ИНТЕРВЈУ

ЏЕМАИЛ ДАУТИ, генерален менаџер на Даути Комерц


Компанијата Даути-Комерц своите почетоци ги има во раните 90-ти години, додека денеска е меѓу најголемите 100 компании во Македонија присутна во четири земји и околу 1.200 вработени. Накратко за развојот на компанијата и со што денеска се занимава Даути Комерц?

Даути: Да, токму така. Нашата компанија е меѓу 100-те најголеми во нашата земја и горд сум бидејќи важиме за една од најголемите компании дистрибутери за роба од широка потрошувачка на територијата на Република Северна Македонија, но и во регионот, на пазарите во Косово, Црна Гора и Албанија .

Опстојуваме и растеме повеќе од 30 турбулентни години, активно сме присутни на четири пазари и денес успешно ја негуваме и ја развиваме дистрибуцијата на прехрамбени производи, средства за хигиена и роба за широка потрошувачка. Увозник сме на голем број на производи од ЕУ и останатиот дел од светот и имаме генерално застапништво за дистрибуција на производи на производители од Р.С.Македонија и регионот.

Компанијата Даути Комерц има големо и долгогодишно искуство во работење во регионот. Каде ги гледате најголемите пречки за поголема трговска соработка и поголема економска интеграција на рагионот? Како да се олесни и забрза движењето на стоките низ регионот?

Даути: За жал, незадоволителна е трговската размена на нашата земја со земјите во регионот. Повеќе фактори придонесуваат за таквата состојба. Една од причините е тоа што голем дел на процесите се наследени од поранешните политички и економски  ситуации од претходните уредувања кои денес не се компатибилни со потребите на бизнис заедницата. Потребни се мудри и смели економски политики во насока на елиминирање на бариерите за поширока регионална интеграција. Во оваа прилика ќе наведам неколку од нив:

1.       Да се отвори Балканот. Имено, земјите на Западен Балкан треба да функционираат како една економска целина, да се направи усогласување на економските и даночните политики на земјите во регионот.

2.       Да се усогласат економските стратегии на земјите на Западен Балкан. Бизнисмените секогаш ја гледаат големата слика и целат кон економско поврзување на Балканот и доколку се подобри и зајакне економијата , секако дека ќе бидеме поблиску до евроинтегративните процеси.

3.       Целосна дигитализација на јавниот и приватниот сектор на земјите во Западен Балкан. Треба да се имплементираат најсофистицирани решенија кои ќе придонесат кон елиминирање на сите пречки за проток на луѓе, капитал, идеи и трговска стока. Долгорочната стратегија за стабилен Балкан е креирање на регион без граници, со што ќе се овозможи слободен проток на граничните премини.

4.       Потребни ни се конкретни заеднички чекори кои едноставно ќе го решат прашањето за инфраструктурата меѓу нашите земји, а тоа вклучува модерен патен, железнички сообраќај и енергетска поврзаност .

Многупати сме праќале порака до лидерите на Европската Унија, дека тие се надеж за подобро утре на сите наши компании и како такви имаат голема одговорност кон процесот на проширување.

Главната порака е да се изгради економија, во која ќе се овозможи взаемно признаена документација од типот на сертификати, уверенија и дипломи, како и останата пропратна документација која е потребна за движење на капиталот и трговската стока. На тој начин ќе обзебедиме заеднички пристап на трети пазари во ЕУ и светот .

Порачуваме до лидерите на ЕУ дека земјите од Западен Балкан не треба да бидат заложници на нерешени политички прашања. Тие треба да се насочат кон зајакнување на економските текови, а политичките спорови да се оддалечат и да се решаваат на локално ниво.

Во изминатиов период се промовираа многу иницијативи за регионална соработка, колку од нив вродија со плод ? Што допринесе иницијативата ,, Отворен Балкан ,, во превземањето на чекори за олеснување на движењето на стоки , бидејќи се уште компаниите се жалат дека чекањето на границите е предолго и има се уште многу пречки: царини, давачки… Гледате ли вие како компанија резултат од овие иницијативи, има ли подобрување на терен?

