Огромни колони камиони се блокирани на македонско-грчкиот граничен премин Богородица-Евзони откако Грција воведе задолжително тестирање на професионалните возачи со брзи тестови на самата граница.

Дополнителни чекања се создаваат и поради тоа што граничниот премин работи само од од 07.00 до 19.00 часот, а на веб страната www.travel.gr QR код за влез во Грција може да се извади дури за 12.03.2021 година.

Со тоа се целосно блокирани голем број на товарни возила кои секојдневно сообраќаат на релација Македонија – Грција, дополнително за сите кои транзитираат низ Грција за да стигнат до Турција.

Од Асоцијација Макам-транс реагирале до сите надлежни институции поради состојбата на граничниот премин Богородица – Евзони и долгите колони ги предизвика тестирањето на професионалните возачи.

Од Макам-транс велат дека поддршка имаат и од сите здруженија од регионот, а здружението од Грција исто така реагирало кај надлежните органи за настанатите гужви и промена на стратегијата за заштита од вирусот на населението.

Видеото направено од превозниците за состојбата на граничниот премин Евзони е испратено до министерот за транспорт г-дин Бочварски, секторот за патен сообраќај г-дин Едровски, координаторот за гранично управување г-дин Пивоваров, директорот за билатерални односи со европските држави г-дин Белевски и други засегнати страни за да се воочи ескалираната ситуација со започнувањето на тестирањето на возачите од страна на Грција.

“Во сите наврати реагираме дека ова не е решение, превозот на стока не смее да застане, возачите се изолирани во своите кабини и не претставуваат закана, а тоа го покажуваат и резултатите од тестирањето на возачите на други гранични премини. Согласно неофицијални информации на граничниот премин Brennero (Италија – Австрија) од тестирани 14.823 возачи, позитивни биле само 27 (без симптоми) што е минимален и незначителен број и укажува на тоа дека возачите не се ризична категорија на луѓе за воведување на рестриктивни мерки конкретно насочени кон нив”, велат од Макам-транс.