Извозот на Информатички, телекомуниклациски и компјутерски услуги (ИКТ) од Македонија во првата половина годинава изнесува 257 милиони евра. Тоа е раст од 23,2% во споредба со извезените услуги во истиот период минатата 2022 година, покажуваат податоците од Народната банка.

ИКТ секторот е еден од секторите кои остваруваат суфицит во трговската размена со странство, односно повеќе извезува, отколку што увезува.

Според податоците од Народната банка во првата половина годинава во земјава биле увезени ИКТ услуги од странство во вредност од 76,5 милиони евра, што значи дека позитиивниот нето извезен ефект изнесувал 180 милиони евра.

Најголем дел од извозните приходи во оваа дејност се прави со извозот на компјутерски услуги, чија вредност во првите шест месеци годинава изнесувал 233 милиони евра.

Извозот на ИКТ услуги во 2022 година надмина 467 милиони евра. Тоа е раст од 41% или зголемување за 137 милиони евра во споредба со извозот од претходната 2021 година кога извозот на ИКТ услуги изнесуваше 330 милиони евра.

Извозот на ИКТ услуги од Македонија бележи висок и континуиран раст во последните неколку. Така во 2015 година извозот на ИКТ услуги изнесувал близу 130 милиони евра. Тоа значи дека за седум години се зголемил за 260% или за повеќе од 3,5 пати.

Колку за споредба, во текот на 2022 година од Македонија биле извезени прехранбени производи во вредност од 450 милиони евра, а во трговијата со храна со светот канни сме имале дефицит од над 440 милиони евра. За првата половина годинава извозот на храна изнесувал 230 милиони евра, додека трговскиот дефицит надмина 233 милиони евра.