Интервју
__________________

БОРИЈАН БОРОЗАНОВ, управител на Џонсон Мети Македонија

ИзвозМК: Изминатата година беше исполнета со многу предизвици и пореметувања кои ги наметна пандемијата со Ковид 19 во во функционирањето на бизнисот. Со какви резултати најголемиот извозник од Македонија, Џонсон Мети, ја завршивте изминатата година и како пандемијата се одрази врз работењето?

Борозанов: Низ целата пандемија на КОВИД-19, Џонсон Мети конзистентно ги балансираше потребите на сите засегнати страни, давајќи најголем приоритет на здравјето и безбедноста на нашите вработени, клиенти, добавувачи и заедниците во кои работиме. Генерално, нашите перформанси минатата година беа робустни и покрај сите предизвици, а пред се’ водени од нашите водечки технологии на одржливи решенија.

Во првата половина од 2020 година, нашата продажба опадна материјално, со намалување од 20%, бидејќи неколку наши крајни пазари – особено автомобилскиот сегмент – забележаа значителен пад како резултат на пандемијата. Во втората половина се забележа силно закрепнување, со раст на продажбата од 11% споредено со претходната година, а активноста во голем број наши бизниси се врати на нивото од пред пандемијата.

Clean Air дивизијата имаше пад на продажбата од 7% на годишно ниво. Првата половина беше материјално пониска, со продажба намалена за 27%, како одраз на нарушувања предизвикани од КОВИД-19, вклучувајќи ги и затворањата на производните погони на нашите клиенти. Во втората половина, видовме силно закрепнување на побарувачката, и продажбата се зголеми за 16% во споредба со втората половина на претходната година.

Clean Air и Џонсон Мети Македонија и покрај силните турбуленции се витални за Џонсон Мети групацијата. Докажавме дека имаме силни стратешки релации со автомобилскиот сектор и имаме силен потенцијал за многу подобар перформанс во наредниот период.

ИзвозМК: Какви се проценките за годинава во поглед на извозот и обемот на производство, вработени…? Автомобилската индустрија беше една од најпогодените индустрии, која според индикаторите заздравува побавно од очекувањата, а работењето на Џонсон Мети во земјата е силно поврзано со оваа индустрија?

Борозанов: Џонсон Мети Македонија е добро позициониран во однос на трендовите што ја трансформираат автомобилската индустрија. Заострувањето на легислативата за контрола на емисии заедно со лансирањето на новите генерации на возила со внатрешно согорување ги потенцира нашите конкурентски предности во однос на нашите иновативни технологии и ефикасното производство.

На краток и среден рок очекувам дека ќе имаме робустен раст над просечните нивоа на пазарот што ќе овозможи целосно да ги реализираме нашите производствени капацитети и потенцијали. Паралелно, продоложуваме да инвестираме во вештините, знаењата и добросостојбата на нашите вработени, како и во одржливоста и енергетската ефикасност на нашите операции.

Ние сме убедливо најголемиот извозник во државата и едно од три возила во Европа има дел произведен во нашата фабрика. Планираме да ја задржиме таа позиција за многу години во иднина.     

ИзвозМК: Изминатиов период има огромен раст на цените на металите и суровините, како и големи пореметувања во синџирите на снабдување. Како тоа се одразува врз работењето на компанијата?

Борозанов: Она што е евидентно е дека многу од глобалните корпорации посветуваат многу повеќе време на дизајнирање и спроведување на т.н сценарија за business continuity и започнуваат да инвестираат во транспарентост и одржливост на синџирите на добавување.

Иако има многу предизвици на краток рок, Џонсон Мети со своите 200 години историја има  системи што овозможуваат митигација на краткорочните ризици. Се разбира – пазарните притисоци се силни и бараат многу поголема агилност, флексибилност и креативност во работењето, но главната цел останува навремена испорака на нашите производи до крајните купувачи и покрај зголемените трошоци што ги имаме во овој период.

ИзвозМК: Пандемијата се чини само ги забрза промените и процесот на електрификација и употреба на хидроген во автомобилската индустрија. Каква е иднината и позиционираноста на Џонсон Мети, но и останатите фабрики од автомобилската индустрија во земјава кон новите трендови?

