Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека понатамошната ескалација на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави (САД), Израел и Иран би можела да ја доведе светската економија на работ на рецесија, со зголемување на инфлацијата и силни шокови на финансиските пазари.
Во најновиот извештај, ММФ наведува дека економската штета од војната на Блискиот Исток веќе се чувствува, поради што прогнозите за глобален раст за 2026 година се намалени. Фондот истакнува дека дури и краткорочен конфликт би имал негативни последици, додека долгорочна војна би можела да предизвика сериозни глобални пореметувања.
Според централната прогноза, глобалниот раст би можел да падне од минатогодишните 3,4% на 3,1% во 2026 година, при што инфлацијата би се искачила на 4,4%. Сепак, во помалку поволно сценарио, со останување на високите цени на енергијата, растот би можел дополнително да забави на 2,5%, додека инфлацијата би се искачила на 5,4%.
Најлошото сценарио, кое подразбира продолжен и интензивен конфликт и цена на нафтата над 110 долари за барел, би го довело светот на работ на рецесија, со раст од околу 2%.
ММФ потсетува дека глобалната економија пораснала под тоа ниво само неколку пати од 1980 година, вклучувајќи го периодот на глобалната финансиска криза во 2008 година и пандемијата Ковис 19 во 2020 година.
Дополнителен притисок доаѓа од пазарот на енергија. Цените на нафтата надминаа 100 долари за барел на почетокот на неделата по застојот во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран и блокадата на Ормутскиот теснец од страна на САД, клучен глобален пат за транспорт на нафта.
Доколку цената на нафтата последователно малку се намали, неизвесноста сè уште доминира на пазарите.
ММФ предупредува дека најголемо влијание ќе почувствуваат земјите во развој и нето увозниците на енергија, додека развиените економии исто така ќе ги претрпат последиците.
На пролетните состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон, светските финансиски лидери разговараа за можни одговори на кризата. Британската министерка за финансии, Рејчел Ривс, повика на координиран меѓународен одговор, нагласувајќи ја потребата од насочена поддршка за економијата и заштита на граѓаните од зголемувањето на трошоците.
Главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуринчас, предупреди дека веќе е направена одредена штета, и покрај повремените сигнали за можно ублажување на конфликтот.
Заклучокот на фондот е јасен, најдобриот начин да се спречи подлабока глобална економска криза е брзо да се заврши конфликтот.




























