Home Вести Во зоните се вработени над 15 илјади лица, 1.000 нови вработувања во...

Во зоните се вработени над 15 илјади лица, 1.000 нови вработувања во првата половина годинава

За првпат во јуни ја поминавме границата од 15.000 вработени во зоните, што е за 1000 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се веќе првите ефекти од инвестициите кои ги постигнавме минатата година, а со кои се предвидува отворање на над 2700 работни места во следниве години. Успеавме да ја постигнеме и најголемата инвестиција во Зоните досега. Германската фармацевтска компанија Гересхајмер ќе вложи 126 млиони евра. Ова е само прва таква голема инвестиција. Веќе разговараме со двајца нови инвеститори чии поединечни вложувања се над 100 милиони евра. Со ова С.Македонија влегува на мапата на земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ при презентација на резултатите од првите шест месеци и идните планови на Дирекцијата.

Деспотовски посочи дека само во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции со 5 компании во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Деспотовски најави и дека во тек се преговори со американско-тајванска компанија за инвестиција од над 250 милиони евра, која ги разгледува Западен Балкан и Кина како опција за инвестирање, а  С.Македонија во регионот е во конкуренција со Хрватска и Србија.

Анализата на ТИРЗ покажува дека само постигнатите договори во првиот семестар, треба да донесат речиси 3000 нови работни места, да остварат вкупен приход од над 2,2 милијарди долари, а во буџетот да се слеат над 130 милиони евра на основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка.

Инаку, според анализата во зоните е регистрирано и рекордно полугодие во изминатите четири години и во однос извозот и на увозот. Така вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигна 1 милијарда и 717 милиони евра што е за 11,5% раст во однос на 2021 година, над 87% во однос на 2020 и 25,5%  односно 49% повеќе споредено со истиот период од 2019, односно 2018 година. Рекордна економска активност има и кај увозот во зоните. Во првиот семестар од 2022 вкупното ниво на увоз достигна 1 милијарда 601 милиони евра што споредено со истиот период во 2021 година е за 4,3% повеќе, додека во однос на 2020 има раст од над 97%, а во однос на 2019 и 2018 година има раст на увозот од 23,6%, односно 63%. Анализата покажува и стабилен нето извоз од е 7,2% во првите шест месеци, односно од 116 милиони евра.

Помеѓу новините кои дирекцијата ги воведе во овие шест месеци е меѓународна ИСО стандардизација за борба против корупцијата и квалитетот во работата, развој на нова Методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции која се изготвува со бизнис заедницата и PWC,  #Smartinvest.mk нова програма за поттикнување на инвестиции во соработка со Економист, како и отворање на можности за млади и пракса во ТИРЗ.

Деспотовски најави дека во следниот период ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои пилотирање на активности во рамки на Стратешкиот зелен инвестициски фонд. Во тек е втората фаза од изградбата на првата зелена/здравствена зона  на Балканот, со вредност на инвестиција од над 400 милиони евра, пристап до обновливи извори на енергија во ТИРЗ со вредност на инвестиција над 120  милиони евра и изградба на прва високотехнолошка развојна зона – Скопје 3 со потенцијал за инвестиции од над 850 милиони евра и до 5000 високо платени работни места.

Дирекцијата работи и на развој на нов концепт #Добра работа чија цел е поттикнување на раст на добро платени работни места во компаниите во ТИРЗ како и поттикнување на поголема мобилност на трудот во националната економија, креирање на единствен и реален пазар на труд и целосно отворање на пазарот на труд кај компаниите во ТИРЗ.

error: Content is protected !!
Exit mobile version