Винската индустрија е една од индустриите кои беа силно погодени од пандемијата, пред се заради тоа што строгите мерки и карантините ја намалија потрошувачката на вино во рестораните и угостителските објекти.

Тоа ги намали продажбите како на домашниот пазар, така и извозот на вино на странските пазари.

Македонските винарии во текот на изминатата 2020 година извезле вино во вредност од 45 милиони евра, што е пад од 2,8% или за 1,3 милиони евра помалку во споредба со извозот на вино претходната 2019 година.

Од најголемиот производител и извозник на вино, винаријата “Тиквеш” велат дека пандемијата се одразила на продажбата на вино на сите пазари, вклучувајќи го и извозот. И онаму каде немале пад на продажбата, имало промена кон поевтина категорија, што резултирало со пад на приходите.

Кои се најголеми извозни пазари за македонските вина?

Податоците од Државниот завод за статистика  покажуваат дека најголеми извозни пазари за македонските вина минатата година биле Србија каде минатата година бил направен извоз вреден  11 милиони евра. Следат Германија со извоз вреден 8,7 милиони евра, Хрватска со извоз од 7,5 милиони евра, БиХ со извоз од 2,7 милиони евра и Словенија со извоз од 2,5 милиони евра.