Во првите осум месеци македонските компании од прехранбената индустрија извезле храна во вредност од 224 милиони евра, што е за 5,57% или за 13 милиони евра помалку во споредба со истиот период минатата 2019 година.
Ако се анализира по групи на производи, најголем дел или речиси половина од извозот отпаѓа на извоз на свежо овошје и зеленчук.
Статистичките податоци покажуваат дејка во периодот јануари-август од Македонија биле извезени зеленчук и овошје во вредност од околу 105 милиони евра, што е  за 4,4% или за 4,8 милиони евра помалку во споредба со извозот остварен во претходната  година.

Втор најголем извоз е реализиран со производи од жита и житни производи, во кои доминантни се кондиторските производи, чиј извоз во првите осум месеци годинава бил помал за 8,2% во споредба со истиот период лани и изнесувал  47,7 милиони евра.

Извозот на месо и месни преработки бележи раст од 1,7% во првите осум месеци годинава и податоците покажуваат дека од продажба на овие производи на странски пазари е остварен девизен приход од 19,6 милиони евра.

Извозот на млеко и млечни производи бележи најголем пад 21,7% и во првите осум месеци се остварени продажби од 14,4% во споредба со истиот период лани.

Корона кризата го зголеми дефицитот во трговијата со храна

Податоците за првите осум месеци покажуваат дека увозот продолжува да расте, но со забавено темпо. Така, во периодот од јануари до август годинава сме увезле храна во вредност од 437 милиони евра, што е за 3,8 милиони повеќе (0,9%) повеќе во споредба со истиот период минатата година. Со то дефицитот во трговијата со храна со светот во периодот јануари-август годинава достигна 213 милиони евра, што е за 17 милиони евра или за 8,7% повеќе во споредба со лани.

Најголем дел од увозот на храна во првите осум месеци годинава отпаѓа на увезено месо, за кое сме платиле 92,5 милиони евра. Увозот на месо и месни преработки во овој период бил за 2,1% помал во споредба со првите осум месеци од 2019 година.

Втора најголема ставка на страната на увоз на храна се житата и преработките од жита во вредност од 62,7 милиони евра, кој во споредба со лани е зголемен за 1,21%.

Увозот на свежо овошје и зеленчук во првите осум месеци годинава е најмногу зголемен, за 8,42% или за 5,2 милиони евра. За свеж зеленчук и овошје произведени во странство се потрошени 62 милиони евра во првите осум месеци годинава.
Увозот на млеко и млечни производи исто така е намален за 2,1% и изнесувал 50,7 милиони евра во периодот од јануари до август годинава.

Најголемо намалување на увозот во овој период има кај рибите и преработките од риби, кој во првите осум месеци изнесувал 14,6 милиони евра и е за околу 1,8 милиони евра или 10,6% помал вооднос на истиот период лани.

Косово и Србија се најголеми пазари за македонската храна

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем пазар за македонските прехранбени производи останува Косово, каде во првите осум месеци годинава биле продадени производи во вредност од 30,2 милиони евра.

Србија е втор најголем пазар каде се извезени македонски прехранбени производи во вредност од 28 милиони евра. Трета е Русија, каде во периодот од јануари до август биле извезени производи во вредност од 16,7 милиони евра. Следат Хрватска со извоз од 16,7 милиони евра, Босна и херцеговина со извоз од 14,3 милиони евра, Италија со извоз од 12,7 милиони евра, Романија соизвоз од 10,6 милиони евра и Германија со извоз вреден 10,4 милиони евра.

Според статистиката, македонските преханбени производи годинава се продавале во вкупно 77 земји, но само на горенаведените осум пазари има реализирано извоз поголем од 10 милиони евра.