ИзвозМК: Костал неодамна прослави пет години работење на македонскиот пазар. Компанијата бележи импресивен раст во овој период. Од денешен аспект и од аспект на резултатите, дали инвестицијата на германски Костал во Македонија беше исправна одлука?

Мизо: Инвестицијата на Костал е еден најкомплексните проекти на странска директна инвестиција во земјава. По долг период на преговори, планирање, истражување на конкурентни опции во други држави, а паралелно и на можни локации во Македонија, анализа на сите ризици и можности, на крајот од 2014 година Костал ја донесе конечната одлука за инвестирање. Со официјална работа компанијата започна во октомври 2016 година.

Во изминатите пет години се соочивме со многу пречки и предизвици. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека според приходите, листата на клиенти и комплексноста на произодите, квалитетот во работата и стекнатото знаење, во релативно краток период, под многу специфични услови и со минимална поддршка од централата во изминатите повеќе од 18 месеци на пандемија, ги надминавме зададените цели и планови. Најмногу благодарение на напорната работа и ангажман на целиот тим во Охрид.

Одговорноста и вербата која ни е дадена значи дека сме единствена локација, освен Кина (од вкупно 40 локации низ светот), каде се присутни сите процеси од гамата на производствени активности на Kостал на едно место – енергетска електроника, изработка на електронски компоненти, термопластика и мехатроника.

ИзвозМК: За овие пет години компанијата достигна 1.000 вработени, што ја вбројува во еден од најголемите работодавачи во земјава. Како го решавате проблемот со недостиг на квалификувана работна сила?

Мизо: Ние секојдневно се соочуваме со овој предизвик. Градење на бренд на посакуван работодавец е долг и макотрпен процес. Уште од почетокот не беше лесно да се најдат техничари или инженери со искуство и знаење во секторот. Решавањето на проблемот со недостиг на човечки ресурси бара повеќестран пристап со континуирани активности насочени, најнапред, кон задоволување на очекувањата на вработените и желбата за нивен професионален и кариерен раст, соработка со универзитетите и средните технички училишта, како и надлежните институции.

Се повеќе се говори за она што ние го предочивме пред неколку години, а тоа е ниската мобилност на работниците во земјата. Ова директно влијае и кон достигнување на поголем степен на рамномерен регионален развој. Ефикасни мерки во оваа насока, заедно со поддршка за обука на вработените, ќе бидат дополнителен поттик за зголемување на вработливоста во индустриите со напредно технолошко производство.

ИзвозМК: Автомобилската индустрија е една од најпогодените индустрии од пандемијата на светско ниво. Како тоа се одрази врз резултатите од работењето на Костал Македонија и какви се проценките за 2021 година?

Мизо: Минатата година, и покрај позитивните два квартали, забележавме пад на планираните приходи од околу 30%. Годинава, глобалниот недостиг на чипови и континуираните застои и забавувања во обемот на работа на производителите на автомобили, посебно во Европа, очекуваниот пад во споредба  со планот ќе биде уште поголем, посебно ако се земе во предвид  дека во третиот и четвртиот квартал притисоците воопшто нема да се намалат, туку напротив ќе се зголемат, целосно спротивно на очекувањата од пред само неколку недели.

За 2021 година веќе е потврдено дека на глобално ниво околу 10,6 милиони од планираните возила со сигурност нема да се произведат, а таа бројка до крајот на годината може и дополнително да се зголеми. Сето ова креира и дополнителни ризици и несигурност во планирањата.

Планираниот пад на приходи во глобалната автомобилската индустрија за 2021 година ќе достигне 210 милијарди долари, што е двојно повеќе во споредба со планираното пред неколку месеци.

Дополнително, цените на влезните репроматеријали се драстично зголемени на светските берзи, а сличен тренд е присутен и во логистичките трошоци, посебно во делот на морскиот контејнерски транспорт од Азија кон Европа.


ИзвозМК: Какви се прогнозите за автомобилската индустрија за следниот период?

