Колумна/ ТОП 100 Извозници 2020
Автор: Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Р.С.Македонија
Нема сомнение дека кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 е специфичен шок, којшто предизвика значителен пад на глобалната трговија, ограничено движење на луѓето, ограничен проток на стоки и услуги и нарушување на глобалните синџири на производство. Секако дека ваквото глобално окружување и синхронизираната рецесија со којашто се соочува светот имаат одраз врз македонската економија и нашиот извозен сектор.
Во априлските проекции на Народната банка ги вградивме тогашните очекувања според коишто падот на економската активност на клучните трговски партнери на нашата економија (странската ефективна побарувачка) би бил, во просек, околу 5% во 2020 година, што е слично на остварувањата во 2009 година (Глобалната финансиска криза). Овие оценки во најголем дел се должеа на очекуваниот пад на германската економија како наш најзначаен трговски партнер од 5% во 2020 година, како и очекуваниот пад кај сите останати позначајни трговски партнери (којшто се движеше од 2,6% до 9%).Тоа сценарио претпоставуваше привремени ефекти од пандемијата во првата половина од годината и закрепнување во текoт на втората половина, со процени за раст на активноста од близу 5% во 2021 година. И тогаш ја нагласивме невообичаено високата неизвесност околу овие оцени, со оглед на неможноста за предвидување на траењето на пандемијата, начинот и брзината со којашто земјите ќе ги олабавуваат рестриктивните мерки, ефективноста на фискалните и монетарните политики, како и промената во однесувањето на населението и инвеститорите. И покрај значајниот стимул преку фискалната и монетарната политика во голем број земји, сепак последните оцени покажуваат дека во текот на оваа година, падот на странската ефективна побарувачка веројатно ќе биде малку поголем од првично очекуваниот (последни процени за пад од 6,8%), додека за следната година оцените се непроменети.
Вакви корекции во периодот од април до јули направи и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). По априлските проекции за пад на глобалната економска активност од 3% во 2020 година, во јуни ММФ дополнително ја ревидира надолу проекцијата на глобалната економска активност на 4,9%, со видувања за постепено закрепнување од ефектите на пандемијата, што ќе доведе до раст на глобалната економија од 5,4% во 2021 година. Сепак, ваквите движења значат дека следната година нивото на глобалниот БДП ќе биде пониско за околу 6,5% отколку нивото што беше очекувано во јануари, пред почетокот на ширењето на заразата.
Во услови на исклучително висока неизвесност, овие проекции се придружени со изразени ризици, коишто се однесуваат на можноста за повторно засилување на пандемијата во глобални рамки и воведување рестриктивни мерки коишто дополнително би влијаеле негативно на економската активност, односно можноста за повторно затегнување на условите на финансиските пазари. Врз основа на ризиците, ММФ разработува и две алтернативни сценарија.
Според првото сценарио, во кое се претпоставува дека ќе дојде до нов бран на пандемијата на почетокот на 2021 година, глобалниот БДП во 2021 година би бил понизок за 4,9% во однос на основното сценарио. Според второто сценарио, коешто претпоставува побрзо закрепнување на глобалната економија, глобалниот БДП би бил повисок за 0,5% во 2020 година и за 3% во 2021 година, во споредба со основното сценарио.
Во вакви околности на исклучително неповолно глобално окружување, невообичаено висока неизвесност, влошување на конјуктурата на светските берзи, привремен прекин на синџирите на производство, во априлските проекции вградивме очекувања за двоцифрен пад на извозот од 20,4% во 2020 година.
Ваквите очекувања, сепак, се малку поумерени во споредба со остварениот годишен пад на извозот на стоки за време на акутната фаза од светската економска криза, којшто во 2009 година достигна 28,2%. Најизразени ефекти беа оценети за второто тримесечје од годината, со оглед на тоа што во овој период дојде до привремен прекин на глобалните синџири на производство на автомобили, особено на германскиот, во којшто се интегрирани голем дел од нашите извозни капацитети.
Се очекува дека традиционалните извозни сектори исто така ќе бидат најпогодени во вториот квартал, при остар пад на странската побарувачка, како и логистички проблеми во глобалната трговија и неизвесноста.
Ефектите од овие нарушувања, според проекцијата, би биле видливи и во втората половина на годината, но со постепено намалување на интензитетот. Засега, движењата се во рамките на очекувањата. Имено, статистичките податоци покажуваат пад на извозот на стоки во периодот април-мај од околу 50% на годишна основа, што е во рамките на очекуваниот пад за вториот квартал вграден во нашите проекции. Најголем придонес во намалувањето на извозот на стоки имаат поновите капацитети во економијата, чијшто пад на извозната активност во април и мај објаснува дури 78% од намалувањето на вкупниот извоз.
Оваа динамика уште еднаш ја потврдува високата зависност на домашната економија од извозот на поновите индустриски капацитети и следствено случувањата во германската економија, но и автомобилската индустрија на глобално ниво.
Притоа, иако со влезот на капацитетите во странска сопственост дојде до пренасочување на дел од извозот кон производи со поголем степен на обработка и технолошка интензивност, потребни се мерки за натамошна диверзификација на извозот на стоки.
Покрај тоа, грануларните податоци со коишто располагаме покажуваат дека голем дел од компаниите коишто ги затворија своите капацитети кон крајот на март, веќе од мај започнуваат со постепено нормализирање на своето работење.
Во 2021 година, со оглед на ниската споредбена основа, како и претпоставката за солидно закрепнување на глобалната економска активност во наредната година, се очекува забрзување на стапката на раст на извозот на стоки, при постепено стабилизирање на искористеноста на производствените капацитети на поновите компании ориентирани кон извоз, како и раст на активноста кај традиционалниот извозен сектор.
