Иселувањето на младите луѓе од руралните средини, ниската откупна цена и големиот раст на добиточната храна и другите трошоци се главните причини заради кои, според производителите, производството на млеко во земјава се намалува и станува неисплатливо.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година во Македонија биле произведени 326.523 илјади литри кравјо млеко, што е намалување за 19,4% за една година. Минатата година во Македонија била произведена најмала количина на кравјо млеко во последните 10 години.

И покрај субвенциите кои ги добиваат одгледувачите на крави, повеќето производители на млеко со години предупредуваат дека откупната цена на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко.

Од друга страна, производителите на млеко во Македонија најчесто не произведуваат и сточна храна, која е значително поскапа да се увезе, што значително им го зголемува трошокот за производство на млеко.

Производството на млеко во Македонија се карактеризира со голем број мали фарми, традиционалните фармери се 75% од вкупниот број, кои имаат нископродуктивни од една до три крави, со ниско годишно производство на млеко од две до три илјади литри по крава.

Но, податоците покажуваат и намалување на бројот на говеда и млечни крави. Според Државниот завод за статистика минатата година во земјава имало 98.217 млечни крави, што е за околу 30 илјади грла помалку во споредба со пред шест години или пад од 21,6%.

Увозот на млеко руши рекорди

И додека се намалува производството на млеко, податоците покажуваат дека увозот на млеко и млечни производи од година во година се зголемува.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата 2021 година во Македонија биле увезени млеко и млечни производи во вредност од 65,4 милиони евра, што е раст од 7,8% во споредба со претходната година. Растот на вредноста на увозот минатата година се должи во најголем дел на поскапувањето, бидејќи количински увозот на млеко и млечни производи лани бил помал за 6,8%.

Увозот на млеко има постојан раст. Колку за споредба пред 10 години земјава увезувала млеко и млечни производи во вредност од 37,8 милиони евра, што значи за овој десетгодишен период возот е зголемен за високи 73% или за 28 милиони евра.