Во првите осум месеци годинава македонските компании во Косово извезле производи во вредност од 150 милиони евра, што е за 24% или 47 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани.
Покрај вредносно, статистиката покажува и количински пад на продажбите на косовскиот пазар. Така според податоците од Државниот завод за статистика во периодот јануари до август годинава на Косово се продадени 403 илјади тони производи, количина која е за 19,4%% помала во однос на истиот период лани.

Падот на извозот кон Косово годинава во најголем дел се должи на падот на извозот на нафтени деривати, кои на овој пазар ги продава Окта, откако пандемијата на корона вирус предизвика намалена побарувачка, но и пад на цената на нафтените деривати.

Увозот од Косово, пак, во истиот период иснесувал 19,4 милиони евра и е за 6% во споредба со периодот јануари-август 2019 година.

Најголем извоз во Косово во првите осум месеци годинава имало со продажба на нафтени деривати, од што е остварен девизен прилив од околу 18 милиони евра. Околу 16,5 милиони евра изнесувал извозот на пластични маси и производи од пластични маси. Трета најизвезувана ставка е железо и челик со продажби во вредност од 16,5 милиони евра. Околу 8,7 милиони евра изнесувал извозот на пијалоци, а продажбите на кондиторски производи на косовскиот пазар им донеле приходи на компаниите од 7,5 милиони евра.

На Косово годинава сме извезувале и лекови и фармацевтски производи во вредност од 6,5 милиони евра.
Косово е најголем пазар за македонската храна, каде најголем извоз реализираат кондиторските фабрики.
Извозот на млеко на Косово годинава изнезувал 3,5 милиони евра, извозот на свеж зеленчук и овошје изнесувал околу 2,6 милиони евра, а само извозот на следолен изнесувал над 1,9 милиони евра.
Македонскиот извоз на Косово во последните неколку годи бележи раст, а посебно од 2018 година набаму, кога Косово воведе царина од 100% за српските и босанските производи.

Во текот на изминатата 2019 година на косовскиот пазар биле продадени произоди во вредност од 297,8 милиони евра, што е највисок извоз во последните седум години, но тој сеуште е понизок од рекордниот најголем извоз кон Косово кои македонските компании го имале во 2011 година, во вредност од 396 милиони евра.