Цените за некои од најважните производи во светот – храна, горива, пластика, метали – се зголемуваат над нивото што многу купувачи можат да си го дозволат, принудувајќи ги да купуваат помалку. Тоа ја намалува побарувачката, а ако трендот продолжи тоа може да предизвика рецесија во економиите, кои веќе се погодени од пандемијата на Ковид 19, пишува Bloomberg.
Овој феномен веќе се забележува на повеќе нивоа. Зголемените цени на природниот гас ги принудуваат некои фабрики во Кина да го преполоват своето работење. Многу транспортни компании ги намалуваат активностите бидејќи не можат да ги надоместат зголемените трошоци за дизел од клиентите. Европските челичарници кои користат електрични печки го намалуваат производството бидејќи трошоците за електрична енергија се зголемуваат, што ги прави металите уште поскапи.
Глобалните цени на храната поставија рекорд минатиот месец, според Обединетите нации, бидејќи руската инвазија на Украина ги прекина испораките од земјите кои заедно обезбедуваат една четвртина од светското жито и голем дел од маслото за јадење.
Во развиениот свет, притисокот помеѓу повисоките трошоци за енергија и храна може да ги принуди домаќинствата да ги намалат трошењата. Електричните возила од Tesla Inc., Volkswagen AG и General Motors Co. можеби се иднината на транспортот, но литиумот во нивните батерии е речиси 500% поскап од пред една година.
Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ја намали својата прогноза за глобален раст поради војната и гледа ризици од рецесија во сè поголем број земји, рече извршниот директор Кристалина Георгиева.
Руската инвазија на Украина ги влошува инфлациските притисоци со зголемување на цените на храната, енергијата и другите стоки „во време на и онака превисока инфлација“, па врвен приоритет на централните банки во светот ќе биде борбата со инфлацијата преку зголемувањето на каматните стапки.
Опасноста е поголема во Европа, каде цените на енергенсите се зголемуваат поради зависноста од руските испораки. Цените на природниот гас во Европа се шест пати повисоки од пред една година, а струјата чини речиси пет пати повеќе. Производителите на ѓубрива, кои користат природен гас како суровина, почнаа да ги намалуваат операциите уште од минатата година заради високите цени на енергенсите.
Италија, Германија и Велика Британија истражуваат дали да согоруваат повеќе јаглен следната зима за да ја олеснат потребата од гас за производство на електрична енергија.
Нема сомнеж дека инфлацијата ќе остане повисока подолго како резултат на војната во Украина“, рече Џејмс Смит, економист од Лондон за развиени пазари во ING.
Американските потрошувачи и бизниси се повеќе изолирани од зголемените цени на горивото, бидејќи земјата не се потпира многу на руската нафта или природен гас, но и тие не се имуни.
Цените на суровата нафта во САД пораснаа во јануари и февруари како што се зголеми заканата од војна, а потоа следеа малопродажните цени на бензинот, поставувајќи номинален рекорд од 4,31 долари за галон (4.5 литри). Во Лос Анџелес, просекот сега надминува 6 долари.
Ако цените на нафтата останат високи за одржливо ниво, ќе следува намалување на побарувачката.