Наредната 2021 година се очекува раст на извозот на стоки од околу 25,6%, при што тој би го достигнал нивото од 2019 година.
Имајќи ги предвид карактеристиките на домашната економија, односно нејзината висока зависност од увоз, очекуваме дека надолните корекции и на домашната и на извозната побарувачка ќе доведат до пад и на увозот на стоки во текот на оваа година. Намалениот извоз на стоки, воздржаноста од инвестициски активности, но и корекцијата кај личната потрошувачка би довеле до пад на увозот на стоки од 18,3%. Придонес кон оваа промена во увозната компонентна се очекува и од намалувањето на светските цени на нафтата. Со постепеното нормализирање на вкупната активност во економијата, се очекува дека увозната побарувачка ќе се зголеми значително во 2021 година, за 22,4%.
Имајќи го предвид големото значење на извозниот сектор за македонската економија, како од аспект на надворешната позиција на економијата, така и во контекст на постигнувањето повисоки стапки на долгорочен, одржлив економски раст, Народната банка постојано го поддржува работењето на извозните компании преку конкретни нестандардни мерки.
Уште позначајно е тоа што овие мерки не се нови и не се исклучиво поврзани со актуелната состојба со ковид-19. Имено, почнувајќи уште од јануари 2013 година, Народната банка направи промени во инструментот за задолжителната резерва, односно ја намали основата за задолжителната резерва на банките за износот на новоодобрени кредити на компаниите коишто се нето-извозници и на компаниите од енергетскиот сектор. Оваа нестандардна мерка, којашто беше активна сѐ до декември 2019 година, имаше за цел да обезбеди намалување на цената на кредитите одобрени на овие компании, како и зголемување на обемот на кредитната поддршка за овие значајни сектори од економијата.
Имено, на крајот на 2019 година, состојбата на одобрените кредити кон системски значајните сектори изнесуваше 13 милијарди и 484 милиони денари, при што вкупно ослободената ликвидност по овој основ изнесуваше 1 милијарда и 79 милиони денари.
Заради тековната состојба во која се наоѓаат глобалната и домашната економија, беше потребен модифициран, сеопфатен сет на мерки коишто би им помогнале на компаниите, како на извозниците, така и на оние коишто се ориентирани само кон домашниот пазар, во одржувањето на редовните активности и непрекинатоста во работењето.
Оттука, Народната банка, во изминатиот неколкумесечен период од започнувањето на кризата донесе сет мерки насочени кон олеснување на последиците од кризата, подобрување на ликвидносните услови, олеснување на условите на финансирање и поддршка на економијата во целина.
Во овој период ја намаливме каматната стапка на историски најниското ниво од 1,5%, беше намалена понудата на благајнички записи со што обезбедивме дополнителна ликвидност за банкарскиот сектор којашто може да се насочи кон кредитирање на приватниот сектор, направивме повеќе регулаторни измени за поголема регулаторна флексибилност и го проширивме опфатот на хартии од вредност коишто Народната банка може да ги прифати од домашните банки при обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. Повторно беше активирана нестандардната мерка на задолжителната резерва, но во тековните услови оваа мерка ги опфаќа компаниите од најпогодените сектори. Секако, сите овие мерки имплицитно се однесуваат и на компаниите во извозниот сектор, којшто беше помеѓу првите сектори кои беа погодени од кризата.
Со помош на преземените мерки, кредитниот раст и во овие кризни услови се одржа на солидно ниво, а податоците заклучно со јуни оваа година се и над нашите очекувања согласно со последните априлски проекции. Ова не беше случај во периодот на економската и финансиската криза, кога во текот на 2009 година дојде до значително забавување на кредитниот раст.
На крајот, би сакала да истакнам уште два аспекта коишто ќе бидат клучни, особено на среден рок, не само додека трае туку и по разрешувањето на кризата предизвикана со пандемијата.
Прво, на средината на јули, лидерите на ЕУ постигнаа договор за заедничко позајмување на 750 милијарди евра како одговор на пандемијата (од кои 390 милијарди ќе се користат како грантови и 360 милијарди како кредити), како и договор за наредниот седумгодишен буџет на ЕУ од малку над еден билион евра. Позитивните реакции од страна на пазарите укажуваат дека овој пакет ќе има силен ефект за надминување на последиците од пандемијата и закрепнување на европската економија, што индиректно ќе се одрази поволно и на нашиот економски раст, со оглед на силните економски врски.
Второ, не треба да ги изумиме долгорочните, фундаментални фактори на нашиот економски раст и конвергенцијата на доходот. За мала, отворена економија како нашата, конвергенцијата на доходот е речиси невозможна без забрзување на извозот и продлабочување на интеграцијата во меѓународната економија. На ова поле, во периодот пред пандемијата ние имавме значителен напредок, како резултат на зголемените странски инвестиции, особено во автомобилската индустрија, што ја поврзаа нашата економија со германските синџири на производство и истовремено придонесоа за зголемување на надворешната трговија, особено извозот. Со тоа се зајакнаа врските со европската економија, но и придонесот на извозот за растот на БДП. На долг рок, конвергенцијата на доходот директно зависи од степенот на трговска и финансиска интеграција, и тоа преку неколку канали: подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економијата, диверзификација на економската и извозната структура (со тоа и диверзификација на ризиците), повисоко ниво на софистицираност на извозот, односно на додадена вредност, како и постабилно финансирање на растот преку странските директни инвестиции. Оттаму, неопходен е фокус не само на краткорочните предизвици, туку и на структурните реформи коишто ќе го зголемат извозниот потенцијал на нашата економија на долг рок, како значајна детерминанта на реалната конвергенција.
(Колумната е објавена во едицијата Топ 100 Извозници).