Министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека во изминатиот период се работело интензивно на сценаријата како кризата со корона вирусот би влијаеле врз остварувањето на приходите во буџетот во 2020 година.
Таа вели дека има три сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно сценарио.
Кај сите сценарија, вели Ангеловска, најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од годинава и во зависност од видот на даноците тој пад се очекува да биде од 40% до 65% во однос на претходната година. Проекциите за третиот и четвртиот квартал зависат од тоа кога би започнало економското обновување.
“Колкава ќе биде т.н дупка во буџетот зависи од тоа коку ќе се зголемат потребите за финансирање и кое од овие сценарија ќе се случи. Проектираните приходи за годинава изнесуваат околу 3,6 милијарди евра, додека расходите се планирани на 3,9 милијарди евра. Согласно овие проценки дефицитот во буџетот беше проектирано да изнесува околу 300 милиони евра. Колкав ќе биде дефицитот сега ќе зависи од тоа колку ќе се намалат приходите во буџетот. И покрај зголемените расходи за здравствениот систем и мерките за поддршка на економијата, расходите за годинава ќе се реализираат речиси целосно, но со значителна промена во структурата на расходите. Ќе се направат значителни реалокации и пренамени на средствата и кратење на непродуктивните трошоци’, вели Ангеловска.
Првото поповолно сценарио предвидува вкупен пад од околу 20% на вкупните прихди во буџетот во однос на планираното. Тоа и значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра , што значи дека за исто толку би се зголемил и дефицитот во буџетот за годинава.
Второто сценарио предвидува пад на приходите од околу 30%, што значи дека недостатокот во буџетот би бил околу 1 милијарда евра.
Кај третото сценарио се предвидува пад од околу 40% на вкупните приходи на годишно ниво, што значи дека дополнително би требале 1,3 милијарди евра.
“За секое од овие сценарија имаме и сценарија за финансирање, но неизвесноста на финансиските пазари создава дополнителни предизвици. Во тек е постапката за обезбедување на средства од ММФ и Светската банка и т.н заем до еврообврзница со кој ќе премости периодот до издавање на еврообврницата. Се очекува во мај да ги обезбедиме овие средства во износ од 600 милиони евра, кои сметаме дека ќе бидат доволни за да се финансира реализацијата на расходната страна и економските мерки”, вели Ангеловски, која потенцира дека со двата пакети имаме за цел да го амортизираме ударот врз стопанството, да ги заштитиме работните места и социјалната стабилност на земјата.