Даути: После 90 -тите години имаше многу иницијативи за билатерална и мултилатерална соработка. Ако добро се сеќавам беа повеќе од 70 тина , со кои се иницираа модалитети за движење на робата од земјите на Западен Балкан. Од сите активни иницијативи, одговор и спроведливи решенија даде договорот на ЦЕФТА во 2006 година со кој се олеснија можностите на веќе создадената матрица на билатерални трговски договори за слободно движење на трговска стока.  Исто така, голема заложба претставува иницијативата на Берлинскиот процес која започна во 2014 година. Но, сепак, и поддршката од Германија, преку ЕУ бавно се одвиваше. Иницијативата Отворен Балкан некако произлезе како одговор, да не кажам како револт од бавно спроведување на овие иницијативи, кои се неопходни на бизнис зедницата за забрзан
економски раст.

Бизнисот е тој кој е секогаш буден да одговори на прашањата кои се од суштинско значење за негов напредок. Токму поради тоа сме имале и чести писмени иницијативи и сме промовирале јасни ставови. Тука би истакнал дека Даути Комерц А.Д во соработка со Стопанската Комора на Северна Македонија во октомври минатата година организираше Бизнис форум, кој се одржа во просториите на Комората, кадешто се сретнаа бизнисмените од пет земји на Западен Балкан: Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Македонија. Како и секогаш, централна тема на расправа беше регионалната соработка, но овој пат од сосема друг аспект: од поединечно кон општото, што значи низ сопствени примери да се анализираат проблемите на регионалната трговија меѓу овие земји.

На прашањето дали има подобрување, секако дека има, евидентни се резултатите кои се значајно подобрени. Но, сепак, сметам дека дополнително треба да се работи на креирање на заеднички стратегии во регионот.

Доколку за пример ги земам параметрите од нашата компанија, евидентно е дека извозот е зголемен. Тоа го потврдуваат статистичките податоци за вкупен извоз на ниво на Македонија, кој во 2022 година изнесувал 8,3 милијарди евра, што е зголемување за 19,9% или 1,37 милијарди евра во споредба со 2021 година, кога извозот изнесувал 6,9 милијарди евра. Истиот тренд го потврдуваат и показателите за нашата компанија. Ние како Даути Комерц А.Д до 30.09.2022 година по основ на извозни документи сме оствариле 700.000 евра, а за истиот период оваа година 2.000.000 евра. За тој позитивен тренд придонесоа многу фактори покрај комерцијалните активности, а тоа се токму придобивките од олеснување на царински постапки и делумното отстранување на тарифните и нетарифните бариери за кои погоре разговаравме.

Колку е важна логистиката и дистрибуција за освојување и успешен настап на пазарите во регионот и пошироко, посебно во време на нарушувања во синџирите на снабдување? Колку Даути Комерц може да им помогне на македонските извозници за подобар настап на пазарите во регионот?

Даути: Дистрибуцијата го претставува крвотокот на секоја развиена економија, а воедно и најважна алатка за капиларно освојување на пазарот во регионот. Сведоци сме на ново време каде промоцијата на секој нов производ е многу полесна преку формите на дигитален маркетинг и е-трговија. Но, и во овие новонастанати услови се докажува дека колку е попрофесионален процесот на логистика и дистрибуција, толку побрзо производот ќе дојде до крајниот потрошувач. Не постои можност за тргување, кој ја исклучува потребата од дистрибуцијата на производи и стоки.

Даути Комерц А.Д со својата регионална поставеност направи вмрежување на пазарите во регионот и изгради стабилна стратегија за да може да се справува со пречките, а да ги искористи предностите кои се специфични за секој пазар поединечно. Затоа сметам дека нашата компанија е пример од кој многу компании може да научат, не само како да ја зголемат трговијата, туку и како да се подобрат во размената на информации, технологија и луѓе, кои се потребни за долгорочен развој. Долги години постоиме и сме регионално активни и успешно се справуваме со сите општествени предизвици, политички и економски, во секоја од државите каде имаме наши претставништва.

Нашата компанија како извозник на роба за широка потрошувачка својот извоз го започна во 2021 година, најпрвин кон земјите од ЕУ, со евидентен забрзан раст на истиот од година во година.

