По минатогодишниот пад на извозот од 10%, почетокот на 2021 година започнува со раст на македонскиот извоз од 15,4% и помал раст на увозот од 5,3%, споредено со извозот отварен во јануари минатата година.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека македонските компании во јануари годинава оствариле извоз во вредност од 527,3 милиони евра кој е за 15,4% или 70 милиони евра поголем во споредба со извозот остварен во јануари 2020 година.

Поголемиот раст на извозот наспроти увозот придонесе покриеноста на увозот со извозот да достигне високи 84,7%, а трговскиот дефицит да се намали на 95,5 милиони евра, што е за речиси една третина помалку во споредба со трговскиот дефицит од јануари минатата 2020 година.

Извозот на Џонсон Мети зголемен за 52,8% во јануари

Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во јануари 2021 година бележи раст во секторите хемиски производи, машини и транспортни уреди, железо и челик и електрична енергија.

Најголем извоз во јануари е остварен со продажба на машини и транспортни уреди на странските пазари во вредност од 185 милиони евра, кој е поголем за 18,2% или за 28 милиони евра во споредба со јануари минатата 2020 година.

Најголем раст од дури 52,8% има кај извозот на хемиски производи, што речиси целосно отпаѓа на извозот на Џонсон Мети, кој во јануари достигна вредност од 152 милиони евра, што е втора најголема извозна ставка.
Тоа значи дека една третина од целиот извоз во јануари го направила само една компанија, британската Џонсон Мети со продажба на катализатори за автомобилската индустрија.

Ако се земе во предвид дека во извозот на хемиски производи и извозот на машини и транспортни уреди доминираат странски компании поврзани со автомобилскиот ланец на снабдување, тогаш статистиката покажува дека дури 65% од вкупниот извоз од земјата во јануари годинава го направиле токму компаниите од овие две индустрии.

Раст од 21,2% во јануари бележи и извозот на фармацевтски производи и лекови, на 7,8 милиони евра.

Пад од 22% има и кај извозот на нафтените  деривати, кој во јануари достигна вредност од 3,2 милиони евра, исто колку и вредноста на извозот на електрична енергија кој во јануари е зголемен за над 200% во споредба со јануари 2020 година.

Јануари бил добар и за извозот на компаниите од металуршкиот сектор и преработка на железо и челик. Извозот на железо и челик во јануари изнесувал 55,2 милиони евра, што е годишен раст од 11%.

Извозот на храна, пак, во јануари бележи пад од 5,5% во споредба со истиот месец лани и изнесувал 20,2 милиони евра.

Извозот на пијалоци во јануари има пад од 3,8%, додека најголем е падот кај извозот на тутун од дури 67% и изнесувал само 1,6 милиони евра.

Голем пад од 28% има и извозот на обувки, додека извозот на облека во јануари изнесувал 27 милиони евра и е помал за 19% во споредба со истиот месец минатиот јануари.

Најголем раст на извозот во Европската унија

Ако се анализира извозот по региони, најголем дел од извозот во јануари 2021 година или дури 84% бил насочен кон земјите од ЕУ. Тоа е зголемување на концентрацијата на извозот кон ЕУ воспоредба со 2020 година кога извозот во овие земји изнесувал 77,5% од вкупниот извоз.

Податоците покажуваат дека во јануари во ЕУ бил реализиран извоз од 441 милион евра, што е раст од близу 22% во споредба со истиот месец лани или за 79 милиони евра повеќе.

Увозот од ЕУ во истиот период е намален за 8,5% и изнесувал 269 милиони евра. Тоа значи дека во јануари сме имале суфицит или вишок во трговската размена со ЕУ од 173 милиони евра.

Најголем извозен пазар за македонскиот извоз останува Германија, каде во јануари годинава извозот бележи пораст за 35,3% и изнесувал  289 милиони евра, што е дури 55% од вкупниот извоз од земјава за овој месец.

Во земјите од Западен Балкан во јануари годинава биле извезени производи во вредност од 41 милион евра, што е раст од 3,3%. Но, учеството на извозот во регионот во вкупниот извоз е намалено на 7,9%, што е едно на најниските нивоа досега.
Увозот, пак, од земјите од Западен Балкан во истиот период е намален за 11% и изнесувал околу 46 милиони евра.

Извозот во Азискиот регион, главно во Кина, во 2020 година изнесувал само 4,4 милини евра и е помал за дури 67% во споредба со истиот месец лани.