Со цел да се откупат сите вишоци на грозје Владата покрај субвенциите за лозарите и државната помош за транспортот  на вино за извоз, од годинава воведува и субвенции за извоз на вино на сите откупувачи на винско грозје.

Премиерот Зоран Заев вчера на средба со лозарите ги презентираше владините предлог-мерки за помош на лозарите и винариите, во делот на откупните цени и планираната поддршка, кои, како што информираат од Владата, бил позитивно прифатени од лозарите.

Изјава за медиуми на ПВРСМ Заев по завршување на средбата со лозарите во Кавадарци

„Она коешто како заклучок го извлековме е дека со 4 денари државата ќе интервенира за вранецот и смедеревката, а со 2 денари ќе интервенираме за високосортното грозје. Дополнително остануваме на супституција на транспортот со 20% на транспортните трошоци за наливното вино и 30 % супституција за флашираното вино. Ја отворивме и новата можност кон сите откупувачи да можат да откупат винско грозје и да го извезат како винско, за да ги намалиме количините со една стимулативна мерка. Тоа е ако откупат 12 милиони килограми сите заедно, тоа ќе го видиме на царинските декларации, ќе добијат 2 денари субвенција на тие 12 милиони килограми, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција. Целта е да стимулираме сето тоа што има како залихи брзо да се продаде надвор, а при тоа да има жед да се откупи она што е домашно производство“, наведе премиерот.

При тоа, Заев посочи дека сите заеднички треба да придонесат во надминувањето на проблемите и упати апел до винариите да го почитуваат договореното, односно смедеревката да се откупува по 9 денари за килограм, а вранецот по 11 денари за килограм, а државата ќе го исполни ветеното за 4 денари субвенција.

Заев нагласи дека ќе се разговара и со винарската визба „Тиквеш“ и дека низ дијалог ќе се најде взаемно прифатливо решение.

Премиерот во Кавадарци беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.