Со пари обезбедени од донација од Алкалоид и Комерцијална банка ќе биде реновиран простор од 750 м2 на Клиниката за токсикологија кој ќе се трансформира во Интернистички ургентен центар, информираше министерот за здравство Фатмир Меџити.

Донацијата од „Комерцијална банка“ изнесува 235.000 евра, а од „Алкалоид“ 233.673 евра, или вкупно 468.673 евра, а договорот за донацијата го потпишааа Маја Стевкова-Штериева, финасова директорка во „Комерцијална банка“,  Владо Индов, директор во „Алкалоид“ и министерот Меџити.
Тријажниот центар, кој треба да биде готов за неколку месеци, ќе биде прв контакт за прием на пациентите, каде во зависност од состојбата ќе може да останат до 48 часа, а потоа ќе бидат препратени или на некоја од Интерните клиники или ќе бидат пуштени дома.
Центарот ќе биде опремен со апарати за интензивна и полуинтензивна нега, компјутерска томографија, рентген и ендоскопија.

Од Алкалоид велат дека донацијата е знак на поддршка за пациентите од целата држава, во насока на олеснување на процесот на лекување и на подобрување на квалитетот на услугите во овој сегмент од јавното здравство.

Поаѓајќи од нашиот врвен приоритет – луѓето и здравјето пред сé – во рамките на компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, „Алкалоид“ редовно и беспоштедно помага онаму каде е најпотребно. Грижата за заедницата во која дејствуваме, за јавното здравје и за поголема и поквалитетна достапност на јавните здравствени услуги за пациентите останува наш приоритетен дел во рамките на агендата за општествена одговорност, дејствување кое претставува еден од најцврстите темели на 9-деценискиот раст и развој на „Алкалоид“ АД Скопје”, велат од Алкалоид.