Борозанов: Eлектрификацијата на автомобилската индустрија треба да се разгледува во контекст на јасно поставените универзални цели на одржливост за што постои меѓународен консенсуз формализиран со Париската конвенција. Трката за карбон неутралност и намалување на глобалното затоплување бараат многу храбри одлуки во сите индустрии и навистина радува што има се поконцентриран напор, како на политички, така и на бизнис план. Притоа треба да сме свесни дека транзицијата не може да биде преку ноќ и зависи од многу фактори, а најмногу од тоа колку лично ќе ја прифатиме нашата одговорност кон нас самите и кон идните генерациии.

Клучното прашање не е дали електрични или хидроген или нови подобри мотори со внатрешно согорување. На планетата и требаат сите решенија заедно и многу повеќе за да може да го ставиме процесот на глобално затоплување под контрола во наредните 20-30 години. Миксот меѓу различните технологии се разбира дека ќе биде различен од тоа што е денес, но јасно е дека на сите ни требаат многу инвестиции во иновации и производствени капацитети што ќе подржат таа трансофрмација.  

Џонсон Мети на глобално ниво продолжува со силни инвестиции во материјали за производство на батерии и апликации за син и зелен тип на хидроген решенија. Паралелно, фабриката во Скопје е стабилен дел на нашата Clean Air дивизија со солидни перформанси и можности за раст и развој на долгорочен план во сегментот на напреднати технологии за контрола на емисии. Навистина радува што имаме одлични релации со нашите купувачи повеќе од 12 години и верувам во продолжувањето и унапредувањето на таа долгогодишна соработка. 

Во однос на автомобилскиот кластер во Македонија сметам дека има добар потенцијал особено за фабриките што се во секторот на електроника. Но, не треба да забораваме дека автомобилската индустрија е циклична и по волумен и по однос на нови платформи и технологии. За да останеме конкурентни на долг рок треба да се продолжи со јасни инвестиции во знаење и во конкурентност, особено во сегментите каде што имаме очигледен дефицит на индустриска зрелост. 

ИзвозМК: Со оглед на големото искуство во раководење на компании со странски капитал во земјава, кои се најважните услови кои една земја треба да ги исполнува за да биде и остане атрактивна за странски инвестиции? Кои се предностите и недостатоците на Македонија?

Борозанов: Во континуитет повторувам дека најголемиот недостаток на Македонија, односно нашата големина, треба да биде најголемата предност. Како што сме мали така треба да сме брзи во одлуки и адаптибилни во однос на нови реалности. Како што сме гостопримливи, така треба да сме флексибилни и отворени и гладни за нови знаења. Не треба да ги одбиваме работите што светот веќе ги научил – треба да инвестираме селективно во секторите што ќе не’ направат посилни. Не треба да забораваме дека планетата продолжува да се врти и покрај тоа што се случува во нашето секојдневие.

Без разлика дали за портфолио или директни странски инвестиции, во производствени капацитети основно е нула толеранција за корупција и стабилност и предвидливост на бизнис климата. Секој инвеститор го проценува повратот на инвестираниот капитал пропорционално на ризикот врзан за инвестиционите активности. Ако демонстрираме дека тој поврат е поодржлив споредено со други локации – ќе има нови инвестициони проекти. Ако демонстрираме дека регулативата и бизнис климата ги пратат современите глобални текови – ќе има зголемен обем на реинвестирање. Ако демонстрираме дека вештините и знаењата инкрементално се зголемуваат и сакаме повеќе – ќе има нови производи и трансфери на нови технологии.

ИзвозМК: Во изминатиов период се погласно се зборува за рекомпонирање на синџирите на снабдување и доближување на производството поблиску до крајните потрошувачи. Дали гледате шанса за земјава за привлекување на нови инвестиции и како земјата би требало да се позиционира за да има корист од овие процеси?

Борозанов: Евидентно е дека глобалните текови и на капитал и на логистика се рекомпонираат, и тоа не само како резултат на ковид кризата. Трговските војни и бариери, иако во моментот се далеку од насловните страници, сепак имаат сериозен импакт на глобалните трендови. Близината до главните пазари е во баланс со трошоците на производство и сигурно е дека одредени производни процеси и транспортни рути имаат простор за оптимизирање. Од друга страна, во одредени глобализирани и концентрирани индустрии е скоро невозможно да вратите трендови што биле доминантни над 20 или 30 години.

Сепак, прозорецот за такви можности е релативно мал во однос на тоа што во моментот ни е конкурентна предност, особено во изразено капитално интензивните индустрии. Би сакал да бидеме конкурентни за нова локација за производство на полупроводници или дата центар на некоја од големите технолошки гиганти – ама не сме. Би сакал да бидеме конкурентни за развоен центар за прототипи за наменска индустрија – ама не сме.

