Македонската Влада донесе одлука за замрзнување на цените на јајцата и оризот, а заради непречено снабдување на домашниот пазар е ограничен и извозот на јајца до 30 април.
„Донесовме одлука за понатамошно замрзнување на цените на основните прехранбени производи, меѓу кои, јајцата од кокошка и оризот, со што нивните највисоки цени ќе останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година со важност до 30 април 2023 година“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција, додавајќи дека со оваа мерка.
Премиерот појасни дека изминатиот период е утврден пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.
„За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, се предлага производителите, најмалку 70% од домашното производство на јајца да го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година“, рече премиерот.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека побарувачката на јајца од македонски производители е зголемена поради цените кои се во соседните земји па затоа извозот ќе биде ограничен и производителите имаат обврска за домашниот пазар да доставуваат најмалку 70% од своето производство.
„Просечната цена на јајцата е околу 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари од јајце. Зависи од пакувањето и амбалажата, во зависност од компаниите во делот на трошоците што ги имаат. Зголемена е побарувачката за производство на јајца од нашата држава. Кај нашите соседи цените се движат и до 20 центи. Ако се дозволи целосен извоз, повеќето ќе го пренасочат производството само за соседните држави. Затоа ја донесовме одлуката за ограничувањето на извозот и 70 отсто од целото производство или пласман што го имале во јануари и февруари да боиде за домашниот пазар. Така нема недостиг на овој производ за сите граѓани, ниту зголемување на цената како притисок однадвор“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Вредноста на извозот и увозот на јајца лани зголемена повеќе од двојно
Според податоците од Државниот завод за статистика Македонија во текот на 2022 година повеќе увезла, отколку што извезувала јајца. Податоците покажуваат дека во 2022 година биле извезени јајца во вредност од 1,5 милиони евра. Најголем извозен пазар била Грција, каде лани бил остварен извоз вреден 1,3 милиони евра, што е речиси трикратно зголемување во споредба со претходната 2021 година кога извозот на јајца во Грција изнесувал колу 400 илјади евра.
Втор извозен пазар бил Косово, каде лани имало извоз на јајца вреден 167 илјади евра.
Во истиот период биле увезени јајца во вредност од близу 1,9 милиони евра и едибствен пазар од каде се увезувале јајца лани била Србија.
Изминатата 2022 година заради високата инфлација и растот на цените има голем раст на вредноста и на извозот и на увозот.
Во исто време, пак, податоците покажуваат дека производството на јајца во Македонија се намалува.
Бизнис коморите реагираат дека замрзнувањето на цените треба да престане, бидејќи тоа не е пазарна мерка, а Владата да почне да применува други мерки со кои подобро ќе може да им помогне на ранливите и сиромашните слоеви.
“Не е потребно замрзнување на цените на производите, туку треба да се најдат алтернативи и да се активираат државните резерви“, изјави претседателот на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Менди Ќура.
Како што додаде тој, тие се за помош за граѓаните, кои се најпогодени од оваа криза, но тоа треба да се направи на друг начин.
„Инсистираме да се престане со замрзнување на цените, туку да се најде нова алтернатива за тие цени. Односно, да се интервенира со државните резерви, да се намалат даноците, ДДВ. Стоиме на ставот дека мора да го чуваме слободниот пазар бидејќи тој пазар дава реална цена и квалитет на стоката и производството“, смета Ќура.
За заштита на интересите на граѓаните, Владата претходно досега донесе одлуки за замрзнувањето на цените на белиот и полубелиот леб, како и на намалување на цените на дел од тестенините за 15% и цените на дел од млечните производи за 10%. Образложението на Владата за замрзнување на цените беше дека поголемиот дел од прехранбените компании кои користеле поевтина струја не ги намалиле цените на своите производи.
Се чекаат и анализите за овошјето и зеленчукот за да се види дали и тука може да се направи корекција во цената. Бктеши најави дека следни под лупа ќе бидат и месните производи.