкуренцијата од цел свет и тоа постојано ќе ги стимулира да напредуваат и да ги подобруваат уште повеќе своите производи.

ИзвозМК: Какви очекувања имате за 2022 година во поглед на резултатите, извозните активности…?

Ристова:
Мислам дека 2022 година ќе биде тешка и неизвесна година за сите, па и за производителите на храна. Се соочуваме со огромни поскапувања на сите репроматеријали и сето тоа ќе се одрази на реализацијата на планирани производни активности и цената на готовите производи.
Сепак нашите производи не спаѓаат во групата на луксузни производи и сe надевам дека продажбата нема да опадне, туку и понатаму ќе оди во нагорна линија.