Единствен начин за позиционирање е максимално отворање на економијата и државата, либерализација на регулативата, инвестиции во образование и вештини и after care на постоечките инвестициони проекти… Привлекување на глобални номади, олеснувања за нерезидентни претприемачи и nearshoring е интересен теоретски концепт, но сепак нашата понуда треба да има нешто повеќе од географската близина до европските пазари во комбинација со оптимизирани оперативни трошоци.   

ИзвозМК: Во општата јавност се чини дека се уште доминира впечатокот дека ефектот на странските инвестиции за земјата е мал, со оглед на поволностите кои ги добиваат и малиот ангажман на домашните компании. Колки странските инвеститори се активни чинители во економскиот раст и развој на земјата и како да се зголемат пошироките придобивки?

Борозанов: Се согласувам дека постои недостаток на зрела дебата, а и на сериозна анализа околу ефектот на македонските компании основани со странски капитал во последните 20 години. Овие компании оперираат во различни индустрии и имаат различни бизнис модели и никако не е правилно да се ставаат во еден кош. Од различни причини, најчесто од дневнополитички или академски карактер, фокусот е на т.н поволности без притоа да се констатира колку и како тие поволности се конкурентни на глобално ниво или како го мериме мултипликаторот на додадената вредност.

Еден пристап е да се споредат општите нивоа на БДП, бројот и квалитетот на работни места или размената со микро и средните компании. Едноставна математика ќе покаже дека сите тие т.н поволности се исплатени многу брзо, а потенцијалот за дополнителен поврат е многу поголем. Џонсон Мети Македонија е еден од примерите на континуирани инвестиции во период од повеќе од 12 години, проследено со силна посветеност на креирање на траен импакт на нашата заедница и развој на нашите вработени.

Јас лично би ги потенцирал и ефектитете од размена/креирање на знаења и технологии и современи бизнис пракси, особено кај нашите локални добавувачи. Креирање на професии што се во дефицит на национално ниво и што се предуслов за општествен раст и развој. Подигнување на општите стандарди за безбеднот при работа и општествена одговорност што се пренесуваат и на други бизнис субјекти со кои соработуваме. Менување на курикулуми на школите и универзитетите во согласност со барањата на индустријата што ја конектираат државата со современиот свет.

Многу работи еволуираа изминатиов период, но можеби можеме и повеќе. Технолошкиот гап помеѓу Македонија и остатокот од светот станува се поголем и потребни ни се уште многу вакви инвестиции за да достигнеме степен на развој како развиените земји.

ИзвозМК: Македонската Влада излезе со неколку пакети економски мерки за поддршка на погодените компании од пандемијата. Ако се гледа стратешки, кои мерки и политики би биле од најголема корист за компаниите од автомобилскиот сектор во земјава во функција на зголемување на инвестициите, извозот и вработувањата?

Борозанов: Базата на било која стратегија е предвидливоста и стабилноста на бизнис и регулаторната клима со нула простор за корупција и импровизации. Следен чекор е активен дијалог особено во ситуација на драстични промени – добро е што во изминатиов период се канализираа иницијативи преку Асоцијацијата на странски Компании, стопанските Комори итн… Покрај реактивните антикризни мерки добро би било да видиме и мерки со силна развојна компонентна.

Не е ништо ново дека секој инвестиционен проект се оценува преку повратот на инвестицијата и потенцијалот за следна експанзија. Од стратешки аспект, најголем поврат ќе донесат агресивни инвестиции во образование, базично и специјализирано. Особено значајно е креирање на услови и можности за континуирана префесионална надградба со акцент на техничките области, вештини за критично размислување и решавање на проблеми.

Компаниите од автомобилскиот сектор креираат поголема додадена вредност, не само преку поврзување со локалните компании, туку преку зголемување на додадената вредност на производот што се произведува локално. Зошто не би размислувале за поддршка на развојни и стартап центри поврзани со веќе постоечките капацитети?

Но, има и еден концептуален пристап што треба да го подобриме. Најчесто функционираме според: „тоа што не е регулирано е по дефиниција забрането“ наместо „тоа што не е експлицитно забрането е по дефиниција дозволено“. За повеќе инвестиции потребно е да ги антиципираме идните трендови и да гледаме напред кон она што му треба на светот, а не да се ограничуваме со бирократија и дневна кусогледост.

(Интервјуто е во целост објавено во новото издание на специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ)