На денешната седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) беше донесен заклучок претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, од идниот месец, по спроведувањето на процедурите, да биде именуван за претседател на Коморскиот инвестициски форум.
“Од основањето на Коморскиот инвестициски форум како заедничка институција на шесте комори од Западен Балкан, направени се значителни поместувања во поглед на поврзување на бизнис заедниците и економиите од регионот и зајакнување на меѓусебните односи на ниво на шесте влади од Западен Балкан. Шесте комори во рамки на КИФ, во соработка со своите стратешки партнери и поддржувачи на процесот за креирање единствена регионална економска област, активно работат на имплементација на проектни активности во насока на креирање на подобри услови за работа на компаниите во регионот но и нивен настап на европските пазари”, истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески на денешниот состанок на Управниот Одбор на Коморскиот инвестициски форум.
На состанокот на Управниот Одбор, претседателите на шесте комори заедно со националните координатори на активностите во рамки на КИФ, дискутираа за досега отпочнатите проектни активности и нивната имплементација во наредниот период. За регионот од особено значење се активностите коишто ќе се реализираат до крај на годината, вклучувајќи го Самитот на ЕУ којшто ќе се одржи во мај во Загреб, како и Самитот на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот Процес којшто е планиран да се реализира во октомври годинава, во чиишто рамки Северна Македонија ќе биде домаќин на економскиот дел од самитот. Во меѓувреме менаџментот на КИФ, останува да работи во насока на уредување на институционалниот капацитет и јакнеење на проектните активности во рамки на КИФ.
Азески во своето излагање потенцираше дека во наредниот период со поддршка од институциите на Европската Унија, КИФ ќе продолжи во насока на решавање на тековните проблеми во регионот на Западен Балкан со поголемо учество на владите од регионот во целокупниот процес.
Тој најави институционално јакнење на КИФ, формирање заедничка арбитража и кредитно биро, како и олеснување на постапките за размена на стоки и услуги на граничните премини.
Преку финансиски и осигурителни институции, кои имаат филијали во земјите од регионот, со одредени поволности, преку Коморскиот инвестициски форум ќе работиме во насока на поттикнување на размената.
“И понатаму ќе продолжиме да работиме на зајакнување на регионалната економска соработка преку активно лобирање и залагање за јавно-приватен дијалог меѓу бизнис заедниците, институциите и владите од регионот, како и решавање на проблемите поврзани со зголемување на интрарегионалната трговска размена, зголемување на размената на регионот со земјите од Европската Унија, зголемување на странските инвестиции, слободно движење на стоки и луѓе, како и дигитализација на процесите во шесте земји од регионот со цел поврзување на институциите и намалување на постапките за соработка во регионот но и со Европската Унија”, додаде Азески.