ИНТЕРВЈУ
СТЕФАН БОГОЕВ, директор на Царинска Управа на Р.С.Македонија
Од неодамна сте на чело на Царинската управа на РС Македонија. Успеавте ли да ги поставите правците и приоритети по кои ќе се развива Царинската управа под Ваше раководство?
Богоев: Работењето на Царинската управа се темели на три елементи, фискален елемент (прибирање приходи), заштита и безбедност на општеството (спречување обид на внес на опасни материи, оружје и фалсификувана стока),како и економски елемент (олеснување на легалната трговија и забрзување на транспортот како и спроведување на владините политики во насока на поддршка на економскиот раст и зголемување на економската конкурентност). Овие елементи, дополнети со континуиран организациски и инфраструктурен развој се преточени во стратешките приоритети на Царинската управа, во рамки на кои се дефинирани конкретните цели и активности кои ги планираме и спроведуваме.
Основа за исполнување на овие стратешки приоритети и цели е ефикасностa на институцијата и следење на новите трендови во трговијата на меѓународно ниво. Новото време во кое живееме и изменетите услови во кои се одвива движењето на стоки бара и трансформација на Царинската управа која ќе делува како ефикасен сервис на стопанството и граѓаните. Трговијата е крвотокот на македонската економија, при што илјадници работни места зависат од неа. Производителите се потпираат на увозот на интермедијарни производи и суровини, за да можат да овозможат високо квалитетни производи по конкурентни цени. Оттаму, ефикасни услуги од Царината се повеќе од потребни, со цел овозможување економска конкурентност и европска интеграција.
Царината под мое раководство ќе делува како ефикасен сервис за бизнис заедницата и граѓаните при што приоритетите се:
Прво, повеќе пари во Буџетот, што значи повеќе пари за болници, за училишта, за патишта, за плати, за пензии и слично. Второ, да делуваме како сервис на стопанството, што значи спроведување политики за олеснување на трговијата и забрзување на транспортот, со што ќе ги подобриме условите за водење бизнис, што ќе овозможи нови инвестиции и нови работни места. И трето, да го сузбиеме криминалот, шверцот и да ја намалиме корупцијата, што повторно е во насока на заштита на општеството и генерирање повисоки приходи во Буџетот. Тоа се поставените цели и тука нема компромис.
Долгите редици на граничните премини се еден од најгорливите проблеми на бизнис. Што конкретно презема Царинската управа за да се олеснат и забрзаат царинските постапки, транспортот и трговијата?
Богоев: Уште од првиот ден од моето назначување на функцијата директор на Царинска управа, ветив дека во рамки на институцијата заеднички ќе спроведуваме ефективни мерки и политики, сè со цел олеснување на трговијата и забрзување на протокот на стоки и патници. Резултатите треба да бидат мерливи со намалување на времето на завршување на процесите за царинење и помали трошоци за компаниите.
Ова несомнено бара и поголема регионална соработка која ќе овозможи побрза регионална интеграција, овозможувајќи економијата во државата да расте со повисока стапка.
Во оваа насока клучно е спроведувањето на политики коишто ќе испорачаат позитивни резултати, кои се веќе видливи од досега спроведените активности.
Во рамки на иницијативата Отворен Балкан, имплементиравме значителни мерки за унапредување на движењето на луѓе и стока преку заедничките државни граници на земјите од оваа иницијатива.
Конкретно со Србија, воспоставивме концепт за заедничка гранична контрола на Табановце, каде овозможивме инепречено функционирање на 10 ленти, а во јуни годинава од нашата и од српска страна беше проширен сообраќајниот пристап на граничниот премин.
Исто така, со Албанија овојконцепт го воспоставивме на граничниот премин Ќафасан. И на Ќафасан и на Табановце е воспоставена приоритетна лента за сите товарни возила кои превезуваат стоки од земјите од Отворен Балкан, кои исто така овозможуваат приоритетен третман за стоките преку зелените коридори, како и за компаниите со статус Овластен економски оператор од кај нас, Србија и Албанија. За овие компании претходно е спроведен процес на меѓусебно признавање на статусот на ОЕО во рамките на ЦЕФТА. За сите нив е намалено времето на чекање на граничните премини преку даден приоритет во преминувањето на границата и спроведување на царинските формалности со скратени и олеснети контроли.