Во изминатиов период инфлацијата ги зголеми цените на рекордно високо ниво, а Владата повторно посегна по замрзнување на цените. Даути-Комерц е извозник, но и увозник на храна. Кои се причините за високиот раст на цените и дали инфлацијата и забавувањето на економијата се чувствуваат врз побарувачката и продажбите?

Даути: Инфлаторните движења во нашата држава се резултат на целокупните настанати геополитички околности во светот. Почетоците на појавата на инфлација ги забележавме за време на пандемијата со Ковид 19, кога за првпат се појави застој и нестабилност во синџирот на снабдување . Дополнителни неповолни услови наложи војната во Украина. Со тоа , економијата на нашата земја едноставно беше засегната од овие влијанија и не и беше оставен простор за да може да влијае поинаку од она што го наложуваа глобалните појави.

Инаку, да, секако дека процесот на инфлација и забавувањето на економските процеси значително влијае на целокупниот тренд на побарувачка. Намалена е куповната моќ на крајниот потрошувач, исто така голем дел од производствените капацитети како во нашата држава, така и во регионот се соочија со неможност да одговорат на барањата, со што значително се наруши и континуитетот на снабдување.

Иако не може во целост да се елиминира овој тренд на инфлаторни движења , има начини да се влијае за да се ублажи истиот. Имено, неблагодарно е мешањето на државата во формирањето на ценовната политика на добрата и услугите. Постојат други инструменти преку кои државата значително може да придонесе за намалување на овие инфлаторни движења како што е  воведување на регулатива за сузбивање на доминантните позиции на пазарот на поединечни субјекти, т.е. воведување на регулатива со која ќе се елиминира нееснафското и нефер тргување.

Државата треба да ги укине тарифните и нетарифните бариери за увоз како што се: контингенти, прелевмани, бандероли итн. кои суштински ја отежнуваат конкуренцијата и ја зголемуваат цената.

И секако, тука ќе ја наведам можноста за доделување на ваучери за социјално ранливи категории каде ќе се даде помош и можност на населението да купува домашни производи, со што ќе допринесе кон зголемување на потрошувачката кошничка, но и како стимул на домашното производство.

Даути-Комерц има и посебна транспортна компанија Даути Транспортшпед, која неодамна направи преземање на транспортна компанија во Хрватска. Какви се плановите?

Даути: Да, Даути Транспортшпед е наша сестринска фирма која произлезе како резултат на потребите за поусовршени процеси за транспорт, увоз и шпедиција, најпрвин за нашите сопствени потреби, за потоа, со тек на време да прерасне во компанија специјализирана за друмскиот превоз на роба,  со голем број на соработници и сопствени претставништва во РС. Македонија , Р.Албанија, а од оваа година и во Р.Хрватска.

Ја купивме транспортната компанија ,, The Jag Corportaion”, од Вараждин , поради потребата за обезбедување на подобри услови за функционирање кои ќе одговараат на европската регулатива,  а воедно и присуство на европскиот пазар.

Какви се плановите за развој на Даути-Комерц во земјава и регионот? Во која насока ќе продолжите да се развивате?

Даути: Даути Комерц А.Д и во иднина за своја главна цел го има усовршувањето и развојот на професионална дистрибуција во нашата држава, но и во сите свои останати претставништва во Косово, Албанија и Црна Гора. Нашиот главен фокус во иднина ќе биде извозот на роба кон ЕУ од домашни производители и од производители во регионот. Денес извезуваме во Србија, Босна, Хрватска, Словенија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Франција, Италија, Германија, а ги истражуваме и можностите за пласман во Блискиот Исток и САД.

Согледавме дека богатата палета на производи за широка потрошувачка, зрелата соработка која со години ја негуваме со нашите добавувачи, како и целокупните комерцијални услови кои постојат на пазарот, се предуслов кој ни овозможи да размислуваме за проширување на извозот како продажен сегмент. За тaа цел, проектиравме и го отпочнавме со градба нашиот извозен центар со капацитет од 30.000 м2, со најсовремена опрема за функционирање. Нашата компанија сериозно е посветена на извозот како сегмент и цврсто сум уверен дека ќе успееме да ги постигнеме нашите интереси, како и интересите на пошироката зедница.