Војната во Украина го намалува економскиот раст и ја зголемува инфлацијата во земјите од Европската унија, покажуваат најновите податоци објавени од Европската комисија. Со оглед на фактот дека македонската економија е силно поврзана со економисијата на ЕУ, пред се со Германија, влошените прогнози и кризата на овие пазари силно ќе се одразат и врз македонската економија, особено врз македонските извозни компании, со оглед дека речиси 80% од целиот извоз од државата е насочен кон ЕУ.

Во пролетната прогноза објавена во понеделникот Европската комисија драстично ја ревидираше прогнозата за раст на европската економија.

Економијата на ЕУ годинава ќе порасне само за 2,7% наместо претходно очекуваните 4%, се вели во пролетната прогноза на Европската комисија претставена во понеделник во Брисел. Прогнозите за Германија се уште полоши, па така Комисијата прогнозира раст на најголемата европска економија од 1,6%, наместо претходно планираниот раст од 3,6%.

Војната во Украина и пред се упорно високите цени на енергијата и другите суровини продолжуваат да вршат голем притисок  врз економиите, соопшти Комисијата. Исто така, силно негативно влијание имаат и прекините во синџирите на снабдување.

Заради тоа, прогнозата за инфлацијата во земјите од евозоната во 2022 година е речиси двојно зголемена, од претходно прогнозираните 3,5 на 6,1 %. Во 2023 година, инфлацијата се очекува да се намали на 2,7 – сè уште над целта од два проценти на Европската централна банка (ЕЦБ).

Ако на овие проценки на Европската комисија се надоврзе растот на каматните стапки, станува јасно дека може да се очекуваат тешки времиња за македонската економија.

Податоците покажуваат дека 80% од македонскиот извоз е насочен кон Еропската Унија, а најголем пазар е Германија каде се пласира околу 47% од вкупниот извоз на македонската економија.

Значително влошени изгледите за Германија


Прогнозата за германската економија исто така е значително влошена делумно поради војната во Украина, а далумно и заради проблемите во синџирите на снабдување заради пост-ковид заздравувањето.
Комисијата на ЕУ за оваа година претпоставува економски раст во Германија од 1,6%, наместо претходно очекуваните 3,6%.

Следната година најголемата европска економија ќе порасне за 2,4%, наместо претходно прогнозираните 2,6 %.

Германија е меѓу најголемите инвеститори во Македонија и во земјава работат околу 200 компании со германски капитал работат во кои се вработени над 20 илјади лица.

Забавувањето на германската економија веќе се чувствува и во извозот. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите три месеци годинава извозот во Германија изнасувал 860 милиони евра и вредносно бил поголем за само 1,1% во споредба со истиот период лани, но количински е помал 1,7%.

И фабриките од автомобилската индустрија кои работат во Македонија веќе ги чувствуваат негативните ефекти од војната во Украина и забавувањето на германската економија.

Војната во Украина, високата инфлација во ЕУ, како и политиката на Кина на нулта толеранција кон Ковид 19 драстично влијаат и на автомобилскиот сектор во Македонија и на состојбата со која се соочуваат триесетина компании кои вработуваат околу 30.000 луѓе. Намалените нарачки од нашите клиенти резултираат во намален обем на работа кај нас, како и помала искористеност на капацитетите: работа во само една до две смени дневно, неработа за викенди и сл. Компаниите се принудени да побараат од вработените предвремено искористување на годишниот одмор или испраќање на принуден одмор со исплата од 70 % од личниот доход. Обемот на работа во компаниите кај нас во првиот квартал, споредено со планираниот буџет за оваа година, е помал за 15% до 35 %, зависно од брендовите и моделите на возила за кои се произведуваат компоненти”, вели Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија во колумната “Турбулентни времиња во автомобилската индустрија” објавен во Економија и бизнис.

Но, и извозните компании од другите индустрии силно ги чувствуваат проблемите кои ги предизвика војната во Украина. Речиси сите извозни компании кои ги контактиравме потврдуваат дека се соочуваат со многу голема неизвесност и проблеми во синџирите на снабдување, како и драстично покачување на цените на сите влезни суровини, на енергијата, зголемување на на трошоците за пакување и транспорт и поскапување на работна сила.

Според нив, најголем предизвик на микро ниво во претстојниот период ќе биде како да ја одржат ликвидноста со оглед на прогнозите дека периодот на висока инфлација, односно скапи енергенси и суровини ќе потрае подолго. Многу од нив велат дека се принудени да ги зголемат крајните цени на производите и услугите, но од друга страна, со тоа ризикуваат да им се намали конкурентноста и продажбите.

Но, високите цени кои ги донесе војната во Украина предизвика и многу големи проблеми на макро ниво. Економските и монетарните власти во целиот свет се соочуваат со главоболки како да ја спречат се поизвесната стагфлација, односно периодот на низок економски раст, висока инфлација и зголемена навработеност кој се заканува на светската економија.

Војната во Украина, донесе една битна дилема за носителите на политките. Од една страна е справувањето со инфлацијата, а од другата страна е да не се задуши закрепнувањето на економијата. Исто така, од една страна се мерките и поддршката на разнливите категории, а од друга страна зајакнување на фискалните бафери, консолидација и стабилизирање на долгот”, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата најнова колумна.

Многу централни банки во светот, меѓу кои и македонската, започнаа со зголемување на каматните стапки во обид да ги смират високите цени и ифлацијата кои се на највисоко ниво во последните 30-40 години. Но, борбата со инфлација преку повисоките камати секогаш има економска цена, односно ризици за забавување на растот и зголемување на невработеноста.

Она за што се согласуваат и домашните бизнисмени, но и светските експерти, е што светот се наоѓа можеби во најтешка ситуација после Втората светска воја. Економската криза и проблемите во економијата кои ги предизвика пандемијата на Ковид 19, доживуваат кулминација со почетокот на војната во Украинаи санкциите кон Русија, заради што се пореметени буквално сите пазари во светот.