Во координација со Царините од земјите од Отворен Балкан, работиме и на дополнителни олеснувања на царинските формалности.
Во финална фаза се подготовките за воспоставување на оне-стоп-шоп и на граничниот премин Блаце со Косово. Граничниот премин Блаце е втор позначаен северен граничен премин, кој овозможува влез кон Косово, Србија, Црна Гора и потоа кон Јадранското море.
Со нашиот јужен сосед Грција исто така имаме одлична соработка. Во моментов интензивно работиме на воведување и изградба нов граничен премин Маркова нога во Преспанскиот регион.
Во рамки на соработката со Бугарија во моментов во финална фаза е изработката на проекти за реконструкција на граничните премини Деве Баир и на Делчево, а се работи и на воспоставување нов граничен премин Берово (Клепало) – Струмјани.
Модернизацијата на постоечките и воспоставувањето нови гранични премини е само еден аспект од пошироката стратегија за обезбедување на подобри услови за спроведување на трговската политика.
Втор аспект е процесот на дигитализација. Технолошкиот напредок бара постојано унапредување, како и воспоставување нови ИТ системи коишто ќе овозможат забрзување на транспортот. Во таа насока се и барањата од Европска унија за воведување на ИТ системи според најновите европски спецификации, за кои, пак, исто така е потребно усогласување на законодавство за да се овозможи примена на тие системи во пракса.
Овде би сакал особено да ги истакнам заложбите на Царинската управа во спроведување на Проектот за воспоставување на нов Национален едношалтерски систем, кој ќе функционира како нов граничен бизнис хаб за одвивање на целиот увоз, извоз и транзит. Ова значи дека сите процеси поврзани со царинење на стоките ќе се завршуваат под еден покрив, што за бизнис заедницата значи заштеда на време и средства.
Согласно Царинскиот законик на Унијата и Конвенцијата за заедничка транзитна постапка во моментов работиме и на имплементација на Новиот компјутеризиран транзитен систем – НКТС 5, што во пракса значи нова верзија на системот за транзит со подобрени функционалности, согласно европските спецификации.
Ова се само дел од мерките и проектите коишто се спроведуваат во насока на унапредување на трговската политика што ќе придонесе за олеснување на трговијата и забрзување на транспортот во регионот и на меѓународно ниво, зголемување на конкурентноста на македонската економија, а истовремено се испраќа позитивен сигнал за странските инвеститори во нивните одлуки за инвестирање во нашата држава.
Дигитализацијата на царинското работење се наметнува како императив за нормално функционирање на царинските институции во овие неизвесни времиња, но и како неопхoдност во трансформацијата на општеството и борбата против корупцијата. Како Царинската управа ги следи овие трендови на дигитализација и кои проекти се имплементирани во пракса?
Богоев: Во однос за забрзувањето на трговијата како што кажав претходно работиме на воведување на нови и унапредување на постоечките ИТ системи, како што е НЦТС 5, што е во насока на целосно се усогласување и поврзување со системите што се користат во ЕУ, но истовремено одиме и чекор понапред со следење на светските практики се со цел ефикасен одговор на најновите предизвици со коишто се соочуваме.
Во време кога сме длабоко навлезени во фаза во која светот зависи од брзата размена на информации и податоци, од големо значење е надградбата и поврзувањето на ИТ системите што ќе се користат за обработка на податоците, што ќе значи и подобро менаџирање со ризиците.
Минатата недела со Царинската служба на Република Кореја потпишавме Меморандум за разбирање во рамки на којшто ќе добиеме грант од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на ИТ систем за унапредување на менаџирањето со ризици и податочен склад. Овој систем, со користење вештачка интелигенција ќе ги користи складираните податоци за понатамошна анализа и меѓу другото – да алармира за потенцијален ризик. На пример, доколку една компанија увезува еден тип на производи и доколку само еднаш увезе други производи коишто не се типични за неа, тогаш ваквиот систем алармира за можен ризик.
Овој софтвер и соодветниот хардвер ќе придонесат кон реализација на клучните цели на Царинската управа – да собереме повеќе пари во Буџетот, да бидеме партнер на бизнис заедницата, но пред сѐ во борбата против организираниот криминал и корупцијата, што повторно придонесува за повеќе приходи во Буџетот.
Неодамна најавивте автоматизација на граничните премини и воведување на концепт на границите. Како точно ќе функционираат овие новини и какви промени ќе донесат тие за фирмите и граѓаните?
Богоев: Завршен е изборот на изведувач за комплетно нов систем на камери со софтверски систем што ќе ги обработува податоците за препознавање на регистарските таблички, во вредност од 900 илјади евра, преку проект кој се реализира со поддршка од Светска банка.
Договорот за набавка на опремата е потпишан и согласно плановите, очекуваме следната година да имаме комплетно паметен систем на камери со софтвер со вештачка интелигенција.
И на овој проект, една од главните цели е сузбивање на криминалот и корупцијата, поголеми приходи во буџетот, а со тоа и унапредување на македонската економија.
Ги истакнувам заложбите за искоренување на криминалот и корупцијата, бидејќи тоа е основа за побезбедно општеството, намалување на сивата економија, и значително подобрување на условите за водење бизнис, што ќе резултира со повеќе инвестиции и можности за извоз со поголема додадена вредност.
Кои се идните проекти и промени кои извозните компании можат да ги очекуваат од Царинската управа во насока на модернизација на царинското работење и олеснување на трговијата?
Богоев: Олеснувањето на трговијата и модернизацијата на царинското работење како еден нашите основни приоритети, опфаќа три аспекти. Првиот аспект е дигитализација на процесите, вториот е модернизација на граничните премини по светски стандарди. Третиот, но не и најмалку важен е зајакнување на институционалните капацитети.
Во делот на модернизација на граничните премини направени се суштински чекори за коишто веќе говорев. Воспоставен е концептот за заеднички гранични контроли на Табановце, Ќафасан и Блаце. Во моментов во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан работиме на модернизација и проширување на преминот Деве Баир, а планирана е и реконструкција на преминот Ќафасан. Воедно како дел од проектите кои ќе се реализираат во следниот период е и пуштање во употреба на два нови граничен премин Клепало и Маркова нога.
Подетално, реконструкцијата на граничните премини Ќафасан и Деве Баир којашто се реализира во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, а ќе се овозможи и подобрување на логистиката до другите трговски партнери во ЕУ и регионот.
Од аспект на дигитализација, во моментов работиме на усогласување на системите со оние на ЕУ со цел истите да се воспостават пред пристапувањето во ЕУ. Освен системите кои веќе ги споменав, ќе го истакнам и проектот за имплементација на ЕОРИ 2 (Системот за управување со пристап до идентитет) којшто ќе се реализира со поддршка на ЕУ ИПА фондовите. Истиот обезбедува забрзување на трговијата, но и соодветна контрола на истата.
Но, сведоци сме дека човечкиот фактор е неизбежен за успешна реализација на проектите, соодветно спроведување на мерките и подобрување на резултатите на институцијата. Царинските службеници се први на граничната линија кои обезбедуваат ефикасно спроведување на царинските надлежности за контрола и заштита на општеството и граѓаните. Царинската управа континуирано спроведува обуки за стручно усовршување согласно утврден план, а голем дел тоа се обуки обезбедени од наши меѓународни партнери, согласно најновите трендови и утврдени потребни компетенции на европско и светско ниво.
Интеграцијата со европските царински системи и прилагодувањето на европското царинско законодавство е еден од предусловите за влез на земјата во ЕУ. Колку Царинската управа има капацитет да ги изнесе овие процеси на патот кон ЕУ?
Богоев: Подобрувањето на ефективноста на Царината е во линија со процесот на пристапување кон Европската унија, каде освен усогласување на законодавството се бара ефективност во примената на правото. Придобивките од овој процес ќе се почувствуваат на сите нивоа, бидејќи се клучни за генерирање повисок и одржлив економски раст.
Во оваа насока сме насочени кон: целосно хармонизирање на царинската легислатива со европското законодавство; дигитална трансформација и замена на постоечките ИТ системи со нови системи кои се применуваат во ЕУ; модернизација на премините; борба со криминалот и сузбивање на сивата економија и корупцијата. Побрзо спроведување на овие процеси значи и создавање на услови за побрз влез во ЕУ. Притоа мерките за економска интеграција и подобрување на условите за инвестирање ќе бидат клучни.
Кога говориме за создавање услови за функционирање на единствен пазар, првенствено треба да се исполнат условите за функционирање на Царинската унија за да може тој единствен пазар да функционира.
Ние, како Царинска управа раководиме со поглавјето 29 – Царинска унија, за коешто во последниот извештај на Европската комисија е нотирана висока усогласеност со европските регулативи, што значи дека институцијата е на ниво на своите задачи. Со свој придонес учествуваме во уште 12 други поглавја во преговарачкиот процес – за повеќето од нив се веќе завршени билатералните скрининг состаноци и ги очекуваме извештаите од ЕК, врз основа на кои ќе се определат понатамошните чекори.
Моите колеги се професионалци во својата област и имаат направено многу за оваа држава, така ќе остане и во иднина, при што императив ќе ни биде ефикасност и ефективност во работата.
Која ќе биде улогата на Царинската управа во системот на воведување во пракса на новата јаглеродна давачка на ЕУ-CBAM?
Богоев: Климатските промени се глобален проблем и справувањето со нив бара глобални решенија. Додека ЕУ имплементира амбициозни реформи за намалување на загадувањето, во многу други земји надвор од Унијата се уште преовладуваат помалку строги климатски политики. Ваквите трендови го зголемуваат ризикот од таканаречено „истекување на јаглерод“, кога компаниите со седиште во ЕУ го преместуваат своето јаглеродно-интензивно производството во земји со пофлексибилни климатски политики и/или кога стоките произведени во ЕУ се заменуваат со јаглеродно-интензивен увоз.
Заради спречување на истекувањето на јаглерод, ЕУ го воведува Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM). Основна цел на Механизмот е да овозможи наплата на праведна цена за јаглеродот што се емитува во текот на производството на некои јаглеродно-интензивни стоки при нивниот увоз во ЕУ, но и да поттикне почисто индустриско производство во земјите кои не се членки на Унијата. Механизмот ќе се воведува постепено. Транзицискиот период започна на 01.10.2023 година и ќе се применува до 31.12.2025 година. Во овој период македонските компании ќе имаат обврска само да известуваат за вградените емисии на стакленички гасови. Целосно ќе се применува од 01.1.2026 година, кога ќе започне плаќањето на јаглеродната давачка при увоз во ЕУ. Како што е дефиниран во моментов, Механизмот за јаглеродна давачка ќе ги опфати следните групи на производи: железо и челик, алуминиум, цемент, вештачки ѓубрива, електрична енергија и водород.
Со оглед на тоа дека воведувањето на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување може да има значително влијание врз важни сегменти од македонската економија и нејзиниот извоз во ЕУ, од исклучителна важност е компаниите да добијат навремени информации за неговата цел и концепт и да разберат на кој начин имплементацијата на оваа мерка може да влијае врз нивното долгорочно работење. Покрај ова, воведувањето на Механизмот претставува можност за поттикнување на дијалогот за интензивирање на напорите на јавниот и приватниот сектор за декарбонизација на македонската економија.
Царинската управа е активно вклучена во спроведувањето на оваа постапка, бидејќи ова законодавство е дел од царинското законодавство на ЕУ за Поглавје 29 – Царинска унија. Во процесот на преговори со ЕУ, Царинската управа и државата треба да обезбедат целосно усогласување и примена на ова законодавство во Р.С. Македонија. Во сегашнава состојба, улогата на Царинската управа е да обезбеди правилно распоредување на стоките што се извезуваат во ЕУ и што подлежат на известување и плаќање на оваа давачка. Исто така, Царинската управа во соработка со надлежните министерства ќе работи на законски решенија и предлози за транспонирање на оваа регулатива во националното царинско законодавство.
Интервјуто е целосно објавено во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2023