Мизо: Факт è дека состојбата во автомобилската индустрија е критична. Сите медиуми и професионални организации во светот известуваа за ова, но кај нас некако не се посвети доволно внимание на проблемот со микрочипови. Последните прогнози се дека идната година во светот ќе се произведат 8,45 милиони помалку возила или 9,3% помалку од планираното. Во 2023 година оваа бројка ќе биде за околу 1 милион или 1,1% помалку од планираното.

За Европа се очекува дека дури по 2028 година ќе се достигне највисокото преткризно ниво на произведени автомобили од 2018 година.

Ваквата состојба сериозно ги погодува добавувачите на автомобилски делови кои работат во земјата. Компаниите веќе почнуваат сериозно да го намалуваат производството, што ги принудува соодветно да ги рационализираат трошоците. Во зависност од поставеноста на компанијата во синџирот на добавувачи, падот на приходите споредено со планот достигнува и до 35%. Овој тренд ќе продолжи и во претстојните месеци. Веќе имаме случаи во некои фабрики да се затвораат погоните на определен период, намалување на смените, непродолжување на договорите за вработување, намалување на бенефициите и сл.

Иако предвидувањата за недостаток на микрочипови не се многу поволни, сметам дека ефектите кои ќе следат по вработените, а со тоа и на националната економија, ќе зависат најмногу од способноста за брзо реорганизирање на корпорациите и од поддршката на националните власти.

ИзвозМК: Кои се идните планови на Костал во Македонија? Дали може да се очекуваат нови инвестиции во проширување на работењето и од што би зависеле тие?

Мизо: Горенаведените состојби неминовно резултираат со намалување на проекциите за раст на приходите во претстојниот период, што значи забавување на динамиката на новите вработувања. Но, тоа не значи дека инвестициите ќе се намалат, бидејќи производните линии за потребите на нови производи за нашите клиенти се со иста висока вредност независно од обемот на производство. Костал веќе ги постигна и надмина плановите за број на вработени и инвестиции од времето кога беше одлучено за инвестицијата во Македонија. Во тек се преговори со наши клиенти за нови производи, но и можна диверзификација во другите бизниси на групацијата Костал.

Ова секако ќе значи нови вработувања, можности за дополнителен кариерен развој, инвестиции, приходи. Во овој процес позитивен импакт би имал и партнерскиот однос со надлежните институции и нивната брза реакција и реализација на преземените обврски.

ИзвозМК: Какви мерки и политики би можеле ефикасно да поттикнат побрзо заздравување и да ја зголемат конкурентноста на извозот на ниво на компанија, како и на ниво на економија?

Мизо: Државите сами не можат да влијаат на сегашната состојба со која се соочува нашата индустрија. Од друга страна, ова е вистинскиот момент во кој треба сето она што подолг временски период се предлага и дискутира да биде преземено и реализирано без никакви натамошни одложуввања и дополнителни бирократизации. Тука пред се е исполнувањето на инфраструктурните обврски кон компаниите, усогласување на царинските стапки за увоз на репроматеријали со оние во ЕУ, прецизирање на правилата за давање на државна помош, имплементација во државата на најновите глобални сметководствени и финансиските стандарди, поголема флексибилност во работните односи, олеснување на пристап на странски државјани на пазарот на труд, како и можеби најважниот императив – професионализација на надлежните институции за работа според меѓународни бизнис правила и норми: транспарентност, брзина, отчетност, интегритет.

Дополнително, неопходно е да се поддржат компаниите од секторот за да го пребродат овој кризен период на начин кој ќе ги балансира оперативните трошоци во услови на намалени нарачки. Неопходни се мерки кои најпрвин ќе придонесат за задржување на бројот на вработени, а подоцна ќе дадат стимул за подобрување на нивната конкурентност.

Трендови кои треба поблиску да се следат и да се креираат применливи национални политики се воведувањето на технологии и стандарди за заштита на животната средина и одржливост, истражување и развој поврзани со новите технологии, пред се електрификацијата.