И покрај короната, минатата година една категорија на производи продолжи да бележи високи стапки на раст. Светската продажба на храна за кучиња и мачки минатата година изнесуваше 17,2 милијарди долари, што е годишен раст од 14,9%, покажуваат податоците на Worldtopexports.
Ако се спореди, пак, со 2016 година, вредноста на извозот на храна за кучиња и мачки е зголемена за дури 52,5%.

Петте најголеми извозници на храна за мачки и кучиња (хармонизираниот тарифен систем – 230910) се Германија, САД, Франција, Тајланд и Полска, кои остваруваат речиси половина (49,7%) од глобално извезената храна за кучиња и мачки во 2020 година.
Гледано по континенти, Европа е најголем извозник на храна за кучиња и мачки со извоз вреден 10,9 милијарди долари или приближно две третини (63,8%) од вкупниот светски пазар. На второ место се азиските извозници со 18,1%, додека 14,6% од светските пратки со храна за кучиња или мачки потекнуваат од Северна Америка.

Помал процент доаѓа од извозниците во Океанија (1,7%), особено Нов Зеланд и Австралија, Латинска Америка (1,5%) без Мексико, но вклучувајќи ги Карибите и Африка (0,3%).

Германија е лидер според вредноста на извезената храна за мачки и кучиња од 2,2 милијарди долари во 2020 година или 12,7% од пазарот, САД со извоз вреден 1,7 милијарди долари, Франција со извоз вреден 1,7 милијарди долари, Тајланд со извоз од 1,6 милијарди долари, Полска со извоз од 1,3 милијарди долари, Холандија со извоз од 1,2 милијарди долари, Кина со извоз од 983 милијарди долари, Канада со извоз од 750 милијарди долари, Унгарија со извоз од 600 милиони долари и Република Чешка со извоз од 552 милиони долари.

Извозот на храна за кучиња и мачки е еден од вносните бизниси и во соседна Србија. Само во 2020 година српските компании извезле храна за мачки и кучиња минатата година во вредност од 89,5 милиони евра, што е за десет пати повеќе од извозот на ваква храна од 2012 година.

Според статистиката на Државниот завод за статистика, Македонија минатата година остварила извоз на храна за мачки и кучиња од само 38 илјади долари, но затоа, пак, увозот на ваква храна чинел над 5,7 милиони долари. Во споредба со 2017 година, увозот на храна во земјава се зголемил за 62% или за 2,1 милион долари.

Меѓу главните извозници, најбрзо растечките извозници на храна за кучиња или мачки од 2019 година се: Белгија (раст 37%), Полска (раст 28,4%), Канада (раст 25,2%) и Чешка (раст